Конечно на...
-28.03.2009г (Игор Т.)
Гавран (VI+/VII-)
Први качувачи: Славко Тодоровски и Костантин Циривири
Датум на прво искачување: 1-ви Мај (или некаде околу првомајските празници) 1994 година
Дојде и нашето време за повторување на една од веројатно барем за нашата генерација најмистични насоки (не ми текнува посоодветен збор) на Демир Капија. Кога почнувавме да качуваме Коки ни кажуваше за оваа насока и нивното искачување со Славко и колку е таа тешка, така што мислевме дека треба да сме многу силни и да работиме и работиме МНОГУ додека созрееме да влеземе во неа. Нашето растење во алпинизмот беше исполнето со голема стравопочит кон оваа насока. Секогаш кога ќе се споменеше „Гавран“ - брррр.
И така одолговлекувавме и одолговлекувавме и сериозно почнавме да размислуваме за нејзино повторување дури пред можеби една-две години. Е сега на ова се надоврзува и веројатно мрзливоста почесто да се оди кон Демир Капија или оптовареност да се оди повеќе надвор наместо да се качува во нашите локалитети... Како и да е - во една таква ментална комбинација, во насокава влегуваме после 12 години качување, што не е за фалење секако :)
Но да престанам со плачење - малку за насоката:
Пристапот денес со поставеноста на сајлата над Вардар е лесен и брз. После тоа пречење, се продолжува нагоре по рампата и за 20-тина минути од автомобилот бевме под прекрасниот жлеб т.е. столбот кој води кон него.
Насоката е многу маркантна и логична линија па не читавме некои описи за неа во однос на тоа која должина каде завршува. Ќе ви пренесам како ние ја качувавме. Најпрво - насоката покрај алпинистички клинови има и експанзиони клинови. Имавме со нас и по некој чок и френд, но ги користевме само експанзионите. Секое сидриште има по два експанзиони клина.
Првата кратка должина која до првото сидриште води преку лесни скокови започнува од еден експанзионен клин и во неа најдовме само два клина - но е лесна и тоа обезбедување е сосема доволно.
Втората должина има тежина V и тука качувањето полека станува жлебесто, но е сепак лесно во однос на тоа што се очекува од насоката. Како и погоре во насоката така и тука правецот на движење е многу логичен. По неколку убави движења се стигнува до една поголема полица (како сокриена зад врвот на еден заб) на која има два експанзиони клина.
Од тоа сидриште веќе се влегува во најубавиот дел. Неколку лесни движења и одеднаш фин жлеб со мали фаќалишта или пукнатини во него за заглавување на рацете и на прв поглед лизгави плочи на кои треба да се најде најдоброто место за стапнување со врвот на прстите. И така во убав континуитет. Многу бев среќен за многу движења што ги направив слободно но признавам од целата возбуденост стапнав на еден клин (на почетокот кога од полесен терен скоро одеднаш се влегува во многу потежок). Многу убави движења!!!
Со поставените експанзиони клинови, кога веќе постои такво сигурно обезбедување - препорачувам кога ќе се качува оваа насока да се поминува бавно и прецизно да се избираат движењата. Секое такво деликатно слободно поминување носи голема радост.
Оваа должина завршува откако ќе се дојде во најдесната точка од искривениот жлеб. Тука има два експанзиони клина и првиот може релаксирано да го гледа од горе својот партнер како ги повторува движењата. Должината која следува над ова сидриште е лесна со тежини до IV и најголем проблем имавме заобиколувајќи едно дрво на 5-6 метри под сидриштето кое како да сакаше да не бутне назад во насоката. Од последното сидриште во лево се излегува на врвот на карпата.
Секако е големо олесување кога ќе се помине еден ваков сериозен проект кој со години ментално ме тероризирал. Мислам дека денес со експанзионите клинови многу му е одземено од предизвикот, но сепак веројатно повеќе луѓе ќе ја качуваат релаксирано оваа прекрасна линија. Не можам да одвојам детали - имаше неколку навистина убави движења!!!
Строго препорачлива насока!
Забелешка: Во текстот е споменато дека е качувана насока обезбедена со експанзиони клинови. Ја почитуваме одлуката на првите качувачи да го направат тоа и не постои ниту една насока која до сега сме ја качиле – која не ни се допаднала, со движењата кои ги понудила! СЕПАК, не го охрабруваме поставувањето на експанзиони и слични на нив клинови во нови (а уште повеќе и во стари) насоки и ве охрабруваме да го прифатите тој пристап – да се остава што помалку трага зад себе и да се остават тие „невозможни“ линии за генерациите кои ќе следуваат! |