Матка - лева и десна варијанта
-01.03.2010г., Игор Т.
Во долниот средишен дел на карпата на Матка има карактеристичен столб по чии рабови се издигнуваат две многу популарни насоки: Матка - лева варијанта и Матка - десна варијанта. Додека последната должина за двете насоки е иста, долните должини се приказни сами за себе. Ако „Матка лева“ е насока по која сите многу често качуваме, „Матка десна“ барем јас ја оставам за „специјални моменти“ бидејќи ми е „траума од детството“ :)
Матка - лева варијанта (IV+/V)
Први качувачи: Јован Попоски и Борче Јовчевски
Првата должина не е нешто посебно карактеристична, започнува во средината на споменатиот столб и по неколку лесни и плочести скокови се стигнува до првото сидриште на една мала полица. Од неа се пречи во лево кон левиот раб на столбот по кој по кратка должина се стигнува до поголемата полица и второто сидриште. Третата должина е многу убава. На моменти го следи работ, но и плочите во тој дел на столбот. Има многу убави и експонирани движења кои за жал поради карактерот на карпата на моменти се нестабилни. Сепак ептен ми се допаѓа оваа должина!
Последната должина (од сидриштето „кај кутијата“ па нагоре) е исто така интересна, со фини и лесни превисни скокови со големи фаќалишта. Во неа најкарактеристичен е превисот на неколку метри пред излезот на гребенот - кој од долу поради плочите изгледа тежок, но со голем дофат над превисот нуди добри фаќалишта и лесен излез (барем за повисоки качувачи). Од оваа должина нагоре се следи лесен терен (но кршлив - внимателно движење!) кој излегува по 60-тина метри на терасата на врвот...
Матка - десна варијанта (V+/VI+)
Први качувачи: Јован Попоски, Слободан Јованоски и Борче Јовчевски
Насоката покажува каква е уште во првите 10-тина метри во првата должина. Потребни се прецизни и добро осмислени движења и концентрација до самото сидриште. Во оваа должина најубави се движењата кога се излегува на остриот и експониран раб... Втората должина е полесна и го следи работ кон превисот кој насоката „Ветерански“ го заобиколува од десно. Сидриште може да се направи под самиот превис, но ако има наврска под вас во „Ветерански“ со цел да се минимизира опасноста да бутнете некој камен или блок кон нив, второто сидриште може да се направи и на големата полица во лево, каде сидриште вообичаено се прави за „Матка лева“ и „Циго“.
Превисот е веројатно најтешкиот детал во целата насока и причина за мојата траума (Тоа надополнето и од фактот што Весна го поминува како играчка). Сепак и над него техничката тежина не се повлекува. И повторно - до самото сидриште. Движењата мора да бидат добро осмислени и да бидат изведени многу прецизно. Оваа должина завршува на сидриштето „кај кутијата“ и од горе излезот е ист како за „Матка лева“. По вчерашното качување на оваа насока - ако некој сака да ја повтори, пријателски препорачувам да ја викнете Весна да ви ја води третата должина ;) Тоа всушност јас и секогаш го правам во тие специјални моменти кога ќе ми се приоди во оваа насока :)
Сериозно - супер насоки кои мора да се пробаат! |