Share

Борник (IV-)

-23.03.2010г., Игор Т.

Мојата прва насока. На само девет дена откако прв пат почнав да комуницирам со карпата и прекрасниот свет на вертикалите, воден од Јован Попоски на оваа насока прв пат качував „во наврска“ со сé што тоа значи: обезбедување, комуникација, откопчување комплети, примопредавање на опрема на сидришта – продолжување нагоре... Вистинско алпинистичко искуство кое до ден денес го немам заборавено.

Први качувачи: Петровски Борис и Бартлинг Никита. Името на насоката е комбинација од првите букви од нивните имиња.

Датум на прво искачување: 20-ти Ноември 1966 година

Насоката денес е чест вовед во качување насоки со повеќе должини за почетници. Но понекогаш и како едноставно уживање ја користат и поискусните алпинисти, а често поради не многу високата техничка тежина се качува и без обезбедување. Во зимски услови ако периодот при врнежите на снег бил сув, насоката знае да задржи снег на себе и нуди убава можност за тренинг за качување микс насоки – качувајќи со цепини и дерези...

Најчесто се качува преку четири должини, од кои втората е движење низ лесен терен, а останатите иако лесни - со убави движења. Првата должина се движи низ терен со убави и големи фаќалишта, со едно интересно движење во средината и плочест излез до првото сидриште. Втората должина е лесна и се движи низ тревест дел нагоре кон плочите во втората половина од карпата.

Третата должина е жлебеста. По неколку лесни скокови се влегува во десната страна на тој отворен жлеб - во лесни плочи, а во горниот дел се оди од десно на жолтиот столб до „патеката“ – делот од каде денес најчесто се симнува насоката „Новогодишен“. Четвртата должина поминува лесни превисести делови со добри фаќалишта - преку експонирани скокови.

На крај - ако времето е чисто, алпинистот е награден со убав поглед кон Шара, манастирот, кањонот...

За жал со оваа насока е поврзан и еден немил настан. Имено, на 21-ви Август 1982 година при пад во неа загинува македонскиот алпинист Васил Франговски – Франго.

 
Copyright © Alpinizam.org