На оваа тема:

- Чисто качување - по некој збор од И. Куинард, Т. Фрост и Д. Робинсон

Ветерански V (VI-)

- Игор Т. (08.02.2009)

Во чист стил

На насоките на Матка никогаш до сега не сме качувале целосно чисто. Сме носеле по некој чок или френд со нас меѓутоа тоа било користено минимално. И сето тоа без никакво посебно оправдување – навикнати да качуваме обезбедувајќи се на закованите клинови. Лоша навика во секој случај!

Овој пат без некоја посебна причина, туку едноставно следејќи ја потребата да качуваме во стил кој овозможува многу пофин разговор со карпата, со Весна решивме да ја искачиме Ветерански целосно чисто.

Ветерански е моја омилена насока. Некако ми доаѓа слична на Четири Клина поради пукнатините кои се појавуваат и за кои почнав да станувам сигурен дека се моја омилена форма во карпата. Ми се допаѓаат тие моменти на заглавување на раката во нив...

Во насоката постојано има можност за обезбедување со чок или френд. Постојано има по некоја пукнатина и единствено треба да се биде внимателен во изборот бидејќи често ѕидовите на таа пукнатина се кршливи лушпи или нестабилни блокови во кои обезбедувањето не би држело. Меѓутоа како што има такви места, така има и одлични места за поставување обезбедување. Секако понекогаш растојанието помеѓу две точки за обезбедување ќе биде на поголемо растојание од тоа на кое се поставени клиновите, меѓутоа тоа е едноставно дел од играта. Со чокови, френдови и гуртни ги поставувавме и сидриштата и ефектот беше поцелосен.

На почетокот споменав „пофин разговор со карпата“. Додека качував не се сеќавам дека видов повеќе од 3-4 клина во целата насока. Целосно бев сконцентриран во барањето на соодветно место за поставување на обезбедување во карпата и откривав нови моменти во нејзе. На пример превисот во последната должина. Секогаш таму ја ставав десната рака во „дупката“, потоа со истегнување се издигнував што повисоко со нозете за да можам потоа да дофатам што повисоко преку превисот со рацете... Никогаш не сум го приметил дупчето во карпата кое е на горната страна на ова фаќалиште.

Овде прво мислев да поставам френд во таа пукнатина и приоѓајќи под превисот, во сенката на оваа пукнатина видов светла точка која значеше дека има некое мало дупче во карпата кое не го гледам од долу. Со прст дофатив и видов дека можам да поставам гуртна низ него...

Ова беше само еден момент секако од таа пофина комуникација. Во таква свест почнувате да гледате многу повеќе работи во карпата, кои при претрчувањето на насоката кога се користат клиновите, воопшто не ги приметувате.

Дефинитивно ова беше едно од моите најомилени искуства на Матка. Веднаш почнаа да доаѓаат мисли за целосно изменување на стилот на качување и во нашите локалитети и што похрабро прифаќање на овој чист стил, кој претставува навистина силно и исполнувачко искуство...

 

 

 

 

 

 

 




„Х Х“ се сидриштата. „Жолтото“ сидриште се поставува на тоа место како второ, ако се качува со 50-метарско јаже. Ако се качува со подолго јаже може да се продолжи до првото следно „бело“ сидриште...

Copyright © Alpinizam.org