|
Панчева насока
- текст и фотки: Александар Зарапчиев
(15.08.2010г.)
Првиот пат кога влегов во оваа насока беше пред околу месец и половина со Христо Ежовски - Еж. Едноставно решивме да влеземе во неа, се распрашавме убаво и сите нé упатија дека е безбедна и дека нема простор каде да се скршне, обезбедена доволно...
Тој пат ја поминавме убаво и без проблеми, но на потешките делови со малку влечење и тоа главно во првaта должина. Не знам дали од возбудата, но јас не се сеќавам многу на неа т.e. не доволно за да ја споделам на овој начин.
Ми остана на ум да влезам во неа што поскоро и така бидна, a овој пат со Маја Мухиќ. Начекавме убав ден, не толку топол. Влеговме во 16, а излеговме од неа некаде пред 20 часот. Само првата должина нé чинеше 1:45 минути, а тоа се должеше на внимателното движење, по некоја фотографија и многу уживање.
Панчева насока се наоѓа веднаш после Пајак, a пред Четири Клина. Убаво обележена, импозанто изгледа, не може да се пропушти, како поради нејзината убава линија, така и со поставената бела маркација на самиот старт. Самиот почеток е многу незгоден и останува таков речиси до самиот крај. Го следи работ и недостасуваат убави фаќалишта, но повеќе стојалишта, па решението јас го најдов во континуирани дилфер движења, само на триење со моите патики. Но тежината е навистина исцрпувачка. Честите алпинистички клинови и новите експанзиони клинови помеѓу нив, овозможуваат убава атмосфера за слободно водење и безгрижно уживање во прекрасните движења што оваа насока ги нуди.
Првата должина завршува на доста широка полица, по што продолжува малку во лево за повторно во десно, по полесен терен, за кратко да се стигне во првиот превис. Приодот кон овој превис е доста интересен, а веќе можев да си поиграм и со поставување чокови наместо да користам некои од старите клинови. Превисот не е воопшто тежок, ако веднаш го пробиете дека не се оди низ него, како што се обидував долго време првиот пат на оваа насока, туку се заобиколкува во лево, па се излага над него и тука е веднаш второто сидриште.
Третата должина почнува со убава широка пукнатина во десно, по што следува повторно движење по раб, доста експонирано и надвиснувачки во лево, а од десна страна следи плочест дел со мов на него. Интересна должина, по која после неколку скокчиња се стигнува до третото сидриште кое се наоѓа на почетокот на еден голем камин, или нешто што личи на него. Но движењата не се камински, туку се следи десниот негов раб, со убави и доволни фаќалишта и се доаѓа до вториот превис, по што се излегува малку во десно на плочест дел и по скокчиња и значително полесен терен, но со малку клинови до четвртото и последно сидриште. Тоа кое е како излез за повеќето насоки на Матка.
Оваа насока од тие на Матка ми овозможи подолга забава отколку на било која друга и сето тоа поради разновидноста на сите нејзини должини. Сите должини се различни по тежина и по начинот на кој се поминуваат. Солидна карпа и одлично обезбедување. Верувам дека после неколку тренинзи на истата, ќе се обидам да ја поминам со користење само на кованите алпинистички клинови и на тој начин да ја почувствувам нејзината првобитна замисла и тежина. На крај би сакал само да додадам дека репутацијата која оваа насока ја ужива, на “тешка” насока е претерана и дека само би ја измерил во убава насока која нуди одлични движења и уживање. Навистина нешто што е штета да се пропуштa на нашата омилена Матка.
|
Друго од Александар:
- Доломити 2011г;
- Тани;
- Франгова;
- Рампа;
- ПИ;
- Панчева;
- Стење - Преспанско Езеро |