|
ПИ
- текст и фотки: Александар Зарапчиев
(20.07.2010г.)
Први качувачи: Јован Попоски и Иво Ивчевски (Насоката е именувана со првите букви од нивните презимиња)
Техничка тежина: IV/VI-
Четири клина, Рампа, Дождовник па ПИ е редоследот на четири убави и помалку слични насоки, некаде на средината на Отмарова карпа, речиси паралелно со патеката што води од езерото до манастирот Св. Никола.
Конечно дојде ред да се качува и ПИ. Во неа влегов заедно со Игор Талевски. Тој подолго време не ја повторил таа насока, а мене ми беше прв пат.
Почетокот на истата е „означен“ со еден огромен паднат блок, на кој е испишано нејзиното име. Во самиот почеток малку почнува да се движи во лево. Има клинови, но теренот е обраснат со треви и е ронлив. Ако првата должина ја поделиме на два дела, тогаш втората половина веќе значително се менува по структурата, ронливоста и тревите, како и по тежината. Станува потешка. И во првата половина има неколку незгодни моменти што наликуваат на плочести не толку стрмни делови, обраснати со мов, на кои не е баш сигурно качувањето, НО во втората половина како да го сменивме качувачкиот локалитет.
Самата карпа некако стана поцврста, без треви и многу малку ронливост. Добро, имаше големи блокови на кои дефинитивно забот на времето им влијаел и кои поради не често качување таму сеуште висат, но сепак самата насока стана многу поубава, по солидна карпа која предизвикуваше супер убави движења - малку потешки, но со одлични решенија.
Покрај старите клинови има простор и за сопствено обезбедување. Поставив по некој чок и френд и мислам дека тоа е и поумно. Клиновите, иако на места блиску поставени, не се баш за да им се верува. Игор има убав доказ за тоа, кога откорна еден без многу напор. Добро можеби тоа и не е баш објективно, ако го земеме фактот колку тој е силен, но сепак, клин си е клин :)
Пред првото сидриште има убав превис, по кој се пречи во лево и се излегува на сидриштето каде има два понови заковани клина и дрвце меѓу нив, кое го искористив како трета точка. Втората половина почнува со два клина кои се блиску, но по кои следи превисот на ПИ.
Прво изгледа доста лесно кога му приоѓаш, а откако ќе застанеш под него малку плаши. Треба сила, но има навистина доволно и убави фаќалишта наоколку. На крај се излегува над него со насмевка на лицето, барем дупло поголема отколку што природно можеш да ја имаш. Ние бевме почестени со силен ветер низ целата насока, што задоволството и свежината на качувањето го направи малку поубаво. По него следува уште десетна метри убав и предизвикувачки терен, потоа наидува многу полесен и ронлив терен, со малку обезбедување, а по него насоката се спојува со местото каде се спојуваат и Рампа и Дождовник. По трева, скокчиња и неатркативен терен се стигнува до третото сидриште на Четири клина, кај кутијата и последната должина, односно излезот на насоката...
Јас дваесетина метри пред кутијата направив второ сидриште, импровизирано од три чока, кои добро си ја завршија работата, но во случајов имавме 70 метарско јаже. Верувам, иако не го приметив тоа, сидриштето (би требало да) е пред самата спојка на горе споменатите насоки, можеби околу две поголеми дрва, кои во секој случај може да послужат како сигурни точки за сидриште.
Со Игор заедно заклучивме дека вториот дел од првата должина и првиот дел од втората должина се исклучително интересни, исполнети со убави движења и пред се различни од околните насоки. Па дури и мислам дека поради таквиот излез од таа насока, кој е непријатен и поминува низ еден доста голем тревест дел, можеби вреди, пред тој дел да се направи абзел линија и да се качува само тој навистина атрактивен дел.
|
Друго од Александар:
- Доломити 2011г.;
- Тани;
- Франгова;
- Рампа;
- ПИ;
- Панчева;
- Стење - Преспанско Езеро |