Забелешка:
Откако беше објавен текстот за насоката - имаме три дополнувања т.е. коментари на Слободан Јованоски и Владимир Трповски за поставените експанзиони клинови. Можете да ги прочитате во средината на текстот... |
Панчева насока
-27.06.2009г.
Први качувачи: Јован Попоски и Слободан Јованоски во долната половина, а Јован Попоски со Борче Јовчевски во горната половина.
Датум на прво искачување: Искачувањето е направено во 1983/84 година - за време на подготовките за македонската алпинистичка експедцијата во Памир во 1984 година.
Оцена на насоката:VI-/VI+
Забелешка: Насоката е искачена во чест на македонскиот алпинист Панче Ѓорѓиевски - Панта, кој на 24-ти Март 1983 година загинува при искачувањата на кулоарите на Лешница - Шар Планина.
Од нашите искачувања: Панчева насока во времето кога почнувавме да качуваме беше дел од почитуваната „трилогија на Матка“, како што сакавме да си ја нарекуваме групата на трите најтешки насоки на Отмарова карпа - во која покрај Панчева, тука се уште и Франгова насока и Пајак. Во 1999 година кон нив се придодаде и Тани. Гледавме и гледаме со голема почит кон нив.
Панчева е убава насока со континуирана тежина која си игра „топло-ладно“ со вас. Во еден момент немате излез од одредена позиција, а во друг и покрај поголемата тежина сепак со фини движења се релаксирате од претходниот „шах-мат“. И тоа од самиот почеток - уште во првите метри во насоката!
Првата должина е карактеристична по тоа што постојано - барем во најтешките детали ве исфрла во десно и ве принудува да правите дилфер движења на мали фаќалишта и стојалишта (кои на моменти и ги нема :)). Втората должина најмногу ја карактеризира превисот кој е на 2-3 метра под второто сидриште. Повторно - и овде телото е вон рамнотежа, но сега има доволно добри фаќалишта. Третата должина почнува со прекрасна пукнатина која ве носи во мовест и плочест терен во кој по неколку ситни движења се излегува на лесен терен до сидриштето. Четвртата должина од сидриштето кога се гледа нагоре над вас изгледа лесно, но сепак во првата половина во плочестиот и скоро вертикален жлеб - и таа нуди деликатни движења.
Обезбедување: Должините и сидриштата се добро обезбедени со клинови. И повеќе од добро - покрај старите алпинистички клинови, пред некоја година овде се појавија и експанзиони клинови. Не знаеме кој ги поставил и не треба да се разбере ова како личен напад врз некого. Ја гледаме само постапката. Оваа насока е нечие дело и нема оправдување за било каква интервенција во неа. Тоа е исто како да однесете некого во некоја уметничка галерија, да му покажете некое дело на Пикасо, а тој само поради тоа што не го разбира и сака да го направи поубаво за него - почне да додава свои линии со спреј...
Коментар на Слободан Јованоски за експанзионите: Тоа што се случи со „Панчева насока“ се има случено и во други насоки - како на пример со плочата на „Циго“и некои други места. Тие што тоа го прават ќе речат дека го направиле во интерес на сигурноста меѓутоа кога се има во план такво нешто да се превземе, апсолутно треба да се консултира оној кој ја направил таа насока. Насоката е направена во чест на еден од нашите другари и кога се искачуваат такви насоки, во нив се внесува многу повеќе од едно обично биење на клинови. Токму затоа и се гради еден посебен однос кон насоката од оној кој ја искачил. Со поставувањето на експанзионите комплетно се менува карактерот на насоката, односно таа станува сосема друга насока, а не онаа што била претходно. Со качувањето на оригиналната, може да се почувствува духот на самата насока и оние кои ја искачиле за прв пат. Од некој кој „поставува“ (а не „бие“) клинови и тоа одозгора - надолу, не можеш да очекуваш тоа да го свати.
