Share
Дома

Две класики

-06.04.2009г (Игор Т.)

„Тулумба“ и „Полжав“, Демир Капија

Први качувачи: Борче Јовчевски и Миланчо Стојановски - Лавински

Датум на прво искачување: Втората половина од 1980-тите години (за време на подготовките за македонските алпинистички експедиции во тој период)

Во изминатиот викенд направивме еднодневна екскурзија до Демир Капија, искачувајќи ги овие две насоки кои поради својата техничка тежина до V се најчесто качувани во овој локалитет, а посебно како вовед во нешто поголемо од Матка или општо - како запознавање со карпата. Иако најголемата тежина им е „само“ во две должини (во првата и во последната која им е заедничка), сепак во нив има многу убави движења и качувањето е вистинско уживање. А уживавме и во друштвото со Маја Мухиќ и Александар Зарапчиев.

(На фотографијата не се гледа добро последната должина. Од моментот кога се спојуваат линиите всушност има две должини - една лесна преку лесни скокови долга околу 60-тина метри, а друга од 30-тина метри со оцена V)

„Тулумба“ ми е прва насока искачена на некој друг локалитет после Матка. За мене е исто така посебно „интересна“ поради тоа што во неа го имав првиот пад како прв во наврската - и тоа на френд. Во насоката (во далечната 1999 година:)) се сеќавам требаше да качувам со Весна Т. и Костантин Ц. и бев наоружан со полна борбена опрема. Падот се случи уште во првата должина. Го прикопчав првиот клин, а потоа како качував нагоре не можев да најдам друг и во една пукнатина поставив френд (кој ми беше прв во некоја реална ситуација - до тогаш имав поставувано френдови и чокови само на земја :)). Се искачив малку над него и со левата рака се фатив за едно мало фаќалиште кое само што се кренав на него - се скрши. Верувам дека ако френдот не задржеше ќе паднев до долу. Тогаш почнав повеќе да им верувам на овие направи :)

Денес има доволно алпинистички клинови во оваа должина. Таа следи отворен жлеб кој оди кон жолт превис кој се поминува од десната страна. Во него има заглавен камен околу кој порано стававме гуртна за обезбедување, а денес од десно има клин - но каменот е одлично фаќалиште. По уште неколку метри малку раскршен терен се стигнува до ниско дрво зад кое е првото сидриште со два експанзиони клина. Од овде се прави кратка пречка во десно кон гребенот од каде нагоре преку лесни, но убави скокови по околу 30-тина метри се стигнува до уште полесен терен. Следната должина преку таков лесен терен оди кон врвот на карпата кој се гледа над вас. Од тука се прави кратко симнување кон широко и тревесто седло над кое се издигнуваат убави плочи.

Последната должина е во жлеб низ тие плочи и има прекрасни движења. Првите неколку метри се обезбедени со два или три експанзиони клина, а нагоре продолжуваат алпинистички, на доволно добро растојание. Сепак оваа должина има добри можности и за чисто качување поради тоа што следи убави пукнатини. И повторно - прекрасни движења!!!

Од врвот на карпата се прави абзел (од 30 метри) назад до седлото и по рампата која е обезбедена со сајла се симнуваме до реката и повторно во друга насока. Сидриштето на последната должина има два експанзиони клина и по некој алпинистички, а за абзелот се избушени други два на кои има оставено карабинери.

„Полжав“ во првата должина исто така следи жлеб кој при крајот станува малку превисен. Има многу убави движења, а тежината е во малку поголем континуитет отколку во „Тулумба“.

Откако ќе се помине тој жлеб се доаѓа до првото сидриште кое како и сите други погоре е со по два експанзиони клинови. Во првата должина можеби на моменти некој ќе почувствува малку поголемо растојание помеѓу клиновите (не посебно страшно), но има одлична можност за поставување на чокови и френдови.

Од тој момент насоката „се навалува“. Следува кратка должина до една тревната тераса, од каде следува третата должина низ убави, но лесни плочи. Двете должини се кратки - но тоа е така со цел да се минимизира можноста да се создаде триење од поставувањето на обезбедување.

Четвртата должина се спојува со „Тулумба“ и следи лесен гребен кон забот од каде треба да се симнете кон плочите во последната должина (таа должина и симнувањето од врвот се опишани погоре во текстот).

Убави насоки!!!

На оваа тема:

- Хајлендер;

- Бранчева и Вертикал;

- Тулумба и Полжав;

- Влатчева;

- Гавран;

- Обеликс, Лева и Тим Билдинг

- Мај/2000г.

Copyright © Alpinizam.org