Отмар - лева варијанта IV+ (V-)
- Игор Т. (02.05.2009г.)
На оваа насока до сега сум бил само еднаш и тоа точно пред десет и пол години. Не можам ниту на самиот себе да си објаснам зошто е тоа така и прво и единствено во глава ми доаѓа: „обраснатост“, „ронливост“... Никакво оправдување во основа! Како и да е – денес со Весна некако конечно успеавме да го материјализираме тоа што на многу пати до сега ни доаѓало како потреба – да ја повториме насоката која секогаш ни паѓала во очи седнувајќи на терасата од која почнуваат сите „популарни“ насоки на Матка...
Не се сеќавав на сидриштата и со мене земав само еден комплет чокови и 4 френда од „средна големина“. Првото сидриште го направивме на полицата на 15-тина метри над терасата каде почнуваат сите насоки. Тоа е полицата со лепениот клин. Од овде стигнав до делот кога левата варијанта на „Отмар“ се дели во лево од насоката и продолжува во џунглата... Не е баш така страшно – едноставно не ми доаѓа некој друг збор. Значи се следи таа многу очигледна линија која е навистина зазеленета. Ем не се гледа никаков клин – ем фаќалиштата и стојалиштата се многу умешно сокриени и заземјени – лизгави ако се претера во размешувањето т.е. секој обид да се зачисти некое место само прави полошо. Земјата останува залепена на патиките и станува ептен лизгаво.
Второто сидриште го направив на цела должина на јаже (60м) – на едно многу стабилно такво обраснато место – со гуртна и поставив плус еден чок и еден френд.
Весна дојде до мене и бидејќи не можеше да застане стабилно на ова место кое беше тесно и „висечко“ се искачи уште два метра над мене и прикопча клин и постави друг френд. Тоа е местото во насоката од каде почнуваат деталите со поголема тежина – најпрвин еден мал превисест дел и потоа супер пукнатина со убави движења. Супер детали! Се сеќавам на само еден клин овде – сé друго беше во чист стил сé додека не се поминат овие места во кои одлично се поставуваат френдови. Впрочем во пукнатината има и стар заглавен френд со замка на него...
Над овие детали најдов уште два клина во сите тие 60 метри колку што поминав т.е. колку што ми е долго јажето. Првиот клин кој беше веднаш над пукнатината беше всушност кајла која беше закована во пукнатина оформена од добар ѕид и нестабилен блок кој со тек на време се олабавил и кајлата ми остана во рака. Ужас! Вториот клин беше 15-тина метри погоре и беше еден од оние што ти викаат „Прикопчај ме брат – но не ти ветувам...“ И го прикопчав...
Оваа должина повторно ја истегнав цели 60 метри и сидриштето го поставив на добро дрво со гуртна и френд „зад грб“. До излезот имаше уште само 20-тина метри по малку нестабилен терен кој Весна го помина фино балансирајќи. Овде имаше само еден клин. Излезот на насоката е всушност на дрвото каде завршува „Козина“ и од овде по лесен гребен до крајот.
Насоката е супер. Независно што неколку пати повторив демек дека било зазеленето, „вакво-онакво“ – има многу убави движења! Тоа што сепак би го повторил уште еднаш како за крај – дефинитивно треба да се носи сопствено обезбедување. За брзо и ефикасно качување секако чокови и френдови со тоа што треба голема внимателност во изборот на местата за поставување, а ако некој не се чувствува сигурен со нив – тогаш дефинитивно и клиновите се обавезни!!! Не можам да кажам дека нема клинови – можеби и има – но со целата таа вегетација ние не видовме многу (освен во првата должина), а тие што ги видовме беа од оние пријателски што те советуваат да знаеш дека веројатно се само ментална поткрепа...
Оваа насока дефинитивно е супер искуство. На моменти „микс-терен“ (карпа и земја), меѓутоа ќе ни биде почесто на репертоарот посебно поради тоа што има мнооогу фини можности за чисто качување што во (скоро) централниот дел на нашата прекрасна Матка е вистинско освежување!!! Секако што повеќе и други луѓе качуваат – ќе биде и почиста. Ако ме разбирате што сакам да кажам :)...
Забелешка: Се сеќавам на едно искуство при искачувањето на „Отмар“ во дожд. Тогаш бев со Екалабја Божинов и намерно влеговме да качуваме во такви услови – врнеше уште кога доаѓавме на Матка... Кога стигнав под превисот на Отмар почна посилно да врне и застанав да извадам од ранецот ветровка да се облечам. Екалабја беше кај дрвото. Во еден момент се слушна страшен тропот и по „Отмар – лева варијанта“ се стркала еден огромен блок. Тоа е еден од тие моменти кои те тераат да си помислиш: „Што ако тргневме 10-тина минути подоцна?!?!?!“
Тоа е така затоа што оваа варијанта во еден момент високо во насоката поминува низ еден малце „разрушен“ дел со многу камчиња, блокови, дрва... Веројатно во такви услови – дожд, снег и слично – тие пролизгуваат надолу и паѓаат низ насоката. Треба да се внимава на тој момент...
|