Фифи Клин IV- (IV+)

Фифи клин
Црвената линија ја означува насоката, жолтите „Х“ сидриштата, а белата линија излезот до манастирот

Симнувајќи се по патеката од манастирот Св. Никола – Шишевски кон езерото, после неколку свијоци, при првиот допир на патеката со карпата, се издигнува прекрасната насока „Фифи - Клин“. Често насоките на Матка имаат ознака во форма на бел правоаголник со впишано име и техничка тежина на насоката, па ниско над земјата и овде е видлив таков мал правоаголник со избледен текст во него...

Многу ни се допаѓа оваа насока. Првата должина секогаш ни е нерешлива загатка... Никогаш не сме сигурни точно каде оди таа, ниту пак клиновите се некако лесно видливи. Сепак ориентацијата е генерално лесна. Најпрво се оди вертикално 10-тина метри, а потоа се пречи во десно дијагонално и „лека-полека“ се појавуваат и клиновите. Првата должина е супер – не му е лесно ниту на првиот, ниту на вториот во насоката. Секој во случај на пад би се занишал фино поради дијагоналното, а не вертикалното движење.

Сидриштето на крајот на првата должина сега има 3-4 клина. Крајно разочарувачко! Денес очигледно секој со бормашина може фино-лепо да си дојде и да „си направи“ насока. Над сидриштето има една таква „светкава“ линија која се движи покрај една ПРЕМНОГУ очигледна линија. Лепените клинови следат пукнатина која дозволува качување во чист стил, но ова е тема сама за себе...


кратки насоки:
лева црвена линија: Нина Вертикала, десна црвена линија: Џамбо Џет, долги насоки: бела линија - Нина, сина линија - Борник, жолта линија - Фифи Клин

Е па не се следи таа „светкава“ линија. Се оди во лево и се следат „алпинистички“ клинови кои се затскриени во тревки и „зад нешто“ – но се видливи. Во основа треба да се стигне до очигледниот превис на 20-тина метри над вас. Тука нема да промашите каде треба да поминете. (Посебно сега со сите тие клинови наоколу – но ајде пак да не забегуваме...) Превисот е интересен, но лесен. Се поминува во „дилфер-техника“ свртени со десната страна на телото кон карпата. Со високо издигнување и посегнување, се дофаќаат добри фаќалишта. Над ова веќе е полесен теренот и движејќи се по гребенот кон десно, потоа се движите во лево кон 2-3 грмушки каде има два клина...

Од таму по една и пол должина се излегува на полицата на која е почетокот на последните должини на „Нина“ и „Борник“ од каде по лесен терен се стигнува до манастирот Св. Никола.

Убава насока!! Би била и поубава кога првата должина би била малку почиста. Во нејзе има од време на време лабави блокови, а пред сидриштето има и мов. Сепак техничката тежина е мала и има секогаш добри фаќалишта. Втората должина, покрај постоечките светкави и несветкави линии нуди фантастични варијанти кои допрва чекаат свое прво искачување. Постојат можности за нови варијанти секако уште од самиот почеток, но треба да се внимава на ронливост...

Copyright © Alpinizam.org