Болдерингот, како форма на поминување на технички тежини на ниски карпи е составен дел од тренингот на алпинистите и качувачите уште од втората половина на XIX-тиот век, но до 1950-тите години на него се гледало само како на тоа - тренинг за „вистинското“ качување т.е. тренинг за качување на високи карпи, „занимација“ во врнежливите денови...
Џон Гил (роден во 1937 година) е познат американски математичар и качувач. (Вели: „Постои поврзаност помеѓу математиката и качувањето. Таа доаѓа од самостојноста во напорот и поседувањето на добри вештини за препознавање на шеми – надополнето со желбата да се решаваат проблеми и да се истражува...“)
Тој е првиот кој сериозно започнува да го промовира болдерингот како посебна качувачка активност која и не мора да има никаква врска со качувањето на високи карпи. Тој е прв кој почнува да зборува за „уметноста на болдерингот“, промовирајќи го тој концепт во текстови, создавајќи посебен систем за технички тежини, поместувајќи ги границите на можното во овој стил на качување уште во 1950-тите и раните 1960-ти години...
„Качувачот кој работи болдеринг, се грижи за формата на извршување на движењата скоро исто колку и за успехот и тој нема да почувствува дека целосно совладал некој проблем сé додека тоа не го направи – грациозно“
Со таков пристап тој поминува силни болдер проблеми уште во 1950-тите години: први V8 и V9 искачувања во 1958 и 1959 година. Прво искачување на VIII+ насока – соло во 1961 година...
Овие и V10 искачувањето во 1978 година се веројатно негови најголеми достигнати оцени, но бројките никогаш не биле негов основен предизвик. Во текот на целиот негов живот тој во континуитет продолжува да истражува и открива нови локалитети и да искачува нови болдер проблеми - независно на тежината...
По пензионирањето (работи како универзитетски професор по математика) го создава својот веб-сајт во кој пишува за болдерингот – историја, личности, сé што сте сакале да знаете за овој стил на качување...
Повеќе инфо: www.johngill.net |
Џон Гил
-18.01.2011г.
Таткото на модерниот болдеринг
Размислувања
„Основата на болдерингот се концентрацијата и фокусот. Лесните проблеми можат да бидат прекрасни медитации во движење, а поголемите предизвици можат да ја изострат способноста за фокусирање. Медитативните вежби можат да помогнат да се здобие целосна посветеност и свесност, но ако ги правите само со цел да можете да правите што поексклузивни искачувања – тогаш сте го промашиле нивниот најголем благослов: добивање на радост при качувањето на било која техничка тежина. Ако единствената работа на која помислувате при болдерингот е тоа да бидете подобар од некој друг или пак да искачите поголема техничка тежина – сте ја промашиле поентата на болдерингот – а тоа е да се поедностави актот на качувањето и да се тргнат на страна сите други ирелевантни фактори.
Со цел да се доживее болдерингот како основа на актот на качувањето или како совршена минијатура – луѓето треба да имаат претходно познавање на традиционалното качување, а посебно на алпинизмот. Тоа нема да се доживее ниту ако се има претходно познавање на спортското качување, поради тоа што спортското качување всушност е само еден вид продолжување на болдерингот. Некои качувачи нема да се согласат со мене, но јас тоа го зборувам од познавање на корените на овие две активности. Тоа навистина е така. Откако ќе се искусат ограничувањата и опасностите во традиционалното качување, а посебно истражувањата и искачувањето на првенствени насоки – тогаш може да се добие подлабока допадливост кон едноставноста на болдерингот... Исто така со влегувањето во болдерингот преку овој пат, кај луѓето ќе се зголемат шансите да го разберат своето место во долгата и богата историја на качувањето.
Бев многу сигурен дека на качувањето треба да се гледа како на продолжение на гимнастиката, а не на планинарењето. Мислам дека сум првиот качувач со ваков став. А каде е подобро да се практикува тоа гимнастичко качување на карпа отколку на ниски карпи – болдери? На болдерингот почнав да гледам како на активност преку која многу очигледно можат да бидат поместени разни стандарди. Подоцна почнав да увидувам дека во болдерингот има и други димензии – дека тоа е медитација во движење и дека тоа многу значи во оваа активност која може да се практикува целиот живот. Кариерата на еден качувач не мора да се врти само околу техничката тежина.
Гимнастиката имаше голем удел во моето качување. Гимнастиката ми даде сила и брзина. Во исто време на качувањето гледав како на уметност која треба да биде вежбана и усовршувана – како натпреварувачка гимнастичка вежба. Динамичките движења ги научив во гимнастиката и ги пренесов како концепт во качувањето – како и употребата на магнезиумот во почетокот на 1950-тите години. Во 1959 година го направив првото многу важно искачување на болдер проблем – според денешниот принцип на оценување тежината е V9.
Моментот на пресврт за мене беше тој кога во 1955 година го видов Алберт Азарјан како ја прави својата гимнастичка вежба на карики. Увидов голем потенцијал кога таа сила би се пренела во качувањето. Во тој процес јас од 65 килограми набилдав тежина од 80 килограми – сé во мускули. Иронично е тоа што денес со цел качувачите да можат да се кренат на минијатурните фаќалишта на многу тешки болдер проблеми тие би ослабнале од 80 на 65 килограми. Типот на сила кој јас го развивав беше соодветен за моето време, но времињата навистина се менуваат... Сепак, повеќе би сакал да бидам атлетски граден како што бев, отколку да бидам доволно слаб за да можам да искористам некое дополнително фаќалиште.
Во 1958 година го развив првиот систем за оценување на тежините во болдерингот: B1 = моментална најтешка техничка тежина искачена при обезбедување со јаже или во традиционалното качување, В2 = широка категорија на потешки искачувања т.е. болдеринг ниво на тежина и В3 = оцена која се дава на тежок проблем кој бил искачен само еднаш. Таа може да биде намалена. Мојата идеја беше да го охрабрам натпреварувањето и напредувањето во техниката на качување, но да не дозволам бркање на што поголеми бројки на тежина. И погодете што – победи бркањето на бројки. Всушност мојот систем беше растурен со напредувањето на спортското качување – активност која ќе беше пречекана со презир како целосно неетичка за време на т.н. Златен Период (1960-тите години во Јосемити)
Од сите тие бројки и букви и табели и поени денес - ми се мачи. Отворената скала на технички тежини секако дека вовлече многу млади качувачи во овој спорт, но ја затупи имагинацијата на многу качувачи. Дали качувањето се состои само од тоа?
Влијанието на голема маса луѓе може да ја деградира скоро секоја спортска активност. Нештото што станува популарно и преполно со жаргон – тоа станува евтино под влијанието на медиумите. Со ова не мислам дека „стандардите“ нема да се зголемат... Тие секако дека ќе се зголемат со појавата на што поголем број искусни учесници. Но дали зголемувањето на стандардите – еве на пример преминување од тежина V12 на тежина V13 – дали тоа е дел од актот на качувањето? Не е ли тоа само заедничка карактеристика на сите спортски натпревари? Качувате, ги учите тежините, дознавате на кое ниво качувате, се обидувате да поминете на повисоки ниво – и при тоа повеќе не се фокусирате целосно на качувањето, туку само на бројките. Тие бројки не се есенцијата на карпата – тие се човечка креација. Исто така системите за оценување на тежините се со недостатоци...
Вистината е една – секое качување од некоја индивидуа е индивидуален акт и тоа на никој начин не е поврзано со нечие друго претставување на истата карпа. Кога ова навистина ќе го разберете, ќе се ослободите од силните сили на начинот на работа и филозофијата на „мејнстримот“ и ќе почнете да го цените едноставното и неискористено искуство на качувањето...“ |
|