Oтмар Худомаљ
-20.04.2010г
1960 година
Оваа година се навршуваат 50 години од првото целосно искачување на насоката која три години претходно ја започнаа Отмар Худомаљ и Драган Трајковски. Нивниот обид заврши со трагедија. На 4-ти Јули 1957 година, Отмар (тогаш на 18-годишна возраст)
во последните потешки детали (под последниот превис), при пад загинува.
На македонските алпинисти, соочени со овој тежок настан, потребни им се три години повторно да влезат во оваа линија со цел да ја довршат.
На 9-ти Октомври 1960 година, Драган Трајковски (23) овој пат со Тодорка Димитрова (19) се искачуваат до врвот на карпата и насоката ја именуваат во чест на нивниот загинат пријател - „Отмар Худомаљ“.
Драган по ова искачување продолжува со качувањето како во Македонија, така и на други локалитети во Хрватска, Словенија... Тој почина во Скопје во 2006 година. Тодорка исто така продолжува со алпинистичките искачувања и во нејзиниот картон за евиденција на искачувањата, освен на Матка забележани се искачени насоки и на северната страна на Триглав. Во еден период таа се преселува во Хрватска и за нејзе немаме други информации.
Од тој период до денес оваа насока ја имаат искачено повеќе од 200 качувачи.
Во 2007 година се одржа пригодна алпинистичка средба на која на сите качувачи кои ја искачиле оваа насока им беше доделувана Споменица. При тоа беше истакнато дека оваа насока го означува почетокот на модерниот алпинизам во Македонија и дека таа претставува 'рбет на нашата алпинистичка историја...
|