|
Рампа
- текст и фотки: Александар Зарапчиев
(15.07.2010г)
Први качувачи: Јован Попоски и Слободан Трпевски
Оцена: IV+/V-
Веднаш после „Четири клина“, а пред „Дождовник“ е насоката „Рампа“. Со оцена од IV+ мислев дека не е преголем залак да се обидам на малку поинаков терен, нешто што не е качено подолго време, нешто што ќе ми биде ново од самиот старт.
Веќе подолго време ме интересираат тие насоки на Матка, „неактуелните“, кои ги среќаваме по пат, но не ги качуваме. Стартот беше очигледен, како според белата маркација, така и според добро видливите насоки „Четири клина“ и „Дождовник“, меѓу кои и оваа се наоѓа. Првиот проблем беше со обраснатиот почетен дел кој ме чинеше скоро 20 метри нагоре да качувам необезбеден. Едноставно не можев да најдам клин. Почна да не ми се допаѓа теренот - премногу ронлив за да се шетам наоколку така, па употребив една солидна грмушка за прво обезбедување, шетав малку лево-десно и конечно го видов првиот клин кој како да ми ја покажа линијата каде да се упатам.
По десетина метри и веќе се гледаше следниот клин - во терен кој стана потежок. Личи на самиот жлеб на Четири клина, но многу помал, гравитира кон десно и со малку фаќалишта и стојалишта. Веднаш ми падна на ум дека таа оцена можеби е мала. Но не беше само оцената тоа што ми падна на ум. Цело време се прашував каде се клиновите и додека чекав да се појават, поставував по некој чок и врзував гуртни. Почна да се реди “чистото” обезбедување, а клинови не се појавуваа. Насоката цело време ме потсетуваше дека не е баш IV+!
Во тој жлеб што следуваше после обраснатиот дел, следеа две превисчиња со сосема добри фаќалишта, без многу стојалишта, па качувањето претежно се одвиваше на триење. Цело време натежнувавме во десно, но сеуште немаше клинови. Таа должина за која зборувам почнува неколку метри под првото сидриште на Четири Клина, исто само неколку метри до него во десно. Мислам дека во целата таа должина, или во цел тој дел од првата должина (која инаку нé фати цели 70 метри) сретнав уште 2 или 3 клина. Добро веќе сфативте, влеговме во насока која веројатно не е завршена :). За среќа, не беше ПРЕМНОГУ ронливо, имаше супер решенија за чокови, а ќе речам и за френдови, но сепак јас ги немав па неможам да бидам 100 % сигурен. На неколку пати користев делови од карпи кои висат надоле слично како сталактитите во пештерите, одлични така за поставување гуртни околу нив. Целиот терен и опремата што ја имав си ја заврши работата.
Стигнав до еден дел, кој за среќа беше веќе солиден за одмор и сидриште, а и фати на самиот крај на 70 метарското јаже. Сидриштето беше од три точки, две врзани гуртни на шпицови од карпа и еден поставен чок. Наоколу се стеснуваше теренот и од десната страна се забележа линијата на „Дождовник“ која продолжуваше нагоре 5 или 6 метри до нас, во нешто што наликуваше на многу широк камин. Не бев сигурен но како да забележав еден клин над “нашата” линија, или тоа што наликуваше на неа и решив да продолжам по истата насока наместо да ги следам клиновите на Дождовник. Признавам ме поведе целата таа авантура, а и забележав некоку дрва нагоре, што ми ветуваа некаква сигурност за обезбедување.
Од самиот мој почеток во долгите насоки, серизно ја сфатив целината на насоката и секогаш се трудам да ја завршам целосно во сите нејзини должини и да не “крадам” од деталите и должините на околните насоки. Едноставно тоа не е таа приказна што првенствено била замислена и раскажана од првиот нејзин качувач.
За замислениот прв клин се излажав - го немаше. Го немаше ни вториот што исто ми се виде не толку сигурно. Сега бев сосема сигурен дека ова е недовршена насока, зашто претходно по малку верував дека можеби нешто и сме утнале. По тие замислени клинови дрвјата си ја завршија работата како одлични точки за обезбедување десетина метри после сидриштето, по што следува превис, преку кој се излегува во една плочест дел, во кој забележав два стари рѓосани клина. Дури се одлучив да не го употребам првиот, па поставив мал чок веднаш до него.
Во тој плочест дел, имаше еден блок, долг повеќе од еден метар, дебел триесетина сантиметри, а широк едно половина метар кој само си седеше на плочата како скулптура во музеј - чекајки да си се слизне и да падне надоле. По тоа нешто и борба со две дрва на излезот од тој не толку тежок дел, следува еден многу убав спортски предизвик. Нови два заковани клина во неколку метри рамен превисест дел. Карпата е солидна и слична на оние кратки насоки што служат за вежбање кај Манастирот Св. Никола. Со рамни делови и природно издлабени мали дупки како фаќалишта, прво си реков “одличен детал” за насока со оцена IV+, браво за јунакот што ја правел. Со само два клина во тој плочест дел, а и во околните десетина метри надоле и дваесетина нагоре, беше супер доживување.
Се извлеков преку една висната грмушка, зашто после самата карпа, следува земја во стрмнина, без фаќалишта преку кои може да се излезе од тој дел. Навистина невозможна мисија. Гребев по земја за да излезам од таа збрка. Мислам дека тоа е делот каде насоката Рампа се спојува со Дождовник и по лесен дел исполенет со грмушки и скокчиња после дваесетина метри се спојуваат со третата должина од Четири клина која води до кутијата и третото сидриште со два експанзиони клина. Бидејќи ние ја теравме втората должина од 70 метри, повторно правевме импровизирано сидриште со помош на две дрва, на неколку метри пред третото сидриште од Четири клина. После тоа следува заедничка должина на овие насоки - лесен терен со скокови кој води до последното сидриште кое претставува крај за повеќето насоки на Матка.
Навистина голема грешка што не се информирав за оваа насока, но ете целата збрка ми овозможи едно навистина убаво искуство и снаоѓање со сопствено обезбедување какво што немав никогаш претходно.
За прв пат потрошив два сета чокови, кои претходно ги носев повеќе како за украс отколку за вистинска потреба и искористив десетина гуртни - овој пат врзани за камења, а не за клинови :).
|
Друго од Александар:
- Доломити 2011г.;
- Тани;
- Франгова;
- Рампа;
- ПИ;
- Панчева;
- Стење - Преспанско Езеро |