- текст и фотки: Александар Зарапчиев (19.06.2010г)
„Тани“ - досега мојата најубава насока на Матка. Можеби првото искуство беше така зачинето да ми остане забележана како најубава, но сепак самата нејзина линија ја оправдува како таква.
После неколку врнежливи денови, следуваше кристално јасен ден исполнет со многу силен ветер. Тоа беше првиот пат кога влегов во таа насока - со Весна Талевска. На самиот почеток на насоката ранците моравме да ги врземе со гуртни за дрво за да не ги однесе ветерот!
Се договоривме јас да ја водам првата должина, Весна втората (во таа должина е превисот, а Весна е нашиот специјалист за превиси) и така во микс нагоре.
Интензивна должина со прекрасни движења која цело време гравитира по малку во десно. Одлично е оклинчена, што дозволува сигурно чуство за слободно и безбедно качување. Цело време бара некое дилфер поставување што ја прави многу интересна, слично како и во првата должина на „Четири клина“, но сепак потешко. Има решенија, но нема места за одмор. Значи тежината е во континуитет и нема олеснување никакво сé до самото сидриште. Неколку клина пред него има едно убаво пречење во десно, а едно до две движења пред него, мал превис, можеби најделикатното движење во оваа прва должина.
Во втората должина следи превисот на Тани, кој првиот пат кога го качив, како втор, ми беше највозбудливиот момент од сите мои искачувања до сега на насоките на Матка. Со монсунски силен ветер и една сериозно голема боцкава грмушка во самиот превис. Тежината мислам дека се искачи барем една скала погоре. Малку збунувачка линија се следи во превисот. Прво се прикопчува десно, па многу налево, па скоро метар и пол пак во десно, а сето тоа е во превис, згора на тоа, со бодликава грмушка меѓу нозе. По тоа самиот излез од превисот е во плоча. Значи не како кај повеќето превиси кои сум ги сретнал, веднаш поблаг нерамен терен, туку мала плоча од два до три метри со пукнатина во средина, преку која се извлекуваме.
Во моментот кога бев на тоа место, од ветерот што беше силен - шлемот ми испаѓаше од глава. Сето тоа направи адреналинот во моето тело да еруптира, да се возбудам многу, исто и малку да се подисплашам од превисот... Но пред сé тоа беше мнооогу возбудливо искуство. Целосно влегов во филм дека качувам на некој голем и тежок светски локалитет во неповолни услови со силен ветер. За среќа немав некои потешкотии во самиот превис. Освен возбудата околку него немав некој проблем и со голема доза на уживање и радост го поминав превисот и останатиот дел од должината кој е сосема различен. Како блокови наредени едн врз друг, со убави лушпи како фаќалишта и доволно стојалишта.
Второто сидриште е истото од „Ветерански“ и „Франгова“. По него, наместо да се заобиколи малата должина кон металната кутија, се продолжува само нагоре. Лесен терен со затскриени клинови. После 5 – 6 клинови се спојува со линијата на насоката Циго, во самиот нејзин излез од 4-та должина, онаа над кутијата.
Убавиот ден и силниот ветер ми ја искачија Тани на врвот на омилени насоки од спектарот на Матка. Се сеќавам дека прво нешто што и кажав на Весна после качувањето (на шега), дека Јове веројатно многу ја сакал неговата жена за која е посветена оваа насока, штом и направил таква убава и тешка линија, или пак некогаш многу го изнервирала па тој направил ваква линија за нас помладите да се измачиме во неа.
Наспроти првото искуство, ова погоре раскажаното, веќе второто ми беше многу полесно. Сепак интензитетот на првата должина, превисот во втората - ја оправдаа репутацијата што оваа насока ја ужива.
Вториот пат освен убавите први две должини, после нив најголем впечаток ни остави топлото време кое нé пресретна во излезот на втората должина и сé понатаму што следуваше до самиот крај. Иако влеговме прилично рано, жештината си го направи своето, а и фактот што не носевме вода, мислејќи дека ќе си завршиме работа прилично рано :))
Едноставно прекрасна насока.
Особено ме инспирира и мотивира кај овие насоки посветеноста на пионерите во Македонскиот алпинизам кога ги правеле истите - како први!. Со верувам многу потешки услови отколку денес, но очигледно со повеќе љубов и посветеност го направиле тоа за нас, да уживаме во нивните дела. Нешто што не смеам да си дозволам е да не ги повторам нивните линии, сите оние помалку заборавени насоки, некои полесни, а некои потешки.
Им се заблагодарувам за тоа!
ПС: Непосредно пред да тргнам на качување во истава насока, ја слушнав оваа нова песна од Мизар. Цело време ми свиреше во глава додека качував, по малку се обидував и да ја запеам, но тешко оди да се следат момциве од хорот Хармосини со нивното пеење. Можеби токму оваа мелодија ми го разубави тој ден. Уживајте: