Дома

Демир Капија

Првомајски празници, 2000 година...

Со оваа реченица започнува текстот на Костантин Циривири - Коки во описот на искачувањето на Славкова насока на Демир Капија објавен во првиот број на „Корав“ (Март/2002г.). Во период од три викенди во тој период се искачуваат шест првенствени насоки. Со оглед на тоа што насоките се посветени на шест наши починати пријатели и колеги алпинисти: Бранко Ристевски, Влатко Боцевски, Огнен Филиповски, Предраг Толмачев, Славко Тодоровски и Зоран Ристоски - текстот на Коки е многу повеќе од само опишување на искачувањето на таа насока (и на таборот). Тоа е емотивна приказна за нераскинливото „братство на јажето“ - вечното партнерство помеѓу алпинистите... Јас во тој период не бев во Македонија, а Весна беше дел од таборот кога беше искачена „Славкова“ (прочитајте го текстот „Железна Порта“). По враќањето, секогаш кога одевме на Демир Капија качувањето се сведуваше на повторување на истите насоки - „Полжав“, „Тулумба“, „Блажева“... Некој чуден ментален склоп не' одвлекуваше од тие нови 6 насоки и ја имавме повторено само „Славкова“... Прелистувајќи го списанието пред некој ден - како нешто да се разбуди во мене и посакав да ја поправам грешката - веднаш! Го контактирав Коки и го замолив да ми прати описи на тие насоки и еве ги споделувам со вас. Недостасуваат фотографии со исцртани правци на движење во карпата на насоките, но се надевам наскоро и тоа ќе биде...

- Игор Т. (02.07.2009)

Насоки искачени во тој период:

1. "Влатчева насока ", V+, 250 метри, 23 Април 2000. (К. Циривири - Сашко Mирчевски, во горниот дел K. Циривири - Славко Тодороски во 1994 година) Почетокот на насоката е обележан. 
2. "Славкова насока“, VI+, 200 метри, 29 Aприл 2000. (К. Циривири - Надир Мурсели) Почетокот на насоката е обележан.
3. "Зорева насока", V+, 200 метри, 7 Maj 2000. (С. Мирчевски - Н. Мурсели). 
4. "Грицко", IV+/VI+, 200 метри, 30 Април. (К.Циривири - Никола Боцевски). Почетокот на насоката е обележан.  
5. "Оги", IV+, 200 метри, 7 Maj 2000. (К. Циривири - Н. Боцевски). 
6. "Бранчева насока ", VI+, 200 метри, 6 Maj 2000. (К. Циривири - С. Мирчевски, а првата должина К. Циривири - К. Стојанов во 1997 година). почетокот на насоката е обележан.

Забелешка: Под описите за овие насоки - најдолу во текстот, даден е и описот на насоката „Гавран“ (VI,VI+/VII-) искачена околу првомајските празници 1994 година од Костантин Циривири и Славко Тодоровски

 

Описи на насоките (недостасуваат во моментов на „Славкова“и “Грицко“):

