Интервју со Костантин Циривири (Инструктор – Алпинистички Водич при МАА) -водено од Дарко Наумовски за гласникот „Алпинист“
Дали во Македонија има услови за алпинизам?
...Имаме перфектни како зимски, така и летни објекти за алпинизам. Македонија е пред сé планинска земја со голем број планини повисоки од 2000 метри, а климата обилува и со ладни зими, кои во одредени микрорегиони, како што е околината на Патишка Река или Лешница се со алпски карактеристики...Нема воопшто потреба да се сомневаме во погодноста на релјефно климатските услови. Од друга страна, луѓето на ова поднебје од секогаш умееле да живеат на и со планината и тоа многу успешно...
...За развој на алпинизмот потребни се неколку основни елементи: пред сé добро обучени луѓе (согласно со современите светски стандарди), инфраструктурата (уредени локалитети за алпинизам), едукациска и популарна литература од областа на алпинизмот, континуирано присуство во јавноста и како надградба на сето тоа врвни достигнувања во домашните планини и надвор...
Што претставува за тебе квалитет во алпинизмот?
Голем проблем е да се дефинира квалитетот воопшто особено во денешните услови на функионирање на целокупното општествено живеење...Можете да отидете со автобус на хималаите или Андите до четири или пет илјади метри и вие ќе бидете популарен и за вас ќе се зборува како за планинар или алпинист, а не како за патник во автобус. Од друга страна, кај нас на Лешница, на Караџица или на Солунска глава, можете да искачите екстремно тешка насока и тоа ќе остане незабележано или пратено со фрустрирачки коментари. Луѓето кај нас, за жал и тие во планинарството, сé уште мешаат географски со алпинистички поими...
Секое качување треба да се дефинира според неговата објективна алпинистичка тежина без оглед на тоа дали е изведено дома или некаде далеку. Алпинизмот не е сцена за шарени паради, впрочем затоа и ги отфрли од себе многуте спортски гранки кои никнаа од него...
...Под квалитет во алпинизмот го подразбирам достигнатото ниво на интеракција помеѓу поединецот и планината и целокупната свесност и интелегентност што ја демонстрира човекот во односот кон планината, кон себе и почитувањето на универзалната моќ на природата...
Кои беа причините да започнеш со едукација на алпинисти?
...Без едуцирани алпинисти нема алпинизам. Ќе има инцидентно по некоја активност, поголема или помала и сé ќе замре. Едукацијата е најнеблагодарна работа во алпинизмот бидејќи за сметка на сопствената кариера и резултати, ја трошиш енергијата, времето па и средствата за обука на луѓе, буквално им се даваш себе си, а за возврат добиваш нешто што е многу релативно. Ако гледаш во перспектива, знаеш дека ја исполнуваш вистинската задача, но тука околу тебе, во прашината што ја креираат шарените парадери, ти не си направил ништо...
Каде според тебе се наоѓа македонскиот алпинизам спореден со светскиот?
...Во Македонија има алпинисти кои сакаат да качуваат на карпа и да бидат на планина едноставно зато што така им е убаво, а не заради тоа што се подготвуваат за една или друга експедиција...Како поднебје и како луѓе имаме одлични услови да бидеме во светскиот врв, погледнете го примерот со Словенија, од каде што можеме многу да научиме. Но општествената реалност, стандардот на живеење, институционалниот третман на алпинизмот во државата се веќе нешто друго. Со дваесет илјади денари годишен буџет не се станува светска сила. Не се ни преживува доколку не постојат големи ундивидуални залагања п аи жртви...
Што ти претставува предизвик во алпинизмот?
Во изминативе години бев преокупиран со тоа да излезат што повеќе едуцирани алпинисти...Во иднина мора да се создадат уште нови кадри. Има некоја бројка што е неопходна, а после тоа резултатите ќе почнат да доаѓаат. Останувам на тоа дека луѓето се најважни...
Од друга страна имам и качувачки предизвици. Сон ми е да ја имаме веќе еднаш македонската алпска трилогија (искачување на северните страни на Ајгер, Матерхорн и Гранд Жораз), а не индивидуална трилогија во наврска со странец или уште полошо некој професионален водач...
...Предизвик ми е да бидам пријател со планината, да ја разберам, да ја сватам, да успеам да не прифати. И тука не се важни ниту метрите, ниту тежините, тука е најважен човекот во планината и планината во човекот...
Што сметаш за твој најголем успех во алпинизмот?
Иако можеби изгледа чудно, на прво место би ги ставил резултатите од мојата инструкторска работа... Понатаму, горд сум и на својата творечка работа, имам напижано осум книги за планинарството и алпинизмот од кои шест се издадени во една или друга верзија, а две книги, можеби највредните, чекаат средства за да бидат издадени... За искачувањата можам да кажам дека сите ми се драги, а како поважни би ги издвоил Гранд Капусен... и првата македонска зимска експедиција во Алпите во 98-та која исто така воведе некои нови стандарди кај нас...Но некако најмили од сите искачувања ми се првенствените насоки во домашните локалитети на Солунска, на Остра Карпа и на Демир Капија... |