На 26-ти Ноември 2006г. во чест на првиот роденден на Alpinizam.org заедно со Весна искачивме нова насока на Матка.
Црно – Бело, VI ( V-, A0)
Насоката се наоѓа на плочата која се наоѓа десно од првиот десен гребен кога се преминува езерото со чамец – во горниот дел на тој гребен. Поточно, насоката го следи десниот жлеб на таа плоча.
Пристапот и симнувањето се прават преку двете патеки кои се одвојуваат од патеката која води од манастирот Св. Никола до езерото. Пристапот е преку долната патека, а симнувањето преку горната патека - кои се одвојуваат во лево кога се симнувате кон езерото, или во десно ако сте го поминале езерото со чамец.
Насоката го следи жлебот во целост (без „да се бега“ во лево или десно) – кога се гледа од долу, па дури и кога се стои под самата насока се создава лажно мислење дека насоката е лесно следење на пукнатината во жлебот и дека тежината не би требало да помине повеќе од IV, но кога ќе се влезе во неа е сосема поинаку. Пукнатината е многу плитка за ставање било какво обезбедување па дури и за качување.
Левиот ѕид е црн, со мов и без никаква можност за поставување обезбедување. Има само пукнатини кои се премногу плитки. Тој е многу цврст и компактен и е добар само за качување – но кога сте во жлебот, има само неколку запчиња во целата насока кои се употребливи. Десниот ѕид е бел, целиот искршен (ако се качува насоката тоа ќе се среди) и има многу нестабилни големи блокови што претставува голема опасност за вториот бидејќи сé би паднало врз него, а обезбедување се поставува само преку френдови и чокови. Во целата насока се оставени само 4 клина – 2 во првата должина, 1 во втората и 1 на сидриштето на крајот од втората должина.
Насоката има две и пол должини, од кои првата е долга околу 40 метри, втората околу 45 метри, а половинката – околу 25 метри. После овие две и пол должини се следи гребенот до излезот каде исто така се поминуваат околу 2 цели должини. Треба да се внимава на излезот – карпата е многу остра и во голема мера го трие јажето, а посебно поради тоа што има неколку скокови на гребенот.
Насоката е многу логична – ако се бега: лево се влегува во плоча, а десно во „полесен терен“. Двете должини во целост го следат жлебот, а на крај тој е и малку превисен. Во првата должина по кратко полесно качување, некако како одеднаш да се влегува во тој жлеб. Тука има мали фаќалишта и неколку тенки пукнатини за мали чокови и френдови – тука е поставен и вториот клин. Сидриштето е на дрвото на крајот од оваа половина на жлебот. Се користи коренот над него и голем заб од десна страна околу кој може да се стави голема замка / гуртна.
Од ова сидриште се гледа превисестиот крај на жлебот. Не бегајќи ниту лево, ниту десно од него се следи тежок терен (во континуитет) со можност од поставување само френдови во пукнатината во жлебот. Превисниот дел се минува дијагонално во десно и тука е поставен еден клин. Од тука теренот е полесен, НО внимателно движење поради нестабилни блокови. Сидриштето поради лошиот терен го направивме на дрво кое се наоѓа во десно од жлебот – на гребенот. Тука се користи дрвото и има оставен вертикален клин. Од овде повторно се влегува во жлебот (најбезбедно во оваа должина) и по кратко време се излегува на гребенот од каде по уште околу 2-3 должини се доаѓа до патеката за симнување.
Насоката е крстена „Црно-Бело“ токму поради разликата во квалитет на карпата (и во боја) на страните кои го оформуваат жлебот. |