Текст на Горан Кузмановски (алпинист од Битола) за неговото учество во експедицијата на Пик Корженевска (7110м)
Симнување
13.08.2005 Сабота
Се разбудивме точно кога заспав. Станав со термос под глава и имав голема главоболка. Испив аспирин и кафе и останав малку да лежам. Излегов надвор да се раздвижам и за 5 минути ми се поврати вчерашната болка во прстите. Пробав да ставам втор пар чорапи но не можев - чевлите ми беа точни со еден пар чорапи. Го собравме шаторот и тргнавме надолу. Имаше многу нов снег и работ од 6400 до 6100 м.н.в. беше многу лавинси опасен. Предпазливо со “ сондирање ” почнавме да слегуваме. Стигнавме до карпата, го проверивме сидриштето и се спуштивме абзел по јажето. Нозете веќе не ги чуствував, но продолживме кон камп 3 на 5800м. Траверсот под карпата од камп 4 до камп 3 беше премногу лавински опасен. Евентуалното активирање на лавина, значи застанување по еден километар во глечерот. Имаше пред нас учесници од друга експедиција кои се движеа многу бавно. На местата каде што чекаа за абзел ги престигнувавме, бидејки воопшто не беше паметно да се задржува човек по тие места посебно кога има нов снег. Во бивакот во бергштрундот беше тотална сенка и многу студено, а јас штотуку од движењето почнав да ги чувствувам прстите во нозете и болките пак почнаа да засилуваат. Ги извадив чевлите и почнав да ги масирам нозете. Додека го собравме остатокот од камп 3 почнав да имам треска. Со преполни ранци тргнавме надолу. Следи доста стрмен дел од камп 3 до камп 2 на 5300м. по патот се преминуваат неколку поголеми и помали пукнатини, но сега со новиот снег некои од нив беа покриени со снег и движењето беше многу опасно. Кога стигнавме до камп 2 јас имав температура и пролив. Премрзнувањето во нозете си ја заврши својата работа. За да продолжам надому до базен камп не сакав ни да помислам. Проливот ме истошти до бескрај. Вечерта пристигна и руска експедиција и нивниот лекар ме прегледа па покрај активниот јаглен ме тераше да пијам и водка за да оздравам. Целата ноќ ја поминав во импровизираното WC .
14.08.2005 Недела
Сабајлето не бев многу подобар, но знаев дека на оваа висина не е разумно да чекам да оздравам. Ги товаривме раниците и полека тргнавме надолу. Едвај успевав да го контролирам јажето на местата каде слегувавме абзел (тоа не се вертикални делови но јас бев премногу истоштен). На секој 5 мин. застанував во WC – ниту едно лекарство против диареа не проделува. Стигнав до местото каде што треба брзо да се премине под големиот “ мразопад ” . Марин веке немаше каде да прикачи нешто на ранецот, а и мојот беше многу тежок и решив да го оставам овде и кога ке закрепнам да дојдам по него. Доцна попладнето бевме во базен камп. Испив лекови и легнав да спијам.
15.08.2005 Понеделник
Сабајлето ми беше подобро. Марин сакаше да тргне по мојот ранец, но не сакав да го малтретирам и тргнав јас да си го земам, а Марин дојде за друштво. На враќање и Марин доби пролив.
16-19.08.2005
Се мислев дали да тргнам со еден русин кон Корженевска, но нозете сé уште ме болеа и знаев дека со првиот студ ќе треба веднаш да се враќам назад. Марин и останатите оценија дека веќе е касно за Комунизам и одлучивме да го фатиме првиот возможен хеликоптер за Џиргитал. На 19-ти бевме во Џиргитал и од таму за Душанбе. По аеродромите имавме големи непријатности заради еден глупав руски офицер, кој не излажа - си го пропуштивме летот и останавме 4 дена на терминал во Ст. Петербург без никаква храна. |