- текст и фотки: Александар Зарапчиев (12.08.2010г.)
Преспанското село Стење, покрај тоа што ја има една од најубавите песочни езерски плажи, од неодоамна се вбројува во местата каде покрај вода има и карпи за качување.
Неколку километри од Стење во правец кон село Коњско, но долж плажата, се наидува на фино уредени кратки насоки, со воопшто незанемарлива тежина и пред се убавина. До нив може да се стигне и со кола.
Додека се приоѓа кон нив, се забележува доста потенцијал за нови насоки, високи околу 20 до 25 метри. Теренот изгледа многу ронлив, но се уверивме дека карпата е солидна - добро, колку што може да биде солиден еден варовник, но сепак мошне задоволително.
Тие насоки кои јас ги посетив, беа високи околку 15 метри, со експанзиони клинови и безбедни сидришта на врвот. Оцените беа околу 6 и нагоре. Малку после тој сектор каде што јас качував, има уште неколку насоки и според тоа што го дознав со оцена над 7.
Значи сумирано, одлична плажа, место за кампинг и насоки кои се во сенка некаде до 13 и нешто часот, совршено за после качувањето да се префлите во супер топлото Преспанско Езеро, а после бањањето да се докрајчите на истите пред спиење, кога повторно тие се под сенка.
Ги качувавме насоките, “5.5 (пет и пол)”, “Пинк Пантер”(одличен превис), “СС”, “Кавал” и “Пењалка”, последнава на самиот крај - вистинска загатка.
Насоките се направени од „Битолчаните“ кои непрестано работат на сите полиња поврзани со качувањето воопшто. БРАВО! Веројатно тие се и најчесто посетувани од нив и момците од „Екстрем“.
За тоа беше доказ Мајка (Александар Спасовски) од Битола, кој на шега од Моте (Михајло Мотевски) беше наречен аудио водич, затоа што кога имаше некој потреба, тој го знаеше на памет секое движење кај овие насоки.
Одлично друштво, зачинето со THE BEST OF MK :)) - Моте од Прилеп, Мајка од Битола и Дарио (Милошевиќ) од Скопје.
Две ноќи под полна месечина, два дена исполнети со утринско качување, бањање преку ден и ноќни седенки покрај оган со гитара го направија овој викенд да се вброи во еден од поубавите, а Стење го зацементираа во моите омилени места.
Ова место дефинитивно мора да се посетува почесто, посебно пoради магијата која ја има тој предел, езерото, растеретеноста од секојдневните гужви, посебно оние на Охридското Езеро.
Една од песните кои Дарио ги свиреше (одлична изведба на истата), а која посебно ни остави убав впечаток на сите и мислам дека го одбележа на музички план овој викенд. Уживајте :)