Текст на Горан Кузмановски (алпинист од Битола) за неговото учество во експедицијата на Пик Корженевска (7110м)
Вовед
Учесници во експедицијата :
- Горан Кузмановски АК “ Вертикал ” Битола, Р. Македонија
- Марин Мичинов Габрово, Р. Бугарија
- Мариан В ’ лчев Софија, Р. Бугарија
- Петја Колчева Софија, Р. Бугарија
Цел на експедицијата : Искачување на Пик Корженевска 7110м, а воедно и прв Македонски обид за искачување на истиот.
Во следниов текст ќе се потрудам хронолошки (како дневник) да ви ја опишам експедицијата, и се надевам дека ќе помогне за што поскоро целосно реализирање на оваа експедиција.
26.07.2005. Вторник
Тргнав од Битола со редовен патнички превоз Битола – Софија, во 19 и 30 бев во Габрово (градот во кој што студирав и таму се запознав со Марин Мичинов)
27. 07.2005 Среда
Организација на багаж, последна донабавка на храна, селекција и пакување. (оставивме многу багаж заради многупати надминатата дозволена тежина за во авионот)
28.07.2005 Четврток
Ноќта во 02.30 ч. тргнавме кон Варна, а околу 06.40ч. стигнавме во Варна на Аеродром. Пристигнаа и Марјан и Петја со возот од Софија. И балканска работа - Петја сврши работа овајпат да нé плаќаме за дополнителен багаж туку само требаше човекот да се почасти со виски. Но кога стигнавме во Ст. Петербург ни го раскажаа Рускиот филм: плативме повеке отколку што треба и тоа со огромни проблеми и расправии.
Промена на авион и летаме кон Душанбе (главен град на Таџикистан), авионот е преполн со таџикистанци - се осеќав како на “ Битпазар ” .
29.07.2005 Петок
Ноќта во 01.00ч. сме во Душанбе. Нé пречекаа од агенцијата која се занимава со транспорт до Базен Камп и нé сместија во една доста средена куќа за нивниот стандард.
Другиот ден се прошетавме низ Душанбе - карактеристичен муслимански град каде што не видов нити една џамија, (веројатно имаат но не со карактеристично минаре како кај нас). Во 16.30ч. тргнавме за Џиргитал (градчето од каде што оди хеликоптерот до базниот камп) со “ мизерно ” Руско комбе кое фабрички се произведува само темно зелена боја, и внатре наместо столови има помошни клупи. Фабрички е предвидено за 7 до 8 патници, но ние се собравме 12 + голем дел од багажот. Околу 250км пат го поминавме за 9 и пол часа, значи просек околу 25 km/h, која во споредба со состојбата на патот ни беше и брзо. Како споредба за тој кој бил, патот беше во доста по лоша состојба од оној на Пелистер, до “ Антената ” ...
30.07.2005 Сабота
Ноќта пристигнавме во Џиргитал и нé сместија во една соба на подот како сардини, а багажот со вреќите и армафлексите уште не беше стигнат. Во 11.00ч. се качивме во хеликоптер и тргнавме кон Базен камп (понатаму БК) на глечер Москвина.
Пред мене се исправи величенствениот Комунизам Пик 7495м со огромното памирско плато. Многу бев возбуден така да заборавив да го растоварам багажот од хеликоптерот па Марин ме потсети дека тука ќе сме цел месец, а сега да побрзам да го растовариме багажот. Поради наглото качување до 4200м. или отприлика околу 3300м денивелација, височината почнавме да ја чуствуваме. До таму багажот ни го пренесоа со импровизирано тракторче со корпа, бидејки во тој момент човек не е способен да носи по 50кг на грб.
Од книгите кои што сум ги читал за други експедиции некои работи ми беа јасни:
Прво дека не смеам да лежам и да чекам да се аклиматизирам, второ да пијам многу течности и дека за ништо не треба да брзам. Така да полека почнавме да се занимаваме околу расчистувањето на простор во базниот камп, подредување на багажот, а попладнето со Петја и Марјан си направивме и мала прошетка над базниот камп. Се задишував на неколку чекори, а пулсот се осеќаше во главата. Вечерта вечеравме во импровизираната кујна и легнавме. |