|
Франгова насока
-15.06.2010г., Игор Т.
Први качувачи: Јован Попоски и Слободан Јованоски.
Оцена на насоката: VI+
Забелешка: Насоката е искачена во чест на македонскиот алпинист Васил Франговски - Франго, кој на 21-ви Август 1982 година загина при искачување на насоката „Борник“ на Матка.
Кога почнувавме да качуваме оваа насока беше дел од „трилогијата на Матка“, како што сакавме да си ја нарекуваме групата на трите најтешки насоки на Отмарова карпа - во која покрај нејзе, тука се уште и Панчева насока и Пајак. Без никакво оправдување и објаснување - насоки кои ретко ги качуваме. За жал. Сепак еве во последниов период Франгова „се случи“ два пати во многу кратко време. Прво во неа влегоа Весна Талевска и Александар Зарапчиев при крајот на Мај, а изминатиов викенд повторно Весна - овој пат со мене... Јас нема да кажам ништо повеќе освен „Одлична насока!!!“, а повеќе зборови околу насоката - еве од Зарапчиев:
22.05.2010г.
Две недели по меморијалот во чест на алпинистот Васил Франговски, одлучивме со Весна да влеземе во насоката која го носи неговото име. Мотивирани од добриот провод на „Тани“ претходниот викенд, решивме повеќе време да поминуваме на т.н. “потешки насоки”. Тие се со таква репутација поради повеќе фактори: ретко качувани, со поголема ронливост (иако ова не го сретнавме кај овие две насоки кои се чинеа мошне компактни); со стари и несигурни клинови (Тани нема експанзиони ниту на сидриштата, но е одлично оклинчена) и конечно, сите овие насоки имаат интензивни, потешки оценки. Со оглед на ова, не се работеше само за детали, туку тешки должини во континуитет, од кои се грчеа и рацете и нозете. Земавме со нас 5 френда, доста чокови, трочоци и двајцата со по неколку клина и кајли. Имаше опции за поставување свое осигурување, но поради тежината која не истошти и честите клинови кои изгледаа како да се во добра состојба, не губевме време на тоа туку го користевме веќе поставеното.
Првата должина на Франгова ја почна Весна. Таа имала искуство на оваа насока пред многу години, но не се сеќаваше на точниот редослед ниту на тежината. Веднаш се осети потешката оценка со бавното и претпазливо движење. По околу 5 клина наидовме на нешто што потполно нé изнемошти. Би можел тоа да го објаснам само како некој благ континуриран превис кој исфрла во десно, некаде над Тани, без многу фаќалишта и стојалишта. Вистинска енигма за решавање. Тука моравме да поминеме технички, но тоа воопшто не ни ја олесни работата. Таквото темпо трае скоро до првото сидриште, кое е исто како и за „Ветерански“. Од таму насоката повторно продолжува во десниот раб на плочата што е десно од линијата на втората должина на Ветерански.
Тежината малку се намалува за разлика од првата должина, но сепак е континуирана сé до половина пат од второто сидриште кое е истото како и за Ветерански и Тани. Таму следи нешто како плоча со доволно фаќалишта, но со помалку клинови. Тоа беше првиот пат да има растојание од околку 6 / 7 метри до наредниот клин. Можно е или дека имало но испаднал, или пак е наша грешка што не го пронајдовме. Се одлучивме да не коваме и внимателно продолживме до следниот клин, по што следеше полесен терен до сидриштето. По него, следи една кратка но исклучително убава должина. Тоа е она делче под кутијата и се наоѓа од лево, веднаш над превисот на „Матка - десна варијанта“ т.е. плочата што следи по тој превис, а од десно е третата кратка должина која се заобиколува кога се водат Ветерански и дел од третата должина на Тани. Франгова, пак, поминува точно низ најекспонираниот раб, само малку навнатре во десно. Има и доволно фаќалишта како и стојалишта, густо е оклинчена, а клиновите изгледааат солидно како и сите претходно. Но сепак, тежината е исцрпувачка.
Кај кутијата на третото сидриште здивнавме, по што следувше и последната должина која е веднаш до превисот на Ветерански и жлебот во четвртата должина на Отмар. Многу убави движења. Стартот на превисот е кај самиот старт на превисот на Ветерански, но веднаш од него оди кон десно и влегува во еден плочест и благо превисест дел. Повторно доволно клинови, доволно фаќалишта и стојалишта, но тешко.
Мојата импресија е дека за оваа насока треба многу сила, по што таа ќе стане омилена, затоа што изобилува со убави движења. Во ниту еден момент не ве напушта концентрацијата, насоката е постојано активна со некоја следна загатка за решавање. Исклучително убава и забавна насока. Како што и очекував, оваа насока само ми ги потврди претпоставките за тоа до каде сум стигнал и уште колку треба да работам за да можам уште повеќе да уживам во нејзината линија.
|
|