Ернест Шеклтон - мајстор во преживување
„Се бараат луѓе за опасно патување: ниски плати, многу студено време, долги месеци целосна темница, постојана опасност, а безбедно враќање - несигурно. Во случај да се успее – почит и признание.“ Според една приказна, тоа бил текстот во рекламата која ја напишал Ернест Шеклтон за да го состави тимот за својата Кралска Транс-Антарктичка Експедиција во 1914 година. Не многу интересна понуда, но 27 луѓе се пријавиле. Иако нивниот обид не бил успешен во техничка смисла на зборот – пред да стапнат на земја, нивниот брод се судрил со санта мраз, оставајќи ги заробени повеќе од една година – тие успеале, зачудувачки и херојски, безбедно да се вратат дома.
Експедицијата на Шеклтон е една од најпознатите приказни за преживување.
Роден во Ирска во 1874 година, Шеклтон како секогаш да живеел во два света. Немирен како ученик, го напушта училиштето на 16 години и се придружува на трговската морнарица, каде добива репутација на човек кој ги сака книгите... Во 1901 година се пријавува за експедицијата на Роберт Скот на Антартика. Шест години подоцна се враќа таму со своја експедиција. Стигнувајќи на само 150-тина километри од Јужниот Пол, со смрзнатини на стопалата и прегладнети, Шеклтон и неговите луѓе се враќаат. Не успеваат да стигнат до Јужниот Пол, но нивниот обид го подобрува рекордот на Скот за 580 километри.
За несреќа на Шеклтон, норвешкиот истражувач Роалд Амундсен го освојува Јужниот Пол во 1911 година. Но фактот што не го добива тој трофеј не значи многу за Шеклтон - тој го планира првото поминување на Антартика - пешки.
Според планот, требало да отпловат два брода. Првиот со Шеклтон на команда, да го помине немирното Веделско Море и да се закотви во заливот Вахсел, а вториот да плови преку Морето Рос и екипажот да остави залихи на храна за еспедицијата на Шеклтон. Предизвиците биле јасни: Веделското Море е познато по сантите мраз, заливот Вахсел не нуди добри можности за закотвување, а територијата меѓу Веделското Море и Јужниот Пол не била воопшто означена. Шеклтон ги имал на ум овие тешкотии, но не можел да претпостави дека морето ќе замрзне порано таа сезона.
Во август 1914 година екипажот на Издржливост – 300 тона тежок брод изграден во Норвешка, кој е крстен по фамилијарниот грб на Шеклтон ( Fortitudine vincimus - „со издржливост освојуваме“), испловува од Темза и тргнува кон југ. На 7-ми декември, на 57 степени јужна ширина, се појавува првиот мраз и шест недели потоа Издржливост се пробива низ замрзнати мориња. На 29-ти Јануари, мразот победува и го заглавува Издржливост во санти мраз високи до 7 метри. Издржливост пловел 19000 километри, се пробивал низ мраз уште 1700 километри и заглавил на 180 километри од својата цел...
Шеклтон смирено му изјавува на својот екипаж дека ќе ја поминат зимата на мразот до пролетта - зима која може да трае до девет месеци. Тогаш тој започнува да смислува најразлични активности за зачувување на добрата ментална состојба на екипажот со кои полесно ќе се помине времето. Тие се забавуваат со разни претстави, организираат трки со канадски кучиња кои биле земени со нив - кладејќи се на чоколади и цигари. Еден од двајцата доктори во екипажот го опишува Шеклтон вака: „Не покажуваше никаков бес и надворешно не покажа никаков знак на разочарување...“
Дури и кога бродот почна да напукнува, Шеклтон го одржува екипажот заедно, наредувајќи им на луѓето да воспостават „Камп на Морето“. Искористувајќи ги оштетените греди од Издржливост, градат магацин на мразот и го полнат со три тона храна. Го обиколуваат главниот објект со пет ленени шатори и три чамци за спасување.
На 27-ми Октомври 1915 година, Издржливост потонува. Шеклтон не можејќи да спие цела ноќ, следното утро откако го испива своето кафе во 5 часот наутро, изјавува: „Бродот и залихите на храна ги нема веќе – треба да си одеме дома.“
Ќе им треба уште половина година да се подготват за тргнување...
На 9-ти април 1916 година, мразот станува потенок и екипажот може да заплови по морето. Нивна единствена надеж според Шеклтон е да стигнат на Островот на Слоновите, кој е на околу 180-тина километри оддалеченост. По седум дена невреме, морајќи постојано да ги празнат своите отворени чамци за спасување, екипажот пристигнува – некои од нив скоро безживотни.
Шеклтон знае дека да се остане на отворено море, неколку стотици километри далеку од најјужниот дел на Јужна Америка, скоро сигурно значи смрт. Така тој и уште пет доброволци го земаат најдолгиот чамец за спасување, а нивна цел бил островот Јужна Џорџија - околу 1300 километри на север.
Нивното патување денес се смета за едно од најпознатите патувања со брод на сите времиња, оваа група минува 17 дена на најбурниот океан на светот. Биографот на Шеклтон го опишува бродот како „инсект кој плови на брановите на плимата.“ Ако пресметките на навигаторот биле погрешни за само еден степен - чамецот ќе залутал. Но тој продолжувал сигурно низ снег, урагански ветришта и бранови високи по 7 метри. Екипажот вадел клинци од чамецот и ги забодувал во ѓоновите на своите чевли за да не испаднат од него. Преморени, стигнуваат на копно и треба да поминат 40-тина километри преку неозначена територија на планини и глечери, пред да стигнат до пристаништето. Кога го започнале своето ново 36-часовно патешествие, Шеклтон рекол: „Ако нешто ми се случи додека моите луѓе чекаат на мене, ќе се чувствувам како убиец.“
Но тоа не се случува. Четири месеци подоцна, после три неуспешни обиди да ги спасат луѓето, Шеклтон успева да му се врати на екипажот. Дури и пингвините го имале напуштено Островот на Слоновите. Скоро прегладнети до смрт, луѓето преживеале стискајќи се под чамците за спасување, пеејќи песни за да ги задржат последните нишки надеж и свесност. Сите 28 луѓе кои отпловиле на Издржливост преживеале.
Неколку години подоцна, Рејмонд Присли, кој бил геолог во тимот на експедицијата на Шеклтон во 1907 година изјавил: „За брзо и ефикасно патување викни го Амундсен, за научно истражување викни го Скот, но кога си на крајот и ништо друго не успева, клекни и моли се за Шеклтон.“ |