Новогодишен
Први качувачи: Владимир Андреевски и Јован Попоски
Датум на прво качување: 3-ти Јануари 1966 година
Оцена на насоката: II / III
Опис: „Новогодишен“ е гребенот кој се издигнува над браната на Матка. Почетокот на насоката е на мостот кој беше срушен при изградбата на новата зграда на браната и денес најчесто се приоѓа директно на почетокот на гребенот - со преминување на браната или со симнување по патеката од Св. Никола - Шишевски.
Оваа насока доаѓа како добро загревање за потешките насоки на Отмарова Карпа и често се поминува без обезбедување. Техничката тежина е лесна, но има неколку експонирани детали на кои треба да се биде многу внимателен. Во зависност исто и од правецот на движење по гребенот - деталите можат да бидат и многу полесни и многу потешки од оцената која најчесто му се препишува...
Насоката во целост завршува со симнување по гребенот поминувајќи го последното сидриште на „Борник“ доаѓајќи во терен скоро вертикално и многу експнирано над манастирот Св. Никола, меѓутоа денес најчесто симнувањето се прави по „патеката“ која се симнува пред последното сидриште на „Борник“ кон манастирот...
Прекрасна насока со прекрасен поглед...
Како до подолги насоки на Матка?
Секогаш уживам во заедничките искачувања и дружења со Владимир Андреевски и Јован Попоски - први качувачи на многу насоки на Матка, па и на оваа.
Постојано шеги, дофрлувања... Еве еден настан од минатото кој убаво го претставува нивниот карактер: Владимир ни кажуваше за случка во која при поминување на езерото со чамец, им паднало јаже во водата...
Не е важно каде им паднало - ни кажа дека решиле да влезат во водата и да го земат. Во тие моменти имало со нив студент од Словенија или Србија (не се сеќавам) и кога влегувале во водата ги прашал што прават. Тие му рекле дека за да ги направат насоките подолги на Матка, ги започнуваат со нуркање
- од под вода па кон врвот на карпата. Да имаат повеќе должини... :)
:)
Неколку фотографии од насоката:
Фотографијата со Владимир Андреевски е направена 20-тина метри повисоко од фотографијата со број 1. |