Димитар Илиевски - Мурато
Краток текст по повод доделувањето на „Медалот за заслуги за Македонија“ напишан од Јован Попоски - водач на МАХЕ „Еверест '89“
Димитар Илиевски - Мурато како член на МАХЕ Еверест '89 (Македонска алпинистичка хималајска експедиција '89), на 10-ти мај 1989 год. се искачи на Мт. Еверест (8848 м.) и стана првиот Македонец што го развеа македонското знаме на врвот на светот. За жал Димитар Илиевски не се врати од планината.
Во тоа време му беа доделени многу спортски и државни признанија и одликувања, а деновиве, заедно со Д-р Глигор Делев, вториот Македонец што се искачи на Мт. Еверест, ќе биде одликуван од Претседателот Бранко Црвенковски со Медал за заслуги за Македонија.
За сите блиски на Диме ништо не може да ја замени загубата што Диме остана на Мт. Еверест, но ова одликување од Претседателот Бранко Црвенковски и сите претходни одликувања и признанија кажуваат колку Македонија го цени Великанот што прв го развеа нашето знаме на Врвот на Светот и постави уште еден голем датум во нашата историја.
Ова треба да ја претвори нашата тага по Диме во гордост што го имавме Диме, да ни даде мудрост вечно да го памтиме Диме и сила активно да го живееме секој ден како што живееше тој. Животот на Диме имаше смисол - го крена неговото име до историјата на Македонија, го крена името на неговата фамилија, го крена името на Македонија.
- 29.02.2008год.
- На фотографијата е прикажан Диме, меѓу првиот и вториот висински камп на Еверест во 1989 година... |