Share

Oтмар Худомаљ

-Подготвено од Владимир Андреевски

Кратка биографија

Родителите на Отмар, Јоже и Марија, во 1935 година поради професионални причини се доселиле од Словенија во Скопје. Таткото Јоже бил шумарски инженер кој поради природата на работата минувал многу време на терен во селата и планините околу Скопје. Во Македонија им се родиле трите деца: ќерката Јожица (1937г.), синот Отмар (1939г.) и најмалиот син Марјан (1945г.) После војната Јоже продолжил да работи во својата шумарска струка и има дадено голем придонес во пошумувањето и одржувањето на природните богатства на Македонија. Меѓу многубројните негови активности, за одбележување е акцијата за пошумување на Водно, која се спровела под негово раководство.

Скоро секое лето децата го поминувале училишниот распуст на планините околу Скопје каде што Јоже одел на терен. Во тие околности и во духот на словенечката традиција на своите родители, децата израснале чувствувајќи голема љубов и почит кон природните убавини на македонските планини. Сите три деца посетувале училиште и гимназија во Скопје. Јожица и Отмар активно се занимавале со планинарство и организнирале и учествувале во многу активности на Планинарското Друштво на Македонија кое тогаш било во својата почетна фаза. Во сеќавањата на Марјан е настанот кога заедно со Отмар носеле цигли во кошница за градење на планинарскиот дом на Водно.

Отмар бил одличен ученик и повеќестран спортист кој покрај планинарството, играл и кошарка за Кошаркарскиот клуб Работнички. Последните две години пред да се случи несреќата, Отмар почнал да се занимава со алпинизам и со една мала група на македонски алпинисти неколку пати учествувал во алпинистички активности во Камнишките Алпи во Словенија.

Марјан се сеќава како се одвивал животот во алпинистичкото друштво кое по негово сеќавање го водел Ѓуро Блаха. Во приземните простории на друштвото било сместено и Стралачкото друштво на Скопје. Марјан, син на ловец и шумар, бил член на тоа друштво и заедно со братот Отмар доаѓал на тренинзите по стрелање со воздушна пушка. При тоа стрелците стоеле на улица, целта била на ѕидот од зградата во која се наоѓало друштвото, а во просторот помеѓу стрелците и целта поминувале планинари кои оделе во друштвото. Сето тоа било многу опасно и возбудливо. Никогаш не можело да се предвиди дали ќе бидеш застрелан од Марјан или од некој друг! Но сето тоа се компоненти на ентузијазмот кој владеел во спортските друштва и на кои никој не се жалел.

Скоро секоја недела Отмар и пријателите (често со нивните семејства) оделе на нивните најомилени планини: Китка, Караџица, Љуботен и други. Браќата Отмар и Марјан често оделе заедно на Водно и на скалата која се наоѓа на северната страна вежбале качување. Често заедно трчале и на ориентациските натпревари одржувани на Водно. Инаку, Отмарова желба била да студира спортска медицина. Отмар загина на Матка на 4-ти јули 1957 година во трагични околности, но правејќи го тоа што најмногу го сакал – качувањето. Трагичниот настан го потресе цело Скопје. Две години подоцна, таткото Јоже после долга болест и од голема тага починал.

Сестрата Јожица дипломирала физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје во 1960 година, а во Јануари 1963 година заминала на специјализација на природно-математичкиот факултет во Загреб, каде и ја затекнал земјотресот од 1963. Марјан завршил гимназија во Скопје во 1964 година. Поради сите тие случувања семејството Худомаљ се преселило во Словенија, во Брежице, родното место на мајката Марија.

Јожица и Марјан ги завршиле студиите на ПМФ во Загреб. Марјан завршил физичка хемија, а Јожица докторирала нуклеарна физика. Марјан сега живее во Љубљана со сопругата Олга. После завршувањето на работната кариера во фирмата „Искра“, Марјан станува активен член на Инвалидското друштво на Словенија, каде е сега претседател на Друштвото на ревматичари на Словенија.

Јожица живее во Хјусто, Тексас (САД) со сопругот Норман со кого се запознала кога дошла во Хјустон во 1972 година на специјализација на Универзитетот Рајс. Норман е исто така физичар и тие се во брак 33 години. Со нив во Хјустон последниве 18 години живее и мајката на Јожица, Марија.

Во текот на целото живеење во Хјустон, Јожица одржува врски со роднините и пријателите од Словенија, Македонија и Хрватска. Скоро секоја година семејстовото одело во Словенија. Неколку пати биле и во Македонија при што ја посетиле Матка и планинарскиот дом кој го носи името на Отмар. Покрај старите пријатели од младоста се создале и нови познанства со луѓето кои доаѓале во Хјустон од професионални и здравствени причини. Желба и надеж на Јожица и Норман е да ги поминуваат пензионерските денови на релација меѓу Хјустон и старите краеви во кои семејството Худомаљ оставило длабоки корени и кон кои тие чувствуваат голема љубов и носталгија.

Фактот дека и после 50 години Отмар и неговиот придонес во алпинизмот на Македонија не е заборавен претставува голема утеха за неговата мајка сестра и брат и чин што семејството посебно го цени. Поради тоа семејството Худомаљ изразува длабока благодарност до Алпинистичката Асоцијација на Македонија и до сите тие кои се сеќаваат на Отмар и кои допринеле во негување на неговиот спомен и организирање и одбележување на 50-годишнината од неговото трагично загинување.

Семејството упатува посебна благодарност до проф Д-р Лилјана Стефановска која го поврза семејството Худомаљ со Алпинистичката асоцијација и покажа многу разбирање и сочувство за нивната судбина. Исто така семејството упатува голема благодарност до Проф. Д-р Огњан Јотов, близок другар и пријател на Отмар, со кого често заедно планинареле и кој заедничките мигови со Отмар ги сподели во своите сеќавања со семејството и алпинистите од Македонија.

На оваа тема:

- Отмарова насока;

- Отмар Худомаљ (кратка биографија);

- 1960 година

Copyright © Alpinizam.org