Име на насоката: „Бранчева“ - посветена на Бранко Ристевски
Датум на искачување: 6. 05. 2000 
Први искачувачи: Костантин Циривири и Сашко Мирчевски, а првата должина Костантин Циривири и Кире Стојанов во 1997 година
Оцена: VI+ 
Тип на насоката: насока со превисни диедри (жлебови) - со парцијална застапеност на плочи и таван.
Краток опис: Почетокот на насоката е 20 метри во лево од почетокот на насоките „Блажева“ и „Карактер“. Обележан е со црна боја - напишано е името на насоката. Осигурувалиштето е под една смрека на десната страна од столбот. од тука се оди право нагоре пратејќи го диедарот на десната страна од столбот , минувајќи низ превисни скокови. Крајот на првата должина е под врвот на столбот. Во оваа должина има околу 10-тина клина на најтешките места. Тежина VI со неколку движења VI+. Должина 50 метри.
Од тука се продолжува нагоре до крајот на столбот, а потоа во лево се влегува во првиот жлеб до под еден превис со мов, каде се прави сидриште. Должина 40 метри, тежина III.
По жлебот нагоре низ превисот, а потоа во десно до едно дрво над кое што има полица со можност за поставување сидриште. Над полицата има кајла. Должина околу 40 метри, тежина V.
Од полицата нагоре по пукнатината влегувајќи во отворениот и превисен диедар се до неговиот горен крај. На три метри пред крајот на диедарот се префрламе на соседната - десна пукнатина и преку еден мал превис се излегува на терасата под таваните. Во оваа должина има оставено десетина клина на најтешките места. Должина 50 метри, тежина VI+.
Од терасата под таваните насоката се спојува со излезот на насоката „Карактер“ која се наоѓа десетина метри во лево до излезот на насоката „Блаже“ низ еден таван со пукнатина во форма на буквата Ѕ, преку кој се излегува на врвот од карпата. Должина 30 метри, тежина IV+/V-. 
Вкупна должина: Околу 200 метри.
Време на искачување: На првите искачувачи им беа потребни четирипол часа во кое време е вклучено и опремувањето на насоката.
Потребна опрема: 6 - 7 клинови (3 - 4 кајли)
                  4 - 5 френдови ( No 1 -  4)
                          3 - 4 чокови ( No 1 - 4)  
Излез од насоката: По патеката која води од врвот на карпата до тунелот.
 
Име на насоката: "Зорева" - Посветена на Зоран Ристоски
Датум на искачување: 7. 05. 2000 
Први искачувачи: Сашко Мирчевски и Надир Мурсели
Оцена: V+/IV 
Тип на насоката: комбинирана насока низ плочи, столбови и жлебови.
Краток опис: Почетокот на насоката е 30 метри во лево од почетокот на насоката „Грицко“. Започнува право нагоре низ жлеб и превисен столб до првото сидриште на 50 метри. Тежина околу IV+.
Од тука нагоре е во лево до првото сидриште од „Славкова“. Должина околу 40 метри, со тежина околу IV.
Потоа право нагоре по плочите прекриени со мов и слаба можност за осигирување до левиот крај од маркантните тавани, минувајќи низ жлебот од нивната лева страна. Должина околу 45 метри, тежина V+.
Од полиците нагоре до излезот од карпата. Должина околу 20 метри, тежина III.
Вкупна должина: околу 200 метри.
Време на искачување: на првите искачувачи им беа потребни три часа. 
Потребна опрема: 8 -10 клинови
                          4 - 5 френда
                         3 - 5 чока  
Излез од насоката: Излезот е како и за претходната насоката.
Забелешка: Во насоката се останати само неколку клинови бидејќи првите искачувачи располагаа со мала количина клинови.
 
Име на насоката: "Oги" - Посветена на Огнен Филиповски
Датум на искачување: 7. 05. 2000 
Први искачувачи: Костантин Циривири и Никола Боцевски.
Оцена: IV+/IV 
Тип на насоката: Насока низ плочести превиси
Краток опис: Почетокот е на десетина метри во десно од почетокот на насоката „Грицко“. Се започнува по компактни плочи до под превисите. Превисите се качуваат од нивната лева страна, а потоа се излегува на една полица. Потоа низ плочи до едно дрво каде се прави сидриште. Долѓина 60 метри, тежина IV. Од дрвото се оди нагоре и во десно низ компактни плочи пресекувајќи еден жлеб, се до дрвото кое се наоѓа во десно од маркантниот столб кој доминира во тој дел од карпата и продолжува во таваните. Должина 60 метри, тежина IV, со неколку движења IV+. Од дрвото се оди десетина метри во десно на широката тераса. Од терасата каде се прави сидриште се оди право нагоре по средината на столбот кој се издига над терасата минувајќи низ превиси се до под таваните. Должина 50 метри, тежина IV+. Од полиците се излегува по излезот на насоката „Карактер“ опишан претходно.. 
Вкупна должина: околу 200 метра.
Врема на искачување: првите искачувачи качуваа три часа.  
Потребна опрема: 6 - 7 клинови
                          4 - 5 френдови (No 1 - 4) 
                          4 - 5 чокови (No 2 - 7) 
Излез од насоката: Излезот е ист како и за претходните насоки.
Забелешка: Првите качувачи качуваа со 60-метарско јаже. Во карпата се останати само неколку клинови. 

Име на насоката: „Влатче“- посветена на Влатко Боцевски
Датум на искачување: 23. 04. 2000 
Први искачувачи: Костантин Циривири и Сашко Мирчевски, а горниот дел - каминот е искачен во 1994 година од Костантин Циривири и Славко Тодоровски.
Оцена: V/VI- 
Тип на насоката: Елегантна линија во превисни жлебови и камини со различни димензии.
Краток опис: насоката започнува во десно од насоката „Тулумба“. Почетокот е низ отворен и плиток жлеб вертикално нагоре со премин преку плочи и излез на ребро до една ниша каде се наоѓа првото сидриште (IV). Потоа се продолжува по превисен жлеб чии ѕидови се покриени со мов, а потоа низ отворен жлеб со централна пукнатина до една слабо изразена полица, каде се наоѓа второто сидриште (V). Од тука вертикално нагоре до еден засек на гребенот низ кој се спушта во еден граор (сипар) а потоа нагоре до подножјето на еден маркантен камин на левата страна од централниот столб. На плочите по каминот над едно дрво има полица за сидриште со вертикален клин (II/III). Низ тесен и на места превисен камин до едно суво дрво каде има добри можности за сидриште (V+). Потоа по каминот, на места превисен, уште околу четириесетина метри до излезот од карпата (V).
Во насоката се останато само два клина. Има одлична можност за осигурување со чокови и френдови.
Вкупна должина: 250 метри.
Потребно време: За првото искачување беа потребни два и пол часа.
Потребна опрема: 7-8 клина (кајли, хоризонтални и вертикалци)
                          6 - 7 чокови (No 3 - 7)               
                          6 - 7 френдови (No 1 - 5)     
Излез од насоката: Насоката завршува на крајот од карпата (горниот раб) од каде што по патеката се спуштаме до тунелот кај автопатот.
Бидејќи првите качувачи располагаа со мала количина клинови, во насоката се останати само два клина. Препорачливо е на клучните места да се стават (стручно) клинови заради поголема безбедност на качувањето и популаризација на насцоката во чест на загинатиот пријател.  

Забелешка за „Влатчева“ од 2009 година: Денес насоката е исклинчена со експанзиони клинови бидејќи сакавме таа да биде популарна и често качувана. Тоа како што може да се види од текстот во 2000 година беше и остана дел од главниот мотив за искачување на меморијалната насока. Не сакав да направиме насоки што нема да може никој (или ретко кој) да ги повтори или што ќе се качуваат многу ретко. Целта на меморијалните насоки е да се присетуваме на починатите другари. Колку почесто ги искачуваме толку е посилно сеќавањето на нив.

Грижата за алпинистичките насоки не смее да биде параван зад кој ќе се крие грижата за сопствената суета. Новите генерации се секогаш во право - од многу едноставна причина бидејќи иднината им припаѓа ним. Минатото треба да се почитува бидејќи без тоа нема здрава иднина, но доколку минатото се претвори во проектиран императив во иднината, тогаш тоа е крајно деструктивна и многу опасна работа.

 

Име на насоката: „Гавран“

Датум на искачување: 1 Мај (или некаде околу првомајски празници 1994 година) 
Први качувачи: Славко Тодоровски и Костантин Циривири 
Оцена: VI, VI+/VII- 
Тип на насока: Насока во превисни жлебови и плочи. 
Приод:
Приодот е преку централниот сипар (граор) кој се протега низ средината на карпата почнувајки од седлото пред последната должина од ‘‘Б-2‘‘ се до подножјето, т.е. сипарот низ кој е поставена сајлата.
Почетокот на насоката е во подножјето на маркантниот столб кој доминира во карпата, веднаш над сипарот, т.е. на горниот негов раб во овој дел, каде што треба да е обележано името на насоката. 
Краток опис:
Првата должина  започнува по долниот дел на столбот, кој во овој дел е слабо изразен и се движи низ жлеб и плочи, нагоре и малку во лево, како што наведува конфигурацијата на теренот. Тежината во овој дел е околу V со некое движење можеби VI-. (Ова сум го подзаборавил).
Второто сидриште е  на една плоча со многу мала и  недоволно изразена полица. (Би требало  да има експанзиони клинови - откако се поставени експанзионите јас немав прилика да ја качам насоката, па затоа говорам со веројатност).
Од тука започнува  вистинскиот дел - во пукнатината  од левата страна која на почетокот  е легната, но нејзиниот наклон нагоре постепено се зголемува, за во горниот дел да премине во превисни и стомаковидни плочи. Ние качувавме со 45 метарско јаже и во овие превисни плочи направивме сидриште. Истото го правев и при повторувањето на насоката. Тежината во овој дел е некаде VI/VII-.
Третата должина започнува по деликатните превисни плочи, движејки се во десно, после кои што со движење во лево се влегува во жлеб, кој на почетокот е малку деликатен и превисен, а потоа тежините намалуваат и се движат околу IV. На почетокот во жлебот треба да биде третото сидриште. Последната должина е лесна, околу IV и крајот на должината, а и на насоката се наоѓа на голема и маркантна полица во горниот дел од карпата, по која движејки се во лево се излегува надвор од неа. 
Потребна опрема (за оваа состојба со експанзиони клинови):
- Јаже 50 - 60 метри
- 14 комплети 
- 1 мал френд
- 1 голем френд (евентуално  за во пукнатината)
- 1 мал чок
- 2 - 3 клина
Останата вообичаена алпинистичка опрема.

Забелешка за „Гавран“: Ова е по многу што значајна насока на Демир Капија, бидејки до ден денес таа е најтешка меѓу алпинистичките насоки таму. Во неа има мала историја, бидејки колку што имавме ние (јас и Славко) информации од Борче Јовчевски, некои алпинисти од постарите генерации на неколку пати се обидувале во неа, но се откажувале на почетокот на првата должина. За нас беше еден вид на тест на зрелост пред качувањето на Гранд Капусин во 1994 година. Можеби и нема многу вистина во предисторијата за оваа насока, но за мене ова е најдрагата првенствена, и тоа од неколку причини: Пред се заради нашето созревање во тогашната 1994 кога работевме наполно сами без ментори или инструктори; заради тоа што ја качивме за многу кратко време (околу 2,30ч); заради тоа што таму увидивме дека многу е полесно да се качува слободно отколку технички па макар и во првенствена шестка; и на крајот заради тоа што ја качував со Славко, сигурно најсилниот алпинист што јас го познавам, кој за време на качувањето покажа младешки ентузијазам и ‘‘горење‘‘ за алпинизмот за кој подоцна се обидував кај секоја генерација што ја обучував да пренесам барем мал дел од него. Додека беше Славко жив, не бевме воопшто заинтересирани за евиденција на насоки, обележување и сл. Откако почина, секогаш кога ќе седнев да ја опишувам насоката ме напаѓаа емоции и не можев да мрднам подалеку од името.

- Костантин Циривири (02.07.2009г.)

На оваа тема:

- Бранчева и Вертикал;

- Тулумба и Полжав;

- Влатчева;

- Гавран;

- Обеликс, Лева и Тим Билдинг

- Мај/2000г.

Copyright © Alpinizam.org