Фотки

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Горан Кузмановски (алпинист од Битола) нé известува за неговата нова насока на Демир Капија која ја искачи со неговиот брат Марјан Кузмановски

Вертикал - VI

Први качувачи: Горан Кузмановски и Марјан Кузмановски (АК Вертикал – Битола)

Местоположба: Во непосредна близина до паркингот помеѓу тунелите, т.е. на истиот масив со спортско качувачката насока МИ24. Од паркингот се тргнува надолу по малата река која се влева во Вардар и веднаш после првото преминување на реката од лева страна доаѓа карактеристичен камин кој е и почеток на насоката.

Датум и времетраење на искачувањето: Насоката ја започнавме попладнето на 31.10.2006 год., но поради краткиот ден и долгото чистење на пукнатините за поставување на чокови, ја направивме само првата должина. Другиот ден, на 01.11.2006 год. се искачивме до првото сидриште и околу 13 часот ја довршивме и втората должина од насоката.

Опис: Насоката започнува веднаш позади дрвото во лесен камин со оцена III (UIAA). Потоа продолжува низ вертикален камин со оцена IV, па доаѓа малку непријатно поминување низ разгрането дрво и продолжува со затворен камин со оцена V кој завршува на мала полица. Од тука започнува вертикална пукнатина која беше наполнета со земја, но сега е исчистена. Следуваат идеални пукнатини за поставување на мали чокови, бидејќи овде карпата е компактна и нема длабоки пукнатини за клинови. Тежината овде е со оцена VI, но може да се помине и како А1. На местото каде пукнатината поминува во камин е првото сидриште кое го направив на френд и заглавен чвор од прусик, а подоцна со бормашина направивме стабилно сидриште од два експанзиони клинови со цел насоката да биде качувана, бидејќи во летниот период е една од ретките насоки на Демир Капија која е под сенка.

Нагоре продолжува низ превисен камин кој потоа преоѓа во вертикален отворен камин, но и овде местата за стабилно осигурување се ограничени, а тежината и тука е со оцена околу VI. Излезот на второто јаже е низ оџак кој полека се стеснува и при крајот едвај го собираше шлемот низ него. Евентуално качување на оџакот од надвор би го олеснило качувањето, но јас бев принуден да се пикам внатре бидејќи само таму можев да најдам место за осигурување. Од оџакот се излегува на остар раб со нестабилни карпи каде треба да се внимава, а два метри на лево организирав сидриште на френодви, на кое подоцна кога се качи Марјан избушивме еден експанзионен клин кој служи за абзел до кулоарот кој води до реката.

Забелешка: Карпата е доста компактна и претежно со плитки пукнатини. На местата каде што имаше услови се оставени околу 12 клина, но некои од нив не влегоа до крај и се свиткани. Исчистени се одлични места за поставување на претежно мали чокови, а во вториот дел убаво е и да се носи поголем френд или хексцентрик. Во почетокот на оџакот е заборавена кајла, која не е добро поставена, а кога ќе се излезе на работ да се внимава на ронливоста

Горан и Марјан очекуваат тежината на насоката да ја потврдат алпинистите кои ќе ја повторат насоката.

Copyright © Alpinizam.org