Текст на Горан Кузмановски (алпинист од Битола) за неговото учество во експедицијата на Пик Корженевска (7110м)
Кон врвот
12.08.2005 Петок
Сабајлето дуваше ветар и врнеше снег и Мариан даде предлог да не се оди денес кон врвот. Тоа се прифати, но за кратко. Малку се покажа чисто небо низ еден облак и Марин скокна и даде предлог да се тргне кон врвот. Утре е 13-ти па можеби од суеверие не сакаа да тргнат тогаш. Како и да е почнавме набрзина да се спремаме, немавме време да јадеме. Малку бев изнервиран дека непланирано излегуваат работите. Раниците на грб и тргнавме нагоре. Само што излегов од шатор почнав да го чуствувам вчерашниот студ во нозете и ми беше многу тешко, но се надевав дека ќе се загреам нагоре и тргнав. Следеше газење низ длабок снег и искачување на многу стрмни делови каде се користеше “ клунот ” од цепинот и предните заби од дерезите. Студот во нозете повторно премина во болка, на неколкупати застанував и ги масирав нозете. За време за масажата како што се зголемуваше циркулацијата така болката растеше... Бев искачен доста над последниот висински камп, техничките препреки беа зад мене, но прстите од нозете веке не ги чуствував... Застанав да масирам, но овајпат не чуствував болка и сватив дека ако продолжам до врвот ќе останам без прсти... Се сетив на Ѓока дека и тој во 1984-та на Памир, од спротивната страна на Комунизам Пик остана без прсти и решив да се враќам кон камп 5. Марин сакаше да се врати со мене, но го убедив дека физички сум во ред и дека внимателно ќе се вратам до шаторот. Така Марин продолжи кон врвот, а јас брзо и предпазливо почнав да слегувам кон шаторот. Сé уште врне снег. Кога се прибрав, ги извадив чевлите и почнав да масирам. Нозете ми беа црвени и продолжив да масирам од бутовите надолу. Дури околу половина час подоцна почнав да чуствувам болка, која почна да станува неподнослива. Масирав и викав на глас во шаторот. После неколку часа почна да се намалува болката и ми беше криво оти ние бевме едни од ретките со обични пластични чевли, без “ супер гамашни ” или тројни чевли. Излегов надвор од шаторот и забележав дека од горе се враќаат неколку “ точки ” – алпинисти.
Стопив снег и направив чај, за да ги пречекам. Човекот кој што доаѓаше немаше контрола - почна да забегува во десно кон карпата и лавинските полиња. Се мачев и мавтав со раце да му кажам на каде треба да се движи. Едвај ме разбра и во маглата го смена правецот и повторно почна да слегува кон шаторите... Во последните 50 метра до шаторот паѓаше околу 10 пати. Стигнав до него и му дадов топол чај. Човекот помалку како да халуцинираше, испи неколку чаши чај за кој после ми кажа дека тоа бил најубавиот чај во неговиот живот. Подоцна се вратија и Марин, Петја и Мариан. Се качија на врвот! Тројцата беа многу истоштени, а Марин со мали смрзнатини на прстите. Ги пречекав со чај, какао и супа и легнаа да спијат. Целата ноќ не успеав да заспијам, сите бевме собрани во еден шатор и беше претесно.
|