Дома

Демир Капија – нов почеток

-12.09.2009г (Игор Т.)

Влатчева насока

Тргнавме со цел да повториме некоја од насоките за кои добивме описи – ве потсетуваме на текстот „Демир Капија – Мај/2000г.“...

Веќе временските услови се одлични за качување на оваа карпа и ете сме под неа. По пат врнежливо, но на бранови. Температурата – најдобра :)! Се надевавме дека барем карпата ќе биде поштедена од некој од тие дождливи бранови што и се случи, но сепак на крај „нé фати“ дождец и останавме само со една насока - Влатчева. Не жалиме за тоа – качувањето беше одлично!

Со Коки (Костантин Циривири) се видов ден пред заминувањето. Имав некои фотографии добиени со исцртани насоки од други колеги алпинисти и кога ја гледаше линијата која требаше да ја претставува оваа насока, ми рече дека веројатно при клинчењето на насоката во долниот дел (поставени се алпинистички и експанзиони клинови како во должините така и на сидриштата) екипата која го правела тоа започнала полево од вистинската линија. И кога се гледа карпата од спротивната страна на реката се приметува малку подиректна линија на Влатчева – во жлебовите кои се подесно од исцртаната линија на фотографијата...

Како и да е – ова треба веројатно повторно да се провери околу линиите и секако нема ништо лошо во тоа ако екипата „згрешила“. Всушност не згрешила ништо – поставила нова насока! :)

Новата насока

Додека не се потврди тоа,  дали е или не е таа линија нова насока во долниот дел, ќе ја третирам сепак како „нова насока“ па еве и по некој детал од неа: почетокот е означен со експанзионен клин кој се наоѓа на 3-4 метри во десно од експанзиониот клин (почетокот) на насоката „Тулумба“. Иако на почетокот насоката од долу не изгледа нешто спектакуларно (блокови без посебни карактеристики) – сепак во првата должина има многу убави движења кои стигнуваат до тежина V. Обезбедена е со алпинистички клинови и линијата се следи лесно до првото сидриште. Сите сидришта до горе се со два експанзиони клинови.

Втората должина е обезбедена со експанзиони клинови и иако секако морам да изреагирам против тоа – сепак линијата која тие ја обезбедуваат е фантастична! Почнува со фино движење преку еден интересен превисест дел и продолжува низ прекрасни плочи. Превисот има убава пукнатина која се дофаќа со убаво испружување и малку дилфер техника на една пукнатина под него, а плочите се со мали фаќалишта, деликатно движење „на триење“ со патиките и од време на време по некоја убава лушпа за одмор. Многу добро! До овој момент тежината би рекол дека е VI, а ако се биде многу строг V+. Потоа во горната третина до сидриштето аголот олабавува меѓутоа овде треба да се внимава на два големи блока под самото сидриште. Мислам дека тие треба да бидат „контролирано“ бутнати при што би имало луѓе и доле под карпата за да надгледуваат со цел да биде сигурно дека нема да падне тоа на некој или нешто (имаше по некоја крава кога ние качувавме па се плашевме за нив)... Блоковите се големи по два метра на метар и метро и пол на метар и јажето со кој се обезбедува вториот кој качува кон сидриштето поминува директно низ нив со можност да се заглави и направи проблем. Треба да се внимава на нив!

Третата должина е лесен терен со еден превисест скок, но не повеќе од IV во тежина и се стигнува до гребенот на висина од околу 20-тина метри над долот со сајла по кој вообичаено се симнуваме. Овде на сидриштето има два експанзиони клина на кои имаше железни карабинери.

Во продолжение

Ако ова го сметаме како крај на оваа нова насока тогаш на качувачите им се нудат неколку опции. На пример да продолжат нагоре во лево кон излезот на Тулумба, да абзелуваат во долот (20-тина метри абзел) и да се симнат долу под карпа или пак да абзелуваат во долот и да продолжат нагоре преку некоја друга насока до врвот. Тука веднаш на крајот на абзелот продолжува Влатечева, потоа лево има друга насока која ја имаат поминато Коки и Сашко Мирчевски, десно од Влатчева има друга насока од бугарски алпинисти, а надолу се и Гавранот, Славкова...

Ние продолживме нагоре преку Влатчева. Прекрасно! Бев воодушевен од теренот! Од секогаш сум сакал да се буткам и заглавувам во некои камини, жлебови – за тоа зборува и мојот ранец кој има дупка која се зголемува и зголемува...

Влатчева – горниот дел

Првата должина е лесна и се стигнува до добро сидриште на убава полица. Не се сеќавам како беше обезбедена оваа должина – мислам дека првиот клин е експанзионен, а другите нагоре беа алпинистички... Втората должина е каминот. Тој е како песочен часовник – доле е широк, па се стеснува и на крај пак се шири кон сидриштето кај големото суво дрво. Кога стигнав до најтесниот дел веќе имав поставено два френда, дофатив големо фаќалиште над мене и се одвоив од карпата да видам следен момент за обезбедување и движење. Барајќи решение, здогледав клин на околу еден и пол метар во лево од мене – надвор од каминот. Весна која во 2000-та година ја има поминато оваа насока не се сеќаваше дали се движела целосно низ каминот или излегувала од него – па се решив да отидам кон клиновите. И таму воопшто не е наивно и има убави движења сé до сидриштето... Го прашав Коки за ова и ми рече дека кога со Славко Тодороски го поминувале тој дел во 1994 година ја поминале од лево (каде се сега клиновите), а со Сашко во 2000 година директно низ каминот. Каминот е целосно мазен! Па изборот е ваш...

Од таму следува последната должина која е фантастична! Буквално до последното движење. Овде во првата половина има алпинистички, а во втората половина експанзиони клинови. После нашето качување има два алпинистички помалку. Една кајла на РИС и еден црн дијагоналец на Гривел ни останаа во рака. Во олабавени блок и лушпа си го отслужиле своето. Тој дел го поминавме со чокови, така што имајте го овој податок на ум. Ова не е прво потсетување дека секој треба да биде подготвен во секоја ситуација да биде во можност да се обезбедува самиот себе. Ве потсетуваме на текстот „Клиновите на Матка“...

Горната половина од оваа должина е прекрасен жлеб. Да може ранецот да зборува :)

Симнувањето

Го направивме со абзел (30 метри) од врвот на Тулумба и симнување по сајлата до реката... Бевме многу среќни по искачувањето на оваа линија – независно дали е Влатчева или е комбинација од нова и излезот на Влатчева. Одлични линии!!!

Нé инспирираше да влеземе што побрзо и во другите насоки кои веруваме имаат интересни приказни во себе. Се надеваме дека исто и вие што побрзо ќе појдете натаму. Можеби следниот викенд?

Клипче од вадењето на еден од клиновите:

 

Забелешка: Во текстот е споменато дека е качувана насока обезбедена со експанзиони клинови. Ја почитуваме одлуката на првите качувачи да го направат тоа и не постои ниту една насока која до сега сме ја качиле – која не ни се допаднала, со движењата кои ги понудила! СЕПАК, не го охрабруваме поставувањето на експанзиони и слични на нив клинови во нови (а уште повеќе и во стари) насоки и ве охрабруваме да го прифатите тој пристап – да се остава што помалку трага зад себе и да се остават тие „невозможни“ линии за генерациите кои ќе следуваат!

На оваа тема:

- Бранчева и Вертикал;

- Тулумба и Полжав;

- Влатчева;

- Гавран;

- Обеликс, Лева и Тим Билдинг

- Мај/2000г.

Copyright © Alpinizam.org