Дома

Демир Капија – нов почеток

-12.10.2009г (Игор Т.)

Бранчева насока и Вертикал

После точно еден месец од нашата последна посета - нова авантура на Демир Капија:

„Гавранот“ ја дадовме без битка. Ико и Ристе наводно први помислиле на неа во моментите кога зборевме за одење на Демир Капија и „кој-каде“ би одел, па ние решивме „да се повлечеме“ на “Бранчева“ и ако издржи времето (прогнозираа дожд попладнето) да одиме и на „Вертикал“.

„Бранчева“ (VI+) е една од насоките искачени на таборот во Мај 2000-та година – потсетете се на описите овде >>>>. Почетокот на насоката се наоѓа во лево 20-тина метри на висина на почетокот на „Блажева“. На почетокот, под смреката е испишано името со црни букви меѓутоа натписот е многу избледнет и го видовме дури кога дојдовме скоро до него. Сепак нема проблем околу пронаоѓање на почетокот бидејќи пукнатината која во првата должина го следи жлебот на десната страна на столбот е видлива уште кога ќе се помине пристапот преку сајлите над Вардар.

Нешто што ми текнува за таа прва должина е дека уште некаде на средината почнаа да ме болат листовите... Тоа прво ми текнува. Па уште и сидриштето некако така го поставив да и таму некако најмногу тие мускули ги оптоварував... Првата должина е многу добро „добредојде“ во насоката. Убави движења VI/VI+ во фин континуитет. Морав да застанам на 2 места и да виснам на јажето за да најдам решение, да се одморам и да продолжам. Многу добри движења и многу убава линија! Втората и третата должина се лесни, освен еден мовест дел 10-тина метри под третото сидриште. Иако овде деталот е „само“ V сепак во црниот тепих беше незгодно да се најде добро запче за застанување (кое во најдобар случај би се забодело во гумата од патиката за подобро да држи), а телото извртено во лесен дилфер - на фаќалишта кои изгледаа како да ќе се откршат во секој момент. Убав премин од плочест и (краток) мовест дел во терен со наизглед нестабилни фаќалишта.

Четвртата должина е исто така фантастична!!! Толку добра што почнав нов параграф во текстов :)! Првата половина е полесна – на почетокот малку заглавив после само 4-5 метра над сидриштето (едно суво дрво) обидувајќи се да најдам нешто што не дава тап звук за нозете и нешто што ќе можам да го искористам за фаќалиште, меѓутоа пројдов и откако следуваше еден лесен дел – се влегува во еден многу убав жлеб со фаќалишта од тие кои Бог ви ги создава во моменти на очај. Откако имаше неколку такви моменти – како награда лесен премин преку лесна пукнатина до излезот на терасата од каде за малку не ме бутна ветерот назад во насоката да ги повторам движењата. Дуваше силен ветер. Се наведнав надолу да и довикнам на Весна да тргне нагоре кога ќе дојде „крај на јаже“ бидејќи немаше да ја слушам поради ветерот и во тие моменти дувна силен бран и за малку ќе отидев „главечки“ надолу...

Од терасата нагоре преку фини пукнатини и фаќалишта по половина должина се излегува на врвот. Од овде по кратко пропешачување направивме абзел од 30м од врвот на Тулумба и се симнавме надолу по долот обезбеден со сајла до подножјето на карпата.

Насоката во најтешките детали има клинови. Сепак со оглед на нејзината должина од 200 (и кусур) метри на многу места е потребно дополнително обезбедување и мора да се носат чокови и френдови или па и по некој клин со оглед на тоа што има добри пукнатини и за ковање...

Вертикал

Времето издржа! Освен ветерот - дожд не заврна па тргнавме кон Вертикал. Тоа е насока која се наоѓа на само 30-тина метри од паркингот меѓу тунелите кога се оди кон Вардар - на карпата од лева страна. За неа потсетете се од описот овде >>>>

Убава вертикална линија – „диретисима“. Нека не ве залажува обраснатиот дел во првите 15-тина метри. Од моментот кога ќе се помине дрвото кое е на таа висина и кое со своето зеленило може крие добар дел од првата должина во насоката – кога ќе почне вистинското качување – почнав да си викам: „Се надевам дека ова имаше само две должини“. Почнува лесно, па малце потешко, па потешко, „ла-ла-ла“ и кога ќе се испречи еден превисест и плочест дел на 10-тина метри под сидриштето си викате „Која VI-ка бре браќа Битолчани?“ Еве од мене барем еден „+“ на таа VI-ка.

На првото сидриште има два експанзиони клина. На едниот од нив му се врти ушката – мноооогу лесно (да дува ветер во нејзе ќе испадне)... Но има убава пукнатина тука и може чокче да се постави. Нагоре малце повеќе заглавување (а само што си ја сошив дупката на ранецот). И тука има убав континуитет на тежина. Насоката е прекрасна!!! Многу убави каминести движења, болни заглавувања на дланките во пукнатини, качување „на триење“, остри и бодликави фаќалишта - но уживање е! Обезбедена е со клинови (експанзиони, а на моменти и алпинистички) и претставува едноставно задоволство да се биде во неа – посебно кога ќе се излезе :).

Второто сидриште има два експанзиони клинови на него, но откако ќе се искачите на гребенот во лево на 5-6 метри има еден експанзионен клин со карабинер (малце повеќе зарѓан) на кој со абзел на пола јаже (30м) се стигнува до сипарот од другата страна, од каде по лесно пешачење за 10-тина минути сте до паркингот меѓу тунелите.

„Бранчева“ и „Вертикал“ – одлични насоки! Многу убави линии!!! Имавме одлично исполнет ден!!!

На оваа тема:

- Хајлендер;

- Бранчева и Вертикал;

- Тулумба и Полжав;

- Влатчева;

- Гавран;

- Обеликс, Лева и Тим Билдинг

- Мај/2000г.

Copyright © Alpinizam.org