Ноќно на Матка
- 27.10.2008г., Игор Т.
Какви сé не изговори умот во последно време ми сервираше – само да не бидам во можност да отидам до Матка и преку работните денови... Дури и тоа „во последно време“ звучи добро. Се работи за навистина подолг период како немам качувано насока на Матка освен за време на викендите. Де замор од работа, де краток бил денот, де ова – де она... На крај секако се случуваше трчање, качување на Водно и болдеринг, возење точак - што секако е добро од аспект на кондиција, но имав потреба да качувам повеќе од викендашки. Со ништо не можам да ја скротам потребата да качувам што повеќе и што почесто, а секако при качување мислам на долгите насоки на овој наш локалитет.
Во овој период од годината (крај на Октомври) одењето на Матка „после работа“, со цел да се качува долга насока значи „ноќно качување“ - но немам проблем со тоа. Сакам да качувам навечер и подобро качувам во темница. Кога го гледам само тоа што челната ми дава да го видам, без другите „ситници“ околу мене – колку сум над земја, колку сум далеку од врвот и слично - во такви услови подобро качувам...
Се присетувам на искачувањето на Френдо пред неколку години. Со Екалабја вториот ден качувавме од 8 часот сабајлето до 3 часот по полноќ. Качувавме најмалку 5-6 саати во потполн мрак и тоа на најекспонираниот дел од насоката – чист мраз и креваси при излезот. Не можам да опишам што се случуваше... Но внатрешно бев смирен и качував како во транс. Па ништо и не гледав – само мраз, мраз и мраз... Ја чувствував експонираноста, но кога не гледаш толку многу под тебе како и да не е толку стрмно. Благодарение на Бог насоката ја поминавме повеќе од совршено. Следниот ден во Шамони релаксирано и со насмевка на лицата се шетавме и ги гледавме сликите, постерите и разгледниците од Ду Миди. Имаше една фотографија која сликана високо над оваа игла ја прикажуваше неверојатната експонираност која претходната вечер (и рано тоа утро) ние ја поминувавме. Не можевме да поверуваме. Тоа на сликата не е сигурно „ТОА“?!?...
Забегав малку со приказната... Ноќното качување е реалност. Често треба да се почне некое качување многу рано или пак како претходно опишаното искуство да се излезе на врвот малку подоцна од посакуваното. Секогаш треба да сме подготвени на такво нешто, да сме навикнати, да знаеме дека можеме и да знаеме како е. А супер е!
Посебно овие последни неколку пати…
Александар Зарапчиев е наше другарче кое има неверојатен талент за качување. Тоа ни го покажа уште при првите обиди кога качуваше на плочката покрај езерото и на Трло. Од тогаш момакот постојано запнува да одиме да качуваме и долги насоки, а јас и на него му ги сервирав истите изговори погоре споменати. Секако „заедно сме посилни“ и го победивме тој проблем решавајќи да почнеме ноќно да качуваме. Првиот пат бевме на „Отмар“, вториот на „Матка – лева варијанта“, а еве викендов и на „Нина“. Не знам кога некој кога почнувал да качува воопшто долги насоки, имал повеќе качено во ноќни услови отколку при светлина – али еве на Александар тоа му успева „сакал-не сакал“ :) . И тоа инспирацијата расте па се споменуваат проекти како „сите насоки на Матка – ноќно“ и слично.... Во тој налет на енергија ни се приклучи и Ненад (на Ана), па и со него бев на „Матка лева“… Одлично си поминуваме, засега времето „држи“, мирно е, тивко – идеални услови за качување, па кој е за – бујрум!
Англичани на Матка
Кога бевме вториот пат, на паркингот кај кајакарската патека ноќта приметивме и други качувачи кои се подготвуваа да тргнат пакувајќи ја опремата во ранци. Колата имаше GB регистрација па застанавме и се понудивме да им помогнеме. Секако дека со воодушевување ја примија нашата понуда и со челни лампи на глава ги однесовме до Св. Никола Шишевски каде си поставија шатор. Немаа поим што како ќе качуваат. Имаа книга-водич кој само објаснуваше каде има насоки, но немаше описи за насоките и кога се вративме од нашето качување им објаснив генерално каде има кратки насоки кои ќе можат најлесно да ги најдат, а утредента им ја покажав „Големата слика“... Типчињата правеле двомесечна тура, качувајќи во Словенија, Хрватска, Црна Гора, па еве кај нас, а беа на пат кон Бугарија, Турција, Грција...
Следниот ден имаа можност да уживаат во кратките насоки заедно со Сашо и Гоце од АК Исак Русо, а потоа попладнето со еден од нив пред да заминам на ноќното со Александар бев и на „Ветерански“. Беше среќен и многу му се допадна изборот на насоката.
Беа среќни и двајцата и многу благодарни на сите кои многу гостопримливо се однесуваа и ги подржуваа при оваа посета. Ме инспирираа што побрзо да ја ставиме во употреба англиската верзија на нашата страна каде планираме да ставиме описи од некои од насоките... |