Share

Столбот на Патишка Река

- Игор Т. (27.02.2009г.)

„Отвори ја вратата и зачекори надвор – патот самиот ќе се покаже“ – Шри Анандамаји Ма

Дефинитивно моето најдобро искуство на мразевите на Патишка Река... Кога се договаравме со Горан Кузмановски од  СКК Вертикал од Битола да одиме на овој локалитет, одлучивме да качуваме со водење. Значи доста беше „топ-роуп“ системи и едноставно влегуваш и гледаш јал те бива – јал не те бива и зошто. Во акцијата се приклучи и Вања и така собрани сабајлечки рано – рано тргнавме од Скопје, за да околу 9:30 часот бидеме под мразевите. Одлуката каде да влеземе падна веднаш на најзабележителниот мраз овде. Тоа е мразот кој како во каскади, но и со маркантни вертикални делови се спушта со должина од најмалку 200 метри.

Имавме биколор кој го користев на Френдо. Едното јаже е 50м, а другото бидејќи во споменатата акција беше стапнато со дереза или удрено со цепин (не знам – забележав на крајот од качувањето :)...) беше скратено на околу 45 метри. Со таа должина на јаже, од долу мразот го поделивме на 4 возможни должини – со тоа што планиравме сидриштата да ги правиме евентуално на дрва кои се наоѓаа отприлика на таа должина....

Битолчаните беа ептен ентузијасти и многу ми се допадна тоа што нивниот став од старт беше таков – немаше трошка двоумење – влегуваме со водење во најголемиот мраз овде и не постои ништо друго!

Првата должина почнува со вертикала од 10-тина метри, продолжува со благ терен кој води веднаш до првата многу забележителна вертикала. Оваа прва должина е долга околу 40м и Вања пројави желба да ја води. Ова беше негово прво водење на мраз и воопшто прва ситуација да поставува тубуларци за обезбедување.

Бев изненаден од храброста. Меѓутоа не беше лудост сето тоа – Вања совршено калкулирано ја изводе оваа должина. Кога дојдовме со Горан до него, нé пречека сцена која сме ја гледале само по насловните страни на најдобрите списанија за качување во светот. Првите 15-тина метри од таа вертикала всушност беа еден ФАНТАСТИЧЕН столб кој се спушташе преку превисна карпа. Беше неверојатно. Од далеку кога се гледа таа вертикала изгледа како споена со карпата, меѓутоа каков столб е тоа „људи мои!!!!!“... Занемевме. Квалитетот на мразот некако ни изгледаше сомнителен – беше топло, течеше вода, имаше од надвор кршливи лушпи... Сакав да почнам да го водам баш од надворешната страна, меѓутоа искрено немав храброст. Ѕиркав – меѓутоа не се пуштив. Изгледаше лудо! Направивме краток разговор и решивме барем да го изводиме од страна до под превисот...

 

Стигнав некаде до половина овде, потоа влезе Горан – тој продолжи до врвот и тогаш Вања почна уште посилно да ја буцка идеата на таа висина сепак да пробаме да се префрлиме од надвор. Секако – му дадовме шанса кога тој толку буцка – тој да се обиде.... Повторувам – ова му беше прво водење и први поставувања на тубуларци, но сега, во оваа должина – во многу сериозни услови. Многу сериозни! Вања – морам да кажам – постојано насмеан (и сега се прашувам да не случајно типот беше на нешто – а брат?!?!) прекрасно се снајде... Го помина тоа што јас и Горан го водевме и потоа со многу фино качување излезе на надворешната страна. Постави уште 2 тубуларци и се симна... Горан беше ептен расположен и тој реши да проба да отиде до горе...

После овој столб од 15-тина метри (вертикален и превисест некако), следуваше вертикала од 15-тина метри и уште 15-20 метри полесен терен, но со многу лош квалитет на мразот. Горан рече дека кога го забивал цепинот – излегувало вода од долу.... При водењето тој остана без тубуларци и практично ги солирал последните неколку метри едвај стигнувајќи до дрвото... Беше наш ред. Почна да качува Вања и кога требаше да почнам и јас да качувам – се јави Горан кажувајќи дека сидриштето е многу лошо поставено и дека не гарантира безбедност. Стануваше доцна, бевме изморени од сите тие акции околу мразот, требаше двајца да качуваме на навистина сериозно парче кое беше граница на нашите способности и сигурно ќе имаше падови и виснувања... Решивме Горан едноставно да си направи абзел, бидејќи и така ќе требаше после тоа тројца на тоа да правиме абзел... Ќе беше непотребно комплицирано, а успехот на стигнувањето до половината од мразот беше доживеан како прекрасно тимско искуство.

Втората половина од мразот има уште две должини. Горан рече од тоа сидриште третата должина била по поблаг терен, па остануваше четвртата должина да биде малце потешка, меѓутоа неспоредливо полесна со оваа втора должина. Беше супер искуство навистина... Горан и Вања се веројатно најдобрите качувачи во моментов кај нас и беше супер да се биде во нивно друштво. Постојано се шалеа нешто – „Дали вака треба снег да има?“, „Дали овде има надморска висина?“, „Зошто излегува мраз од тубуларецот кога го вртам?“, „Види долу има дупки во снегот“ (за патеката по која одевме нагоре) ... Само ова го запамтив...

Верувам дека ова е најсериозното искачување на мраз до сега направено кај нас. На смеа, на шала – се помина сериозна тежина и искачувањето на целиот мраз е многу опипливо. И покрај тоа што не успеавме да стигнеме до крајот, сепак стигнавме до некои нови граници во нас. Кога ќе се земе во предвид претходната акција на Трескавец, во друштво на битолскиве Кабадаи (ок кои еден бил Џедај) и на карпа и на мраз, искачувањата ни се „до границите“ и тоа е секако многу исполнувачко. Се надевам што побрзо ќе падне некој нов план – било каде...

Copyright © Alpinizam.org