Железна Порта -текст за Демир Капија
(Мај - 2000 година...)
Видов траги од гума на една мала поличка веднаш до пукнатината што ја водев. Со двете раце една врз друга во вертикалната пукнатина, како и со левата нога заглавена во неа а со десната во триење на рамниот ѕид, бев во крајно згрчена положба. Се молев „да држи“ десната нога и не знам како и одолеав на помислата да згазнам на чокот што го имав поставено подолу. Ги гледав фаќалиштата од двете страни на пукнатината што не можев да го дофатам. „Сигурно машките би можеле“, си реков, „ па така убаво во расчекор ќе си излезат од ова место.“ Но тоа е тоа. Јас морам сама да си го барам својот пат. На вакви места веднаш ми доаѓаат зборовите на една позната скијачка (го заборавив името): „ Јас не следам ничии траги. Сама си ги правам своите.“
„Добро“, си реков, повторно молејќи се да „ме држи“ десната нога за да ставам френд, кој, за среќа, убаво влезе. Бев во паника од напорот што ми беше потребен за да го направм тоа.
Знаев дека во ваква психичка состојба никогаш нема да излезам. Затоа виснав на френдот да се смирам и почнам да дишам нормално. Тоа ми помогна. На извесен начин ова ми стана интересно и се насмеав. „Е па ајде.“, си реков и је кренав левата нога што повисоко во пукнатината. Странично седнав на неа. Десната нога ми беше „во аут“, па со мала помош на рацете се исправив на левата – и готово. Нагоре беше полесно.
Потоа, додека ги осигурував Зоран (Божинов) и Коки (Никола Боцевски), се прашував дали тоа е моето прво алпинистичко „просветление“. Како и да е, беше искуство кое ми ја зголеми самодовербата, па си реков: „За почеток е супер.“
Ова се случи на алпинистичкиот табор на Демир Капија, на кој за жал учесници бевме само ние петмина од Алпинистичкото Друштво „Матка“, а претпоследниот ден дојде и Зоран Мајсторски од Радовиш. Коки (Костантин Циривири) и Надир (Мурсели) направија нова насока во чест на Славко. Почетокот е на иста висина со почетокот на „Гавранот“, само малку подесно и продолжува две должини нагоре од кои последната е низ еден превис и таван за кои Сашко (Мирчевски) забележа дека одоздола личат на маче. Кога ги поминуваа овие детали јас ги видов само како мали силуети на човечиња во синото небо. Се разбира, фото-апаратот сум го заборавила долу – нели обично така се случува. Коки ме виде, ме викна и ме поздрави. Така откај него кај превисите, до мене на последното сидриште на „Тулумба“ се рашири чувство на радост и исполнетост.
Следниот ден јас и Сашко планиравме да ја поминеме „Славкова насока“. Значи, треба добро да се наспијам. Но тоа никако не беше возможно. Се рабудив околу 12:30 часот прашувајќи се зошто сите толку многу пдат во тоалет, но испадна нешто сосем друго: децата од местото откриле дека Сашко има аларм на колата и почнале да си играат, па нашите правеле заседи во 2 часот сабајлето како да ги фатат. Понекогаш машките се многу смешни.
Го слушнав алармот како ѕвони во 5 часот, но решив да поспијам уште петнаесетина минути. Времето беше облачно, меѓутоа не изгледаше дека ќе врне. Сашко го разбудив во 5:30 и во шест часот тргнавме. По пат ми текна дека сум ја заборавила осумката, па се вратив по неа со трчање. Ова ми дојде добро, зашто целата бев здрвена. Сашко отспал една партија додека ме чекаше.
Тој дојде на Демир Капија директно од пат од Украина, а децата цела вечер не го оставиле да спие.
На почетокот на насоката бевме во 8 часот. Времето не изгледаше дека ќе се поправи. Сашко водеше. Првата должина е од едно дрво до еден столб и таму си најдов убаво место за седење додека го обезбедував Сашко. Ги кренав нозете на карпата, да се одморам. Почувствува дека јажето некако чудно се движи додека јас осигурував, а потоа Сашко ми кажа дека имало големо триење па морал да влече со двете раце. Конечно тргнав и јас. Првиот дел од превисот го поминав без проблем. Дури и кога го видов не ми изгледаше многу страшно. Технички сé беше добро, но „ме убиваа“ висината и празнината наоколу. Почнав да размислувам дека мора да се научам да го совладувам стравот. Имено, како втора во наврската, понекогаш ме обзема поголем страв зашто не сум целосно сконцентрирана и многу мисли и сомнежи ми поминуваат низ главата. Како прва, не дозволувам ништо непотребно да ми влезе во главата.
Превисот го поминав со влечење по гуртните. Изгледа Земјата ми се налути поради тоа, па почна да дува силен ветер и заврна. Но веќе бев при крајот. На само еден чекор од Сашко, се извади каменот за кој се држев и успеав само да викнам: „Сашко!“ Потоа тој ми се потсмеваше за ова, но моите лакти беа испогребани. Ни остана уште една кратка должина до крајот. Требаше да одиме и на „Гавранот“, но времето се расипа, па почнавме брзо да се враќаме надолу.
Таа насока ми остави голем впечаток, меѓутоа дури и денес, не можам сето тоа да го опишам со зборови.
Можеби на технички план од овој табор не научив многу, но на внатрешен план стекнав огромни искуства. Згора на сé, научив да играм и фудбал и баскет – барем до некој степен.
Текст на Весна објавен во првиот број на „Корав“ (1 Март 2002 год.)
|