Интервју со Едмунд Хилари - заедно со Тенцинг Норгај беше првиот на Еверест

-Извадоци од интервју во списанието „Лајф“

...Кога прв пат отидов во Хималаите во 1951 година, имав 31 година. Хималајските качувачи созреваат подоцна. Мислам дека повеќето успешни Хималајски качувачи биле на возраст од 28 до нешто над 40 години. Кога сте помлади веројатно сте побрзи, но кога сте постари имате неверојатна издржливост и многу повеќе искуство – имате преживеано повеќе лоши искуства во планините, додека помладите кои постојано само сакаат да итаат напред, немале доволно такви искуства. Кога качувате на големи висини, животот може да биде навистина мизерен и мислам дека постарите качувачи може подобро да поминат низ тоа отколку помладите.

...Пред да заминам за успешната експедиција на Еверест, во 1951 година бев член на две Хималајаски експедиции, а во 1952 на уште една друга. Се сеќавам дека во 1951 година, кога пристигнавме во Сиднеј пред нашето заминување за Хималаите, дававме интервјуа за поголема група новинари. Кога им рековме дека нема да одиме на Еверест, тие целосно изгубија интерес за нас. Едно момче ме запраша: „Дали некогаш си бил блиску до смртта?“. Јас му одговорив: „Па не знам. Сум бил многу исплашен неколку пати.“ Потоа ме запраша: „Дали некој загинал за време на твоите искачувања?“ Јас одговорив негативно. На сето тоа тој прокоментира: „Значи, ништо возбудливо?“

Дали бевте застрашени при првата средба со Хималаите?

Не. Кога прв пат ги видов бев само многу импресиониран. Тие беа прекрасни, но не изгледаа ништо поинаку од Јужните (Новозеландски) Алпи.

Колку членови бевте во тимот?

Имаше 11 качувачи, а потоа и Тенцинг (Норгај) стана дел од качувачката екипа. Значи 12 качувачи и уште тројца други – камерман, доктор и Џејмс Морис – одговорен за новинарите. Значи 14 -15 луѓе. Големите екпседиции дојдоа после нас: Јапонците и Италијаните кои имаа 50-60 членови и огромен број Шерпаси. Нашата не може да се спореди со нивните.

Постоеше и натпревар?

Тоа дефинитивно беше трка. Швајцарците имаа зафатено два термини – пролетна и есенска експедиција во 1952, а ние бевме во околните планини и ги слушавме вестите. Бевме загрижени околу тоа дали Швајцарците ќе бидат успешни или не. Не сакавме да им се случи ништо лошо – многу ги почитувавме. Но се надевавме дека нема да успеат да стигнат до врвот. Токму тогаш Тенцинг се издвои во екипата – заедно со Рејмонд Ламберт беа многу силен пар.

Како ти и Тенцинг станавте пар во 1953?

Човекот со кој навистина добро качував заедно беше Џорџ Лов. Мислам дека ако бевме заедно во тимот за врвот ќе бевме исто така успешни поради тоа што добро работевме заедно. Но Џон (Хант – водачот на експедицијата) одлучи Џорџ и јас да работиме во различни групи поради тоа што и двајцата одлично качувавме на мраз. Така видов дека нема да качувам со Џон и видов дека Тенцинг е најдобриот и најбрзиот човек таму...

Дали се сеќаваш добро на качувањето?

Многу добро. Се сеќавам дека за малку ќе се откажевме на страната на Лотце. Во еден момент не правевме никаков напредок. Го убедив Џон да ми дозволи на мене и Тенцинг да одиме нагоре и да продолжи качувањето – се согласи. Така јас, Тенцинг и Вилф Нојс ги покренавме работите. Малку подоцна нешто пред Јужното Седло, повторно работите почнаа да се одвиваат бавно. Повторно го убедив Џон да ми дозволи на мене и Тенцинг да водиме нагоре кон Јужното Седло. Џон не сакаше јас и Тенцинг да се премориме, но јас се чувствував добро.

Потоа имавме состанок на кој се договравме за стратегијата за одењето кон врвот. Ќе бев изненаден ако на мене и Тенцинг не ни беше дадена шасната да го направиме искачувањето на последниот дел.

Ноќта пред последното тргнување се сеќавам дека имаше силен ветер насекаде околу нас. Можевме прво да го слушнеме пред да удри во нашиот памучен шатор. Со Тенцинг сфативме дека само нашата тежина всушност го држи шаторот на место. Со тој ветер чувствував дека ќе имаме проблеми при качувањето. Никогаш не сум бил апсолутно сигурен дека ќе стигнам на врвот. Секогаш размислував како временските или снежните услови ќе ни го отежнат стигнувањето до врвот или пак дека нема воопшто да успееме.

Но рано следното утро ветерот веќе не дуваше силно. Околу 4:30 часот ѕирнав надвор од шаторот и видов дека има облаци, но беше доволно чисто и увидов дека имаме добра шанса да се обидеме да стигнеме до врвот.

Бев потполно сигурен дека заедно со Тенцинг ќе успееме. Тенцинг беше нестрплив да тргнеме. Знаевме дека условите се доволно добри, се подготвивме и тргнавме.

Не можам да кажам дека делот до врвот беше забавно качување. Напорно беше а кон Јужниот Врв имаше мек снег и бевме загрижени за лавинските услови. Но ова беше Еверест и знаевме дека мора да направиме нешто повеќе од тоа што го работевме вообичаено.

Во моментот кога го минавме делот кој сега се вика „Хилари степ“ гребенот како да го снема. Не можевме да видиме каде точно е врвот. Не можевме да го најдеме врвот. Тој не е остар врв околу кој се држиш со твоите раце, туку е комфорен врв на кој веројатно шест или осум луѓе можат да застанат заедно. Убав врв.

Ја извадив маската за кислород и направив неколку фотографии кон сите страни и гребени со цел да имам доволно докази дека сме се качиле на врвот. Потоа погледнав кон Макалу и почнав да барам насоки до врвот. Почнав ментално да барам насока до врвот и по тоа што ги замислив по таа насока Макалу подоцна беше качен.

Кога се симнавте долу работите многу брзо почнаа да се одвиваат. Бевте прогласен скоро веднаш за витез.

Немам ништо со тоа.

Не го сакавте тоа?

Ако ми беше даден избор – немаше да го прифатам

Зошто?

Па не мислам дека тоа искачување беше доволен „материјал“ за да бидам прогласен за витез, а од друга страна и не го направив за тоа. Но во следните години открив дека ако сум прагматичен околу тоа – лесно ќе добијам подршка за други активности.

Продолживте со други авантури, но работевте многу и за Непал.

Станав добар пријател со Шерпасите, а беше многу очигледно дека ним им недостасуваат многу работи кои ние си ги земавме за готово. Немаа училишта и болници. Ги засакав Шерпасите и едносатвно сакав да им помогнам. Така во еден момент кога тие ми рекоа дека имаат потреба од училиште, бев решен да најдам средства за тоа. Во 1966 година изградивме училиште и болница. Сега имаме 30 училиште и неколку болници и клиники.

Исто така станавте и дипломат.

Станав амбасадор на Нов Зеланд во Индија, Бангладеш и Непал...

Што мислите за вашиот син Питер кој исто така качува?

Тоа беше потполно негов избор. Никогаш не сум качувал со него на некоја голема планина. Тој многу работеше и стана подобар технички качувач од мене. Секогаш качуваше тешки насоки и не беше заинтересиран за нешто лесно. Имаше многу повреди, а еднаш за малку и ќе загинеше во искачување кога загинаа четворица други качувачи. Многу ми олесна кога се качи на Еверест. Тоа беше по истата насока која ние ја качивме и ми се јави од врвот – многу чудно искуство.

За што зборувавте?

За разни работи. Нешто што ме задоволи беше комплиментот што ми го даде за Хилари Степ. Рече дека тој дел бил потежок отколку што очекувал.

Каква беше вашата реакција кога слушнавте за трагедијата во 1996 на Еверест?

Очекував да се случи нешто такво, но бев потресен. Слушавме како човек зборува со својата сопруга по телефон пред да почине. Тоа беше драматично – многу тажна работа...

Дали се сменила природата на планинарството и дали тоа е една причина за трагедиите?

Постои разрушување на планинарските вредности. Тоа беше тимска игра порано. Сега многу често е „секој сам за себе“. Тенцинг и јас се качивме заедно на врвот – не беше некој прв, а некој втор. Сега - секој сам за себе. Не може ништо да се направи во врска со тоа. Такви се луѓето денес.

Со целата таа гужва на врвот на планината дали денешните качувачи го доживуваат истото задоволство кое го имавте вие?

Мислам дека не. Мислам дека ние бевме среќни. Сами правевме сé: насоката, сами ја носевме опремата, бевме првите на највисоките делови на планината. Овие предизвици не постојат повеќе.
Copyright © 2005 Alpinizam.org