Фотки од експедицијата

 

 

 

 

 

 

 

Текст на Горан Кузмановски (алпинист од Битола) за неговото учество во експедицијата на Пик Корженевска (7110м)

Камп 4 и Камп 5

10.08.2005 Среда

Иако беше и денес планирано одмор заради времето, Петја и Мариан решија да тргнат и за да не се делиме, вечерта бевме на камп 2, 5300м. Вечерта од горе се врати Руски водич и кажа дека очекува уште полошо време и ако планираме да се качиме на врвот треба тоа да го направиме што поскоро.

11.08.2005 Четврток

Рано утрото станавме и тргнавме кон камп 4 - 6100м. Се движевме добро и брзо се искачивме до камп 3 на 5800м. Од тука следува траверс кон десно под самата карпа на Корженевскаја. Траверсирање и качување по многу стрмни и многу лавински опасни падини и кулоари. Стигнавме до камп 4 - 6100м. (каде беше планирано да останиме) Тоа е на самиот раб кој што води до врвот и има место за најмногу 3 до 4 шатори, а веќе имаше поставени од друга експедиција. Многу е лошо кога се “ програмираш ” да одиш до одредено место и кога ќе стигнеш таму гледаш дека те чека уште многу повеќе, а следува најтешкиот дел од насоката ( искачување на вертикална и малку превисна карпа со натечен мраз и сé тоа на висина од 6100м.). Се помирив со фактот дека мора да стигнеме до последниот висински камп на 6400м. и тргнавме. По карпата имаше неколку јажиња - некои од пред една, а некои од пред 10 години и кој знае кое на што се држи и колку е здраво. Ги користев за баланс и полека со дерезите и бајла во рака напредував по карпата. Тешкиот ранец со целата опрема ме влечеше надолу. Конечно излегов на снежниот раб, но бев многу изморен. (можеби требаше да им верувам на старите јажиња) Следеше искачување по многу стрмен раб до платото на камп 5, 6400м. По пат почна премногу да ми студи во нозете, а при крајот почнав и да не ги чувствувам па застанавме на неколкупати и Матин ми ги масираше нозете. Кога стигнав таму бев доста изморен и продолживме со поставувањето на шаторот. Денес направивме 1100 метри денивелација или 2200 метри во последните 24 часа. За другите кои што пред скоро се имаа качено на оваа висина можеби не беше некој голем проблем, но кај мене резултираше со намалување на циркулацијата на крвта и огромен студ во нозете. Целата ноќ ја поминав во масирање на нозете и пиење на топло какао. Повторно почна да врне снег. Во текот на ноќта успеав да ги стоплам и малку подзаспав.

Copyright © 2005 Alpinizam.org