Козина IV+ (VI)
Козина е една од нашите омилени насоки. Сме приметиле дека често колегите ни ја избегнуваат, но сепак како и секоја насока на Матка, така и таа си има своја приказна која има да си ја каже, а ние сакаме да ја слушаме од ново и од ново. Па се пропушта ли таква примамлива (и премногу очигледна) линија???
Каква е приказната... Насоката го следи премногу очигледниот гребен кој се извива во лево од централниот дел на југозападната страна на нашата прекрасна карпа. Со оглед на тоа што гребенот надолу „паѓа“ кон средината на карпата, почетокот е во близината на терасата од која започнуваат тие насоки во централниот дел, како „Матка - лева варијанта“, „Циго“, „Матка - десна варијанта“ и другите кон десно... Во основа почетокот на оваа насока може да се смета дека е ист како тој на насоките „Отмар“ и „Отмар - лева варијанта“ кога тие би го делеле стариот и 'рѓосан експанзионен клин поставен на плочата на полицата која е само неколку метра погоре над таа тераса...
Од тој клин кој нели би служел за обезбедување на обезбедувачот, првата должина почнува и се движи по левата страна на гребенот, а не директно по него. Теренот е ронлив, но лесен и брзо се стигнува до сидриштето кое се наоѓа пред белиот плочест дел преку кој се тргнува кон гребенот.
Втората должина започнува веднаш со потежок детал. Тој плочест дел се поминува со искачување дијагонално во десно во правец кон гребенот и движењето е по мали фаќалишта и стојалишта во експониран дел. Откако ќе се дојде до гребенот истиот се следи до очигледниот превис во него по континуирана тежина. Прекрасно искуство при секое повторување на насоката!!! Тие движења токму по гребенот се интересени и водат до вториот детал - превисот. Истиот не се поминува директно низ него туку со заобиколување во десно, но тоа нека не ве залажува: „Јуху- превисот се заобиколува!“ Заобиколувањето на овој превис значи добро потење!
Откако ќе се излезе над превисот, второто сидриште е на околу 10-тина метри на левата страна на гребенот. Од ова сидриште веќе теренот е полесен, но треба да се внимава на ронливост. Има поставени клинови, но на поголемо растојание. Од овде, третото сидриште обично го поставуваме покрај едно суво дрво кое се наоѓа на десната страна на гребенот. Од ова дрво потоа се следи повторно гребенот по лесен (но ронлив) терен до неговиот крај, од каде се врти во десно со цел да се излезе до гребенот кој е излез на повеќето насоки од централниот дел на карпата. Веднаш не се излегува на гребенот, туку ќе треба да се постави и четврто сидриште користејќи ги поголемите дрва. Од таму уште само една должина води до крајот на насоките.
Од третата должина може да се качува и паралелно, но треба да се биде многу свесен на ронливоста на теренот и поголемото растојание помеѓу клиновите.
Качувајте ја оваа насока почесто и немојте да си велите „Абе ајде за една должина...“ Втората должина во оваа насока е една од најубавите должини од насоките на Матка!!! Обезбедувањето во нејзе е одлично и има доволно клинови па „дури“ и експанзионен клин под превисот... |