Коментар на Владимир Трповски: Почитувани, Јас Владимир Трповски морам да одговорам на текстот за Панчева насока. СКА (Спортско качувачка асоцијација) поточно јас Владимир, Зоран Пејковски и Илија Ристовски ги поставивме експанзионите клинови. Пред да го направиме тоа ние писмено побаравме од МАА (Македонската Алпинистичка Асоцијација) да ни дозволи да ги поставиме експанзиони клинови, бидејќи сметавме дека насоката е прекрасна и заслужува и спортските качувачи да ја качуваат во слободен стил. Во тоа време не беа присутни ниту еден од креторите на Панчева насока, освен Борче Јовчевски кој апсолутно не подржа. По добиениот позитивен одговор од МАА, ние влеговме ОДОЗДОЛА значи со техничко качување и ја оклинчивме насоката. Значи потенцирам дека имаше еден период од 10 години во кој немаше кој да ни каже како и кога се правени насоките, ниту пак да се грижи околу нив односно да соработува со нас, со тие што тогаш се грижеа за насоките на Матка, независно дали сме спортски качувачи или алпинисти. Така и се случи. Ние ја оклинчивме насоката и со целосен респект, во ниеден случај не вадевме од постоечките алпинистички клинови, затоа што сметавме дека тоа е врвно дело на првенците. Сега дојде момент да таа насока стане популарна бидејќи голем број алпинисти, качувачи редовно ја качуваат и ајде сега ќе плукаме и фрламе камења по сите друго кои ги користат тие фамозни екпанзиони клинови. Ако јас и моите клубски качувачи сме Ве оштетиле со тоа, јавно Ви се извинуваме. Но морам да напоменам и тоа дека треба да бидете среќни и горди што таа насока сега со екпанзионите клинови ја качуваат и млади качувачи на 11 годишна возраст, што до сега не се случило, ниту ќе се случеше од причина што знаеме која е возрасната граница на алпинистите во Македонија. Доколку навистина толку Ви пречат експанзионите клинови, ние ќе се навратиме повторно во насоката и ќе ги извадиме. Со спортски поздрав, Владимир Трповски
Одговор на Слободан Јованоски - Боби: Никогаш не сум сметал дека пишувањето ми е една од моите јаки карактеристики и секогаш сум преферирал да делувам на терен. Затоа и немам намера да бидам дел од некакво препукување за било какви теми врзани за она што поминало или она што доаѓа. За разлика од многу примери кај нас кариеризмот и титулите никогаш ништо не ми значеле (како што може и да се прочита од текстот од интервјуто во првиот број од „Корав“). Затоа само накратко ќе споменам една работа – немав никаква намера да фрлам ниту со дрва, ниту пак со камења по било кој. Кога веќе со толку тврдо потенцирани букви е даден опис како биле поставени експанзиони клинови на „Панчев“ (ОДОЗДОЛА), можам да кажам дека се радувам што ете имате качено насока и на тој начин. Се радувам исто така и на секој нов талент во Македонија што покажува капацитет за качување, без разлика дали е ориентиран кон спортското качување или алпинизмот. Но би дополнил, следниот пат да тргне исто така „ОДОЗДОЛА“ и да проба да направи насока онаму каде што немало претходно – со биење клинови, поставување на чокови и се она што се смета дека е потребно за реализација на самата насока. Знам дека помеѓу младата генерација кај нас има потенцијал за тоа и кога ова го викам не правам разлика помеѓу спортското качување и алпинизмот. И сосема за крај – би сакал да слушнам доколку некој ја има таа информација – кој ги поставил експанзионите клинови на плочата од „Циго“ и дали за истото беше повторно консултиран само Борче. Да не бидам погрешно сватен – Матка ни припаѓа на сите нас, таа не е ниту моја, ниту нечија своина, но малку повеќе желба за комуникација би помогнала да не ни се случуваат слични работи и во иднина.
|