„Кога ќе се стане едно со прирадата“

-Извадоци од текст објавен во додатокот „Викенд“ во Дневник

исечокот од „Викенд“Владимир Андреевски – Пајо 45 години се занимава со алпинизам. Тој се труди да направи баланс меѓу секојдневните обврски и неговата љубов кон суровите планински карпести предели. Затоа секој викенд со семејството оди некаде на планина, а најчеста дестинација е Матка во Скопје.

...Природата е сурова, но чесна вели Владимир Андреевски – Пајо (59), кој веќе 45 години се бори со карпестите височини. Тој почнал да се искачува по планините кога имал само 14 години, но вели дека биле потребни две години за да може да се нарече алпинист. Во тој период ги поминал потребните обуки и го стекнал искуството, наспроти младешкиот полет.

-Почетоците беа во 1960 година, а две години подоцна почнав посериозно. Во тој период искачив многу насоки што тогаш важеа за навистина тешки. За време на обука качував разни насоки што имаа тажина од четири плус додека најтешките се шест плус според градацијата за алпинистичките насоки. Пресудна година за моето занимавање со алпинизам е 1965, кога ја искачив насоката Ветерански која е со тежина шест минус и тогаш беше најтешката во Македонија. Во истата година отидов на Централни Алпи и успешно ја поминав селекцијата за првата југословенска хималајска експедиција – вели Андреевски...

...Владимир вели дека тој го сака класичниот алпинизам и дека освојувањето врв не му е голем предизвик.

Владимир-Станува збор за еден поинаков пристап и повеќе се работи за една филозофија на живеење и посебен приод кон животот и самиот себе. Не е најважно да ја искачиш карпата, туку да се качуваш...

Алпинизмот е дел од односот кон животот. Владимир вели дека со алпинизмот и на карпата доаѓа најблиску до себе.

-Во алпинизмот сé е оставено на тебе и нема никакви други неприродни односно човечки пречки. Оставен си сам со природата, а таа е чесна. Сурова, но чесна!

...Важен е балансот во себе, восмисла на концентрација и однос спрема природата. Многу е важно интегритетот на личноста да биде на највисоко ниво. Од физичкиот дел значаен е тонусот, што во спортот е моментот кога ќе се разбуди телото. На почетокот сите се некако „успани“ и потребно е време да се разбуди телото, а адреналинот игра улога во тоа...

Тој е позастапен кога се оди на некоја нова и претходно неиспитана насока, но како што вели Владимир, тој се јавува секогаш кога се среќаваме со непознатото.

-Сепак кога планинарот ќе се „спои“ со природата, стравот повеќе не постои. Тој повторно се појавува единствено кога се појавуваат кризни ситуации.

...Секогаш треба да се внимава на условите и треба да се носи потребната заштитна опрема. Тоа е и една од најважните лекции што се учат во алпинистичкото друштво „Матка“ чиј еден од основачите е Владимир.

Владимир на Матка-„Матка“ е првото алпинистичко друштво, иако претходно имаше многу планинарски клубови. Денес повремено одржуваме алпинистички обуки и семинари. Во Македонија има големи перспективи за развој на алпинизмот, но недостигаат матерјални средства – вели Владимир.

Иако навлегува во шестата деценија од животот, овој ентузијаст планира и понатаму да се искачува по карпите. Само како пример посочува еден од најискусните планинари во светот, Валтер Бонати, кој и на 80 години сé уште е активен.

Владимир секој викенд заедно со семејството оди на планина, каде што ужива во поврзувањето со природата.

-Најубавите моменти се случуваат кога нема многу луѓе и кога не се разговара многу. Тогаш природата почнува да ни ги покажува работите – завршува овој искусен алпинист.
Copyright © Alpinizam.org