Други текстови од Симоне:
- Искачување од 5 ѕвездички: Бека Бакаи Чок |
Батура 2 и алпинизмот
- текст на италијанскиот алпинист Симоне Моро
Вовед
Има премногу луѓе над 8000 метри и секој се обидува да направи колекција од 14-те планини повисоки од оваа „фатална“ височина. Тие кои не се стремат да ја направат оваа колекција, туку едноставно сакаат да стигнат до некој од овие врвови во 95% од случаите тоа го прават со искачување по „нормалните“ насоки кои иако не се едноставни, сепак претставуваат искачувања направени пред околу половина век.
Друга мода во последно време е исто така и да се биде прв во нешто на било кој од овие врвови – прв Италијанец, прв Американец, прв Сенегалец, прв глув човек, прва жена, прв човек кој се качува наназад, прв белец, црнец, најбрз, најубав, најбогат, нај...глупав. И јас исто така сум „грешел“ качувајќи се по нормалните насоки, но сега разбирам дека вистинскиот алпинизам оди по патеките на вертикалната авантура – физичка и ментална. Поради тоа правам обиди, некогаш успешно, а некогаш не - во зимски услови, по нови насоки, пречења – обидувајќи се да го направам тоа што ни е оставено од страна на алпинистите од минатото. Со други зборови се обидувам да создадам мој алпинизам – а не клон како што толку добро се правеше во минатото.
Денес алпинизмот во Европа е сведен на кратковидост и има многу малку имагинација. Со неколку исклучоци алпинистите се категоризираат на ист начин во однос на нивното качување, начин на размислување, во однос на зборувањето за самите себе и во однос на правецот на нивната „кариера“. Неискачените планини, нови насоки на непознати страни, повторување на еднаш искачени и повторно не посетени насоки, зимски искачувања, пречења на неколку планини и други слични форми – недостасуваат во моменталниот тренд на алпинизмот. Само малкумина се свртуваат кон овој начин на авантура и најчесто тоа се алпинисти од Источна Европа - ретки иднивидуи од националната или интернационалната панорама.
Постојат многу причини за оваа ситуација, а две од најглавните се прво - дека не може да се прифати неуспехот, а второ дека за пошироката јавност нема да може да