Фотки од експедицијата

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Текст на Горан Кузмановски (алпинист од Битола) за неговото учество во експедицијата на Пик Корженевска (7110м)

Камп 1

31.07.2005 Недела

Сабајлето разбравме дека местото со шаторот каде што сме, било резервирано за Шпанска експедиција кој дента треба да стигне, така да имавме акција со преместување на багажот. Малку се изнервиравме зашто не ни кажаа уште веднаш, но тоа е тоа. Попладнето со лесни ранци го направивме првото излегување кон камп 1 на Пик Корженевска. Преминавме низ “опасните кули” од глечерот над кампот и продолживме нагоре по стрмни сипари и навреме не многу тешки карпести препреки.

Стигнавме до 4560м., таму стоевме околу 1час и се вративме назад. Надолу почна за прв пат откако сме на БК да ме боли главата. Со болки се прибравме во БК, а таму пиев течности, аспирин и витамини. И ноќта продолжи да ме боли главата, другите си поминаа подобро, но тие имаат доста зад себе, а веројатно и позитивно им влијаеше искачувањето на Аконкагва и Мекинли пред неколку месеци, а јас последен пат бев на Мон Блан во 2002г.

01.08.2005. Понеделник

Се разбудив и главата веќе не ме болеше - испив околу литар какао. Денес е планирано да се одмараме, а утре спиеме на камп 1.

02.08.2005 Вторник

Испивме по малку течности, ги натоваривме ранците со шатори, вреќи, јажиња и.т.н и тргнавме за камп 1 на 5100м. Овајпат бев во подобра форма иако со многу повеќе багаж. Патот до камп 1 е доста долг и има 900м денивелација за околу 2 и пол часа бевме до местото каде што стигнавме во неделата, потоа патот продолжува со слегување надолу и преминување под “ јазикот ” - огромен висечки глечер од кој постојано паѓаат замтзнати кули и камења. Потоа искачување по многу стрмни сипари и кулоари од карпи по кој имаше останати фиксирани јажиња кој овај пат не ги користевме бидејки не знаевме на што се прицврстени горе на сидриштето. Така да се движевме бавно и претпазливо, а од горе имаше често камени одрони. Стигнавме на 5100м - камп 1. Имаше доста шатори од други експедиции и едвај најдовме место за нашите кое и барем малку заштитено од евентуална лавина од горе. Главата пак почна да ме боли. Едвај чекав да ги наместиме шаторите и да се одморам. Копав со цепинот и лопатата оти знаев дека ако лежам нема да ми биде подобро, а во вакви ситуации знам дека не смее нагло да се прекине со активноста и затоа продолжив... Накрај се сместивме, се напив аспирин и апче за проширување на крвните садови и почнав да конзумирам течности. Петја ни даде апче за забрзување на процесот на мокрење и веднаш се активира - по кратко време се осетив подобар и ислегов да се движам и да разгледам како се движи патеката кон врвот, бидејки ова е првото место од каде што се гледа врвот.

03.08.2005 Среда

Се чуствував добро, Мариан и Петја решија да останат уште еден ден на камп 1 а јас и Марин се вративме во БК. По патпочна да врне малку снег и беше доста студено.

04.08.2006 Четврток

Ден за одмор, но не во буквална смисла на зборот. Со Марин подредивме багаж, зготвивме нешто за јадење и се упативме кон почетокот на реброто Бороткин на Пик Комунизам - патеката по која што се искачија нашите во 1984. Петја и Мариан се вратија во БК.

05.08.2006 Петок

Станавме сабајлето и имавме гости од Руската експедиција. Се зборуваше за насоките и пиеја Водка. Денес јас и Марин одлучивме да качиме багаж до камп 1 и таму да ноќеваме. Тргнавме околу 11.00ч. Се движевме одлично, а пред камп 1 почна да врне снег. Ги расчистивме шаторите, зготвивме малку висинска храна и стоевме во шаторите. Целата ноќ врнеше! И лавинската опасност се зголемуваше.

Copyright © 2005 Alpinizam.org