Забелешка:

Овој текст веќе беше објавен порано, но со искуствата кои ги имавме при последните искачувања и тоа во неколку насоки - како на пример Отмар, Матка - лева варијанта и ПИ (и по абзелувањето на едни палавковци на еден клин без убаво да го проверат), решив да го дотерам малку и повторно да го објавам за да се потсетиме сите на темава...

Share

Клиновите на Матка

-30.09.2010г., Игор Т.

КлинариумМатка многу често ја нарекуваме „школски центар“. Да ја направам долгата приказна - кратка: една од работите кои мора да се научат многу добро на овој локалитет е и обезбедувањето при качувањето т.е. поставувањето на сопствено обезбедување (френдови, чокови, клинови...) или користењето на веќе постоечките клинови во насоките. Кога велам клинови – мислам на алпинистичките клинови, а не на експанзиони или лепени или некој друг вид од „таквите“. Мислам на вертикалци, хоризонталци, кајли...

И покрај тоа што насоките на Матка се обезбедени т.е. во сите нив веќе има поставени клинови како точки за обезбедување, а исто така и на сидриштата, сепак често се работи за стари клинови кои поради работењето на карпата и временските влијанија, некои од нив едноставно си го отслужиле своето.

Често се работи за далеку од безбедни детали во некои насоки и покрај постоењето на клин во нив...

Со самото постоење на клин во карпата, не значи дека имаме „по дифолт“ добра точка за обезбедување и дека истата треба само да се искористи, т.е. да се прикопча со комплет или карабинер и „Оп!“ - работата е завршена. Сме приметиле дека често нашите колеги влегуваат во насоките без кладиво, клинови, френдови или чокови кои би им се нашле во случај некоја од тие стари точки за обезбедување да не е повеќе функционална.

На качувањето на Матка треба секогаш да му се приоѓа со многу повеќе внимание. Тоа не е само карпа која се претрчува за да се „набива километража“ и од навика. Некој знае каде се фаќалиштата, некој знае каде се клиновите, секако сидриштата... Во насоките се влегува само со 10-тина комплети и „јуриш“. Тоа е многу лоша навика. Во основа секако треба да се искористува теренот за секаков вид на тренинг (должински и тежински), меѓутоа обезбедувањето си е обезбедување и доаѓа на прво место!!!

Во изминатите години на разни делови на карпата имаме пронаоѓано многу вакви нефункционални точки од кои некои сме ги ваделе само со лесно потегнување со рака, а некои во процес на менување откако ги имавме извадено ни понудуваа непријатно изненадување во однос на нивниот квалитет.

Веројатно секој од нас има по некој клин кој му останал во сеќавање – зарѓан, нецелосно закован, извиткан... Постојат многу такви и не постои никакво оправдување зошто покрај комплетите да не се земе и кладиво, по некој клин, френдче, чокче... Но исто така - таквите небезбедни точки и не секогаш се очигледни!!!

На фотографијата најгоре, на која е прикажан нашиот „Клинариум“ претставени се клиновите кои ни останале во рака само со лесно потегнување – немаше потреба од кладиво за нивно проверување...

Истата претпазливост треба да се има и кон стари и оставени гуртни, замки, пластични кајли – оставени во минатото на разни делови од карпата. Истата претпазливост треба да се има и на било кој друг локалитет.

Copyright © Alpinizam.org