Соло на Матка
- текстови за соло искачувања на „Борник“ и „Нина“
Новогодишен и Борник (текст на Весна Т.)
Качувањето за мене не е само спорт, тоа е свест која ме прави среќна, со секое совршено движење да бидам чекор понапред од проблемите во мојот ум, да се смеам и да бидам благодарна што едноставно постојам. Качувањето ми дава слобода да ги раширам рацете, да ги скинам сите јажиња кои ми ги врзуваат нозете за секојдневните обврски - да бидам тоа што сакам да бидам. Да качувам во тишина на умот, секој мускул и секој нерв заедно да работат во совршенство, да качувам знаејќи дека само небото е над мене и единствената трага што ја оставам да биде во планините на мојата душа.
Вака се чувствував викендот за Водици, кога после период од две години, бев на Новогодишен. Чичкото од браната ме пушти да поминам и одеднаш милион чувства ме преплавија, сé додека не го допрев почетокот на карпата и сé се смири. Бев таму каде што треба да бидам. Почнав да се присетувам на секој пат кога сум била таму – па и на првото искуство на оваа насока...
Почнав да качувам со Надир Мурсели - кога ме однесе на Плочката. Таму беше и Предраг Толмачев (кој во 1998 година загина во лавината на Солунска Глава) и пред нивните очи јас за првпат влегов во светот на алпинизмот. Веднаш потоа си купив патики, не размислувајќи со кого, како и дали ќе можам. Не се замарав со идејата на клубови и тренинзи - сакав само да качувам. И каде да ги испробам моите нови патики со моето никакво искуство, ако не на Новогодишен? Пред тоа само еднаш го имав качено со Надир и Анела во наврска. Сега морав да одам сама.
Времето беше многу убаво, а на мене ми беше страв. Оној страв од непознатото кој ти дава сила да влезеш во него, а не страв кој те скаменува и те остава без здив. Почнав и умот веднаш ми се адаптира на новонастанатата состојба како нешто најнормално и природно. Бев многу среќна, се концентрирав на секое движење, мислев дека танцувам по карпите, се трудев сé да тече спонтано без изгубени движења. И сé беше совршено. Тоа беше мојата иницијација.
Сплетот на околности после тоа беше ваков или онаков: луѓе, тренинзи, подготовки, теорија ( за која мора да признаам I suck), разни очекувања и погледи, неуспеси, успеси, форсирања, откажувања, тапкање по рамо.....светот ме повлече и заборавив зошто го правам ова. Заборавив дека го правам ова за мене.
Е па, да се вратам на почетокот, минатиот викенд за Водици, јас се сетив на мојот прв пат сама на Новогодишен и се сетив дека јас беа таа која уживаше во тоа само за себе. Само за себе. И не завршува сé со Новогодишен.
Повлечена од таа еуфорија, мир, слобода, среќа, не можев туку така да си отидам. Сакав пак да ја почувствувам крвта во моето срце, сакав пак да отидам некаде сама каде што никогаш порано не сум била сама. И како следна по тежина насока тоа беше Борник. Повторно истиот страв и мир кога започнав. Како во бунило, како во прекрасен сон, не знам ни што да напишам за качувањето, многу брзо помина, а сакав да трае зашто бев среќна и сакав да продолжам да бидам среќна, не сакав да мислам на тоа да се враќам надоле по патеката. Ех!!! Се нафатив на играта.
Соло на „Нина“ (текст на Игор Т.)
Соло качувањето постои откако постои качувањето. За мене тоа постои од моментот кога јас воопшто почнав да качувам и едноставно веројатно требаше да дојде некаков вистински момент за да го искусам. Сите овие години бев свесен дека „Да!“ има и такво нешто наречено солирање (со или без обезбедување), но секако не можев да се втрчам во тој свет без доволна созреаност. „Созреаност (во качувањето)“ – колку тоа звучи чудно за луѓето кои не качуваат, можам само да си претпоставам. Ајде „созреаност“ во качувањето меѓутоа колку е човек „созреан“ кога качува сам и без обезбедување?!?! Веројатно такви се размислувањата и секако сето тоа се зачинува со по некој збор во однос на менталниот капацитет...
Како и да е... Мајмунчето во мојата глава се разбуди откако Весна отиде сама на „Борник“. Соло е соло и токму искуството да се биде сам во еден таков свет е најважната работа во процесот, а не техничката тежина. Како и во целиот овој наш свет на качувањето, секој кога доаѓа до своите граници доживува задоволство и исполнетост. Тоа чувство е сосема подеднакво – кај тој чија граница е XII и кај тој чија граница е III. Подеднакво. Не се важни тежините туку искуството. Тежините се важни секако да знаеш да не влезеш да солираш нешто што е преку твоите граници (посебно на почетокот на таквиот начин на комуницирање со карпата) – но најважно е искуството што го доживуваш при тоа.
Во моментот кога решив да качувам на „Нина“ сé беше совршено јасно и никако избрзано или наметнато. Едноставно кажано – се чувствував подготвен. Насоката ја имам поминато неколку пати, техничката тежина не е голема и единствениот позитивен страв кој ме правеше да бидам што повеќе фокусиран во качувањето беше фактот дека карпата барем во првата должина е ронлива. Многу е важно човек да биде свесен и да се програмира (посебно кога решил да не се обезбедува како јас во тој случај) – дека ситуацијата не дозволува пад. Нема место за такво нешто. Бев среќен што го знаев тоа и си го покажав „во пракса“ уште во првите моменти. Се сеќавам на 20-тина метри над земја кога дојдов до еден влажен, а исто така и ронлив дел во насоката си помислив како во таква ситуација обично би погледнал надолу за да видам каде ми е последната прикопчана точка за да калкулирам пад, меѓутоа овој пат знаев дека не можам да ја правам таа калкулација. Бев среќен што бев свесен за моментот пред тој да ме направи свесен.
Качувањето инаку одеше многу фино и никогаш насоката не сум ја поминал толку лесно. Местата каде обично трошев енергија за прикопчување сега толку брзо ги поминував што не ми оставаа впечаток на такви – „потешкички“ места кои ми останале во сеќавање. Се изненадував кога ќе приметев дека сум веќе над нив. Се приметував дека сум многу фокусиран и тоа многу повеќе отколку било кога кога сум ја качувал насоката со некој партнер и со обезбедување. Бев среќен бидејќи сето тоа беше постигнато без ментален напор и уживав во целата ситуација. Беше прекрасно и чудно некако. Се чувствуваш слободен само тоа не смее да ти удри во глава... Весна фотографираше и додека се поместуваше од едно место на друго чекајќи ја – погледнав надолу и во целата таа експонираност – забележав под мене немаше јаже, карабинери на мојот појас, мојот појас... Си се насмевнав...
По искачувањето следуваа „добри“ и „лоши“ коментари. „Добри“ се комплиментите, а „лоши“ се сите зборови со кои сите мои пријатели со најдобри намери се обидуваат да ме опаметат можеби... Во секој случај – имун сум и на двете. Ниту добрите коментари ќе ме охрабрат за во иднина да продолжам со ова, ниту лошите коментари ќе ме обесхрабрат. Ништо не може да ме подбуцне или приземји. Солирањето е навистина многу интимно искуство и доаѓа во момент кога само јас сум подготвен за такво нешто или не доаѓа. Толку едноставно. Длабоко во себе чувствувам дека вакво нешто ќе се повтори – на полесна или потешка насока независно, но кога - е тоа не знам... За ден-два, месец, година...
Беше прекрасно искуство дефинитивно!
|