Патагонија: Мистична земја (текст од Силво Каро за книгата „Гласови од врвот“)
Сé уште се сеќавам на денот кога во 1982 година заедно со Јанез Јеглич за прв пат ја видовме источната страна на Фицрој (3375м). Бевме отидени да си ги купиме првите патики за качување во Италија и продавачот ни даде бесплатен постер од Фицрој. Бевме маѓепсани од фотографијата на оваа прекрасна планина... Зборувавме со Франц Кнез кој е нешто како Гуру во словенечкиот алпинизам, околу нашата идеја да се качиме на Фицрој и него исто така го фати нашиот ентузијазам. Така станавме тим. Подоцна луѓето нé нарекуваа тројцата мускетари.
Немав читано многу за планините во Патагонија. Имав претстава дека не се некои добри планини за качување. Исто така, ако читаш многу за некој планина на која сакаш да се качиш, почнуваш да се плашиш. Денес скоро сите искачувања се опишани во разни книги и списанија и имаме можност да читаме за разни драми, големи невремиња, надчовечки напори, преживувања и секако жртви. Некои луѓе се откажуваат од качувањето откако ќе ја прочитаат само првата глава од некоја таква книга. Јас им се восхитувам на истражувачите од минатото кои едноставно заминувале во свет за кој не знаеле ништо. На еден начин тие биле среќни поради тоа што тоа незнаење им дало поголеми доживувања...
Планините во Патагонија имаат интересни форми. Тоа се високи кули кои на врвот имаат огромни печурки снег кои често му ставаат предвремен крај за некое планирано качување. Качувањето само по себе е предизвик. Не само поради ненадејната промена на временските услови, кога понекогаш во цела сезона има само неколку чисти денови, туку исто така ветровите кои удираат во планините со брзина од 200 километри на час носат со себе снегулки и ги прекриваат ѕидовите со дебел слој на мраз.
Сепак, понекогаш со благ јужен ветер, небото над Патагонија се расчистува и тогаш сликата е неверојатно убава. Ројал Робинс еднаш напиша: „Патагонија е неверојатно убава. Одете таму да планинарите, одете да фотографирате, но ако саката сериозно да качувате треба да бидете пред сé мазохист и да имате многу слободно време на располагање.“
Кога Мелори и Ирвин се искачувале кон Еверест во 1924 година, Фицрој тогаш се викал Шалтен – „вулкан“ на јазикот на патагониските староседелци. Името дошло од таму што планината скоро секогаш е покриена со облаци. Подоцна кога била мерена неговата височина, топографот Перито Морено го преименувал врвот во „Фицрој“ - во чест на англискиот капетан Фиц Рој...
Лајонел Тери кој заедно со Гидо Мањони станува првиот човек кој ќе се искачи на оваа планина во 1952 година, за тоа искачување напишал: „Од сите мои искачувања, токму ова на Фицрој ме доведе до границите на мојата сила и храброст. Не се работи само за техничките тежини кои се зголемуваат од должина во должина. Искачувањето на оваа планина е многу комплицирано, ризично и заморно – потешко од најтешките страни во Алпите...“
Фицрој не е единствениот врв кој нуди огромен предизвик за алпинистите во Патагонија. Не толку далеку тука е и Серо Торе(3102м)... Словенечките алпинисти немаа качено врв повисок од 8000метри сé до 1975 година, а исто така доцневме и во Патагонија. Сепак и покрај фактот што сите поважни врвови беа качени, некои од најтешките страни сé уште не беа. Тоа беше мојата и целта на моите пријатели.
Во 1983 година заедно со Јанез и Франц отпатувавме за Патагонија и наша цел беше источната страна на Фицрој, а како тоа да не беше малку и источната страна на Серо Торе... Дома изработивме план во кој сметавме на комбинација на фиксирање на јажиња и качување во алпинистички стил. Планиравме да ја фиксираме првата половина од страната, а втората да ја качиме во алпинистички стил во два дена... Сé тоа ќе функционираше ако времето беше добро, но не беше така. Добро напредувавме со фиксирањето на јажињата, но кога почнавме да качуваме во алпинистички стил работите се сменија. Качувавме цел ден и направивме бивак на самата страна околу 170 метри под врвот. Ноќта беше чиста – гледавме ѕвезди на небото. Но, околу три часот почна да врне снег и да дува силен ветер. Почнавме да се симнуваме по лошо фиксираните јажиња (кои поради недостаток на пари сами ги направивме и не беа тестирани), но издржаа...Сепак на 8-ми Декември времето се поправи и ја завршивме нашата прва насока во Патагонија. Тоа ни беше доволно за таа сезона, но веднаш почнавме да сонуваме за други работи: Серо Торе и Торе Егер...
Секој кој не бил во слична ситуација сигурно се прашува како тоа повторно сме сонувале за нови искачувања кога сме имале такво прво искуство... Но алпинистите се разликуваат од другите луѓе само по својата активност која сме ја избрале да ја практикуваме: поради тоа што внатре во нас сме го пронашле тоа што сите го бараме. Веројатно се разликуваме единствено од тие кои имаат соништа, но не прават ништо во врска со нив.
Секое ново искачување во Патагонија отвараше нови хоризонти за мене. Пред да се решиме со Јанез Јеглич да одиме на јужната страна на Серо Торе, веќе имавме преживеано многу искуства. Но за да се успее таму, не е потребно само многу искуство, туку и голема волја и решеност. Сепак се работеше за единствената неискачена страна на Серо Торе, а и најголемата. Тоа беше во 1987 година, а трет член во тимот сега беше сопругата на Јанез – Ирена. Тие беа тазе венчани и ова беше нивниот втор „меден месец“. Тоа искачувње по јужната страна на Серо Торе е едно од моите најголеми алпинистички достигнувања. Тука дојдов на границите на мојата сила, храброст и издржливост...
Во 1996 година направив неколку брзи искачувања во Јосемити, а во 1997 се сретнав со Роландо Гариботи. Тој е Аргентинец, кој со својата сопруга живее во Колорадо во САД. Со Роландо качував како да се знаевме со години и качуваме брзо како добро подмачкана машина. Во Јануари 1999 година заминавме за Патагонија со цел да се качиме на западната страна на Фицрој по насоката Енсуењо: прв пат качена од италијански алпинисти во 1995 година. За нивното искачување во алпинистички стил и симнување им беа потребни шест дена. Ние сметавме тоа да го направиме во еден ден. Тоа беше голем предизвик...
Насоката имаше 37 должини и ја качивме во период од десет часа. На глечерот се симнавме за околу осум часа. Бевме презадоволни, а после ова искачување имавме нови соништа и нови големи остварувања...
Каде сме денес, а каде оди алпинизмот, тоа е тешко да се каже. Постојат толку различни гледања за тоа како да се качува, колку што постојат алпинисти. Јас лично сметам дека алпинизмот треба да им се врати на своите корени. Секако, секогаш е тешко да се оди назад, но треба да се знае дека алпинизмот не почнал со нас ниту ќе заврши со нас. Како и сите генерации пред нас, ние сме наследиле нешто, но исто така оставаме зад нас... Среќен сум што денес качувам онолу колку можам - нешто што следните генерации ќе го качат побрзо и подобро. Но исто така имам голема почит кон достигнувањата на алпинистите од минатото. Од сите достигнувања најмногу ги почитувам тие направени во стил кој на мене најмногу ми лежи – едноставен алпинистички стил.
Патагониските дивини сé уште нудат возбудливи алпинистички предизвици. Повеќето врвови се качени, но постојат многу насоки кои допрва треба да бидат качени, а некои постари и познати насоки да бидат допрва повторени. Исто така постојат и неискачени врвови. Потребно е само визија, идеа и решеност. Сé друго е веќе тука. Патагониските невремиња ќе продолжат да постојат помагајќи им на следните генерации да се вратат од Патагонија, исполнети од достигнувањето кое им го овозможила таа мистична земја. |