Нашата прва посета на Пешти
Долго време сакавме да отидеме во Велес и да ги разгледаме качувачките капацитети во неговата околина. Немавме никакви конкретни информации, освен тоа дека Борче Јовчевски (велешки алпинист од постарата генерација, за кој се надеваме што поскоро ќе можеме да напишеме некоја статија) имал качувано „таму некаде“ и сакавме да видиме што има. Исто така, често при нашите патувања кон Богомила (и Солунска од таа страна) ги гледавме „белите карпи“ во околината на овој град и ни беа инспиративни, па сакавме да провериме што имаат да понудат.
Пред некој викенд имавме можност прв пат да го посетиме локалитетот Пешти. Нé покани нашиот пријател Ненад Стајиќ, кој ни кажуваше дека токму таму има високи и интересни карпи. Пристапот до ова место е доста брз и лесен. Со автомобил преку јужниот излез на Велес на околу 4,5 км има пат кој се одвојува во десно, по кој по околу 2км се стигнува до неговиот крај (има викендички наоколу). Од таму по околу 10 минути пешачење покрај Бабуна, се стигнува до карактеристична мала ливада покрај реката во која во тој дел се создава длабок и голем вир.
При таа наша прва посета ги разгледувавме карпите наоколу и можевме да видиме некои линии каде би можеле да качуваме, а исто така ја поминавме реката и од другата страна каде исто така има мала ширинка (барем во овие топли денови кога владее суша) и каде исто така имаше карпи. Разгледувајќи ги можните линии и овде, по инаку плочестите карпи, одеднаш приметивме клин...
Немавме никакви информации за насоки или било какви искачувања во овој локалитет. Сепак не нé изненади овој клин. Често сме наидувале на опрема поставувана од постарите алпинисти и секогаш ќе остане нашата голема почит кон нивната посветеност кон искачување на што повеќе насоки, на разни локалитети во Македонија. Па ете поминале и овде и тоа нé направи некако среќни. Тоа беше прв клин во насоката, не се гледаше дали отишле погоре (има густо дрво во непосредна близина) и слично – но тоа не ни значеше ништо. Нé радуваше фактот дека тука некој качувал и бевме дополнително инспирирани!
Решивме што побрзо да дојдеме и да ја повториме таа линија, а со Ненад исто така се договоривме и да се обидеме да ги најдеме пештерските цркви, по кои овој локалитет е исто така познат и каде во стрмните карпи има многу пештери. Овде во минатото имало богат монашки живот...
Така се случи овој викенд (9-ти Август 2008г.) заедно со Ненад, но овој пат и со неговата сопруга Ане, повторно да го посетиме Пешти. Си земавме опрема за качување и секако неизбежното за овој период од годината – гооолема лубеница и две дињи...
Кога пристигнавме кај ширинката покрај реката, со Весна веднаш решивме да влеземе во насоката сé додека не станало многу топло и почнавме да се подготвуваме. Дојдовме до местото под клинот кој го видовме минатиот пат и почнав да качувам. За обезбедување со мене носев неколку френдови и чокови. Карпата беше цврста, иако на моменти имаше ронлив слој кој гледав да не го вознемирувам многу, плашејќи се за Весна, нашиот камерман Ненад и Мали кој трчаше наоколу максимално возбуден од ладната вода на Бабуна...
Ми се допадна качувањето! Убава карпа со чиста бела боја. Во насоката најдов три клина, вклучувајќи го првиот кај дрвото. Имаше уште еден закован до половина (или и помалку) некаде во првата третина, а третиот беше во плочест дел во горниот дел од насоката. Покрај овие точки, поставив уште три мои – еден френд и два чока со мала димензија, бидејќи таков е изборот на добри пукнатини. Треба да се внимава да не се користат пукнатините кои ги создаваат нестабилните блокови.
Од врвот на столбот се излегува до под големата пештера која се гледа од ширинката долу и од таму по патека се симнавме до нашите пријатели кои веднаш нé почестија со добро одбраната лубеница.
Следна цел во денешната експедиција беше пронаоѓање на барем една од пештерите каде има икони. Тргнавме спроти течението на Бабуна и по 10-тина минути од десна страна забележавме една поголема пештера и две мали дупки над нејзе. Личеа на уста и две очи овие форми. На десниот дел од големата пештера се приметуваше ѕидан дел и веднаш се упативме кон неа. Сепак поради жештината и обраснатиот терен, не стигнавме многу брзо, а во еден момент Мали кој верно нé следеше можеше да ги покаже и неговите качувачки способности...
Внатре во пештерата можевме да видиме остатоци од икони и срушени ѕидови кои веројатно биле дел од една од црквите. Катастрофалното однесување на посетителите беше забележително. Секој гледал да остави доказ дека бил таму, резбајќи го своето име каде ќе стигне, па и врз иконите... Исто така можевме да се искачиме и до дупките кои личеа на очи од долу и од нив имавме поглед кон спортивната страна на реката – кон другите пештери високо во карпите. Веројатно и тие кријат некои тајни...
Одличен ден! Прекасно искачување, насока, карпа – искуство. Прекрасно искуство при потрагата по пештерите... Сигурно ќе го посетиме ова место повторно. Од аспект на качување дефинитивно постојат можности и треба да се истражува. Следниот пат ќе одиме на некоја нова (или можеби стара) насока.
Таа што ја искачивме има оцена околу IV. Ако некој препознае за која насока се работи (по сликите во галеријата), го молиме ако знае да нé извести за првите качувачи, за името, но исто така и за други постоечки насоки како овде така и на други места околу Велес... |