|
На Плетвар
Прополис, Цицка и Ајкула
23.05.2009год. - Осамнаа три нови насоки во чист стил на овој локалитет. Значи во период од една недела, со најголема заслуга на Горан Кузмановски и Вања Атанасов, најпрвин се промовираше нов локалитет на алпинистичката карта на Македонија, а се искачија и пет нови насоки...
Во некој од претходните текстови спомнав дека секогаш кога некој ќе ме повика со таква идеа - да се качува на нов локалитет, првенствено, чисто... - ме фаќа криза и почнувам да се тресам додека не отидам да видам што е како е таму. Така беше и сега. Горан и Вања веќе имаа искачено две насоки и за викендов се договоривме да се видиме.
Со Весна не тргнавме нешто рано од Скопје и под карпата бевме некаде околу 11:30. Битолчаните веќе ја качуваа и привршуваа својата прва насока тој ден. Кога ние почнавме да бараме линија каде да влеземе - тие веќе беа кај нас и со своите коментари и шеги ме потсетија на супер поминот на Патишка зимоска. Сакам да ве предупредам само дека дури и кога ќе ви кажат дека кажуваат нешто сериозно (и се сериозни во лицето), а „не со мајтап“ - не се сериозни. Не знам дали некогаш се сериозни всушност... Цело време смеење, дофрлање...
НО! Беа сериозни за локалитетот. Добри можности за качување на цврста карпа која изобилува со опции за чисто качување што многу ме исполнува како стил. Карпата држи супер „на триење“ - па дури и на мовта на што се привикнувате уште во првите моменти (сакале - не сакале :)) Супер пукнатини - и тие во кои може да се стави френд или чок т.е. обезбедување, и тие „хемиските“ - кои се како отворени, но се одлични за качување.
Ајкула (IV-/V, 90м)
Први качувачи: Игор и Весна Талевски
Опис: Нашата линија влегува во десниот дел од карпата (кога се гледа на неа од Плетвар) и во првата должина следи пукнатини кои засекуваат плочести делови во кои на моменти се качува во лесен дилфер. Овде на моменти има мов, но има добри фаќалишта и фино обезбедување. Должината е 30 метри и првото сидриште го поставив на првата поголема полица на која наидов со оглед на тоа што втората должина влегуваше во терен во кој не бев сигурен дека би стигнал со целото јаже до излезот и дека би се направило триење во точките за обезбедување.
Втората должина преку лесен жлеб влегува во тесен камин од каде во лево се продолжува во тесна пукнатина. Овде преку хоризонтални пукнатини (од долу кога им се приоѓа не се гледаат) се прави пречење во лево и изгледа дека „ќе биде тешко“ меѓутоа вертикалната пукнатина крие добри фаќалишта и место за чок/френд. Оваа должина преку мал превисест дел завршува после 35 метри на широка тревната тераса.
Третата должина е всушност лесен излез: најпрво преку 10-тина метри висок вертикален дел кој се издигнува веднаш над терасата, а потоа уште 20-тина метри преку блага, но плочеста стрмнина (внимавајте) до врвот на карпата.
- Игор Т.
Прополис и Цицка
Први качувачи: Горан Кузмановски / Вања Атанасов
Опис:...Јас и Вања во саботата околу 10 часот бевме на Плетвар. И ја почнавме третата наша насока на овај локалитет. Стартот е на неколку метри десно од Гандалф, во многу убав камин. Вања иако со малку температура сакаше и ја водеше првата должина, Одличен камин со убави стојалишта кој беа прекриени со едно како тепих, црно по боја, некој викат мов се викало ама незнам, ние мислиме дака го лепат Прилепчанчиштава, ама то треба да се доутврди. И така оваа должина беше околу IV IV+ кат. Втората должина ја имав јас. Следев лушпи низ плочата на кој и се осигурував со мали чокчиња, па траверс надесно за да го искачиме централниот дел на "левата цицка" (така си го нарековме тој масив). И оваа должина беше лесна околу IV Кога бев на второ сидриште тогаш стигнаа Игор и Весна на паркингот, па падна дерење – демек довикување. Оддолу ни личеше дека во жлебот ке можи да се осигуруваме само со клинови (кој не ги носевме) но кога Вања стигна поблиску се отвори вертикална пукнатина која беше убава за чокови, а од страните пак имаше од то црното шо го лепат овие... (кога к е го доиспитаме ке кажиме точно шо е то)....
- Горан К.
Повеќе инфо и фотки за овие 2 насоки на сајтот на СКК „Вертикал“ >>>> |
Околу Плетвар:
- Димитар Илиевски - Мурато,
- Гандалф,
- Прополис, Цицка и Ајкула,
- Трочоци;
- Елена;
- Жолта Лозова |