Share
Дома

Хајлендер (VI+, 80м)

-13.10.2010г (Игор Т.)

Викендов споен со државниот празник 11-ти Октомври го искористивме „топ“. Прво во саботата со Весна бевме на Матка. При тоа качивме две кратки насоки на Трло, а потоа направивме и повторување на „Отмар“ во чест на првото целосно искачување на првата насока на Матка (потсетете се овде >>>>). Потоа во неделата заедно со Весна и Маја М. направивме релаксирано искачување до Церипашина и Антени, а во понеделникот отидовме на Демир Капија, но овој пат на нашето дуо-трио му се приклучи и Дарио М. Со него се сретнавме во саботата и ни кажа за неколку негови проекти (довршени и недовршени) на карпите покрај овој град и секако дека веднаш го замолив да повториме еден од нив...

ХајлендерХајлендер

Први качувачи: Дарио Милошевиќ, Александар Спасески и Ѓорѓи Трајев

Се наоѓа меѓу тунелите од каде почнуваат пристапите за кратките и долгите насоки на Демир Капија. Поточно кога се гледа кон тунелот кој е во правец на Гевгелија - од неговата десна страна. Значи – пристап најлесен од било која друга насока во моментов таму. Може првата должина да се обезбедува од автомобил :)

Насоката се качува во три должини и покрај должината од само 80м. Има логика во тоа со оглед на тоа што првата должина во почетокот се движи дијагонално кон првото сидриште, втората должина е плочеста и директна, а во третата должина има превисести делови и ако се спојат било кои две должини во една - претпоставувам дека би имало триење на јажето.

Насоката е обезбедена со експанзиони клинови. Со тоа што:

Во првата должина која е со тежина V и само во последните 5-6 метри V+ (буквално до последните движења до сидриштето) обезбедувањето е мешано – на почетокот има алпинистички, а потоа експанзиони клинови. Првото сидриште е на два експанзиони клинови со црвени ушки. Не треба да се помеша со сидриштето на кратката насока „МИ-24“ кое се наоѓа на само наколку метри во десно од него на кое има исто два експанзиони клина, но со челични карабинери на нив и кои се поврзани со гуртна (стара).

Уште на почетокот во првата должина насоката го покажува својот карактер. Плочи со мали фаќалишта и деликатни движења. Во ниту еден момент не се користи сила при качувањето - барем не изразено.Уште од самиот почеток – качувањето треба да биде смирено, бавно и со внимателно избирање на фаќалиштата и добро работење со нозете... Последните неколку метри пред првото сидриште се интересни! Треба да се направи добар избор на лушпа, накосено стојалиште, минијатурни фаќалишта... Навистина убаво.

Од тоа сидриште – првиот клин во втората должина е на околу 4 метри дијагонално во десно. Тука е и најтешкиот детал. Тежината на движењата е VI+. Што и да кажам – нема да успеам да го опишам доволно добро теренот. Мазни плочи на кои треба да се најдат мини фаќалишта (ако не и микро :)), едно добро стојалиште на кое што откако ќе се кренете „веќе нема враќање“ и долго дофаќање во десно по кое се продолжува во дилфер на плочест терен за нозете... Отприлика вака некако... Со Дарио се согласивме дека ако се стави клин поблиску – ќе го снема тој многу важен психолошки момент на овој детал. Неговата првична идеја и била таква и добро е што е задржана така! Беше стресно некако, меѓутоа согледувате дека по неколку минути цупкање и двоумење - едноставно треба да се направи нешто што уште од самиот почеток се гледа дека треба да се направи. Какво релаксирање е само прикопчувањето на првиот клин во оваа втора должина :)! Толку релаксирачко што не можев да продолжам нагоре од што загубив концентрација по тој психо трилер (и покрај експанзионите клинови на сидриштето на кои евентуално би паднал) Од тој момент нагоре теренот е полесен (V), но ќе повторам – не може да се претрча. Не е како V-ките на Матка. Плочестиот карактер на целата насока бара многу внимателно движење – до самиот крај на насоката.

На второто сидриште има повторно два експанзиони клина, но овој пат поврзани со стара гуртна на нив. Не може да се промаши. Од овде нагоре теренот е со иста оцена, но со малку поголем избор на фаќалишта. Во оваа трета должина од некои 25 метри има 4 клина, но има избор за френдови или чокови ако некој има потреба од повеќе обезбедување. Во средината има превис кој исфрла, но има добри фаќалишта над него, така што само треба да се добие во висина со нозете и да се дофати нешто што ќе ја донесе првата искрена насмевка во насоката, затоа што сите други се со мешавина од страв, паника, пцуење... :)

Потоа теренот продолжува директно нагоре кон ниски дрва над кои на 5-6 метри се наоѓа последното сидриште...

Убави движења! Ептен уживање – освен во тоа психо моментот :)

Симнувањето се прави со абзелување и при тоа со единечно јаже ќе треба да се направат три абзелувања. Последниот абзел се прави од сидриштето на МИ24 кое погоре го споменав – на него има челични карабинери. На горните сидришта барем на една точка има челичен карабинер, а таа точка е поврзана со (стара) гуртна со другата точка.

Насоката е многу убава и различна од се друго што долго време вообичаено сум се навикнал да качувам... Оцената лаже! одлични плочи..! Многу убаво и голем ќеиф што ја качив со Дарио!!!

Весна и Маја во меѓувреме качуваа на Гавран, а ние одлучивме да ја повториме и Тулумба.

„Топ“!

 

Забелешка: Во текстот е споменато дека е качувана насока обезбедена со експанзиони клинови. Ја почитуваме одлуката на првите качувачи да го направат тоа и не постои ниту една насока која до сега сме ја качиле – која не ни се допаднала, со движењата кои ги понудила! СЕПАК, не го охрабруваме поставувањето на експанзиони и слични на нив клинови во нови (а уште повеќе и во стари) насоки и ве охрабруваме да го прифатите тој пристап – да се остава што помалку трага зад себе и да се остават тие „невозможни“ линии за генерациите кои ќе следуваат!

На оваа тема:

- Хајлендер;

- Бранчева и Вертикал;

- Тулумба и Полжав;

- Влатчева;

- Гавран;

- Обеликс, Лева и Тим Билдинг

- Мај/2000г.

Copyright © Alpinizam.org