Четири Клина IV+ (V)
Не постои оправдување за игнорирање на некои насоки на нашата Матка. Ај добро можеби не сме сите подготвени да качуваме многу тешки насоки, меѓутоа ако сме способни да качуваме насоки со тежини до IV+/V, тогаш не разбираме зошто постојано се искачуваат едни те исти – како „Матка Лева“, „Отмар“ и „Циго“ на пример, а се игнорира еве на пример „Четири Клина“?
Бевме навистина изненадени кога пред некој ден при последното повторување на насоката видовме дека во период од скоро една година, насоката е помината само три пати и тоа тие искачувања се направени само од нас... Затоа решивме да ви ја прикажеме насоката онака на фотка и да напишеме некој добар збор за нејзе, за да ве инспирираме да ја посетите...
Насоката започнува значи на патеката која поминува под карпата – 15-тина метри подолу од одвојувањето од главната патека која цик-цакува кон езерото. На почетокот ниско над земјата има и експанзионен клин. Првите 15-тина метри одат вертикално кон жлебот кој се следи во првата должина. Откако ќе се поминат неколку превисни скокчиња во тие први неколку метри, потоа се врти скоро под прав агол во десно по жлебот нагоре. Овде поради тоа вртење се создава триење па треба внимателно да се постави обезбедувањето за да се избегне тој момент. Деталот во оваа прва должина е некаде на средината кога жлебот станува плочест и треба да се качува неколку метри „деликатно“ меѓутоа ништо сериозно. По целиот жлеб има доволно клинови.
Првото сидриште е на десниот раб на крајот од таа рампа - на мала полица и денес таму има 2 експанзиони клинови и еден алпинистички. Од овде се влегува малку во десно со еден голем расчекор во црните превиси кои само изгледаат тешки, меѓутоа не се. Има фини фаќалишта во плочестиот дел во нив и исто така пукнатина за заглавување на левата рака.
Тоа заглавување многу често се користи во првата половина од оваа втора должина. Некаде на половината има деликатно преминување кон лево и тука со добро „читање“ на теренот лесно се поминува нагоре. До тој момент и некој метар погоре има доволно клинови, меѓутоа во последнте 15-тина метри нема клинови. Теренот е многу лесен, но треба да се внимава на лизгавост – треви, прашина...
Второто сидриште се наоѓа на карпата над тревастата тераса – повторно со два експанзиони клинови и еден алпинистички. Третата должина започнува со движење во лево од сидриштето, а потоа вертикално нагоре. И овде има добри фаќалишта и доволно обезбедување. Во моментот кога ќе се излезе на гребенот се оди по карпата од левата страна над која има суво дрво. Порано него го користевме за сидриште поставувајќи и по некој френд во околните пукнатини. Денес на карпата над дрвото има два експанзиони клина, а таму е и кутијата со книшката за потпишување.
Порано од ова место го пречевме теренот во десно и излегувавме на патеката за спуштање кон Св. Никола. Меѓутоа насоката оди уште една должина вертикално нагоре по лесен терен кон местото каде завршува излезниот гребен на насоките Отмар, Матка Лева и Десна, Ветерански, Козина... Знаете кој. Прво се поминува лесен терен со треви и нестабилни блокови (намерно го споменуваме ова за да внимавате и да не се олабавите по потешките должини). Потоа се влегува лево во малиот блок каде има клин и над таа карпа се искачува гребенот кој доаѓа од лева страна и истиот се следи сé до неговиот крај.
Насоката е добро обезбедена. Поминува низ живописен терен и има интересни моменти - плочи, пукнатини во кои се заглавува дланката, фини превиси со добри фаќалишта... Тоа се моменти кои со внимателно качување и читање на теренот не претставуваат некој посериозен проблем.
Првите качувачи влегле во оваа насока со само четири клина и од таму доаѓа нејзиното име. Се надеваме наскоро нешто повеќе инфо да објавиме околу првото искачување. Во меѓувреме – бујрум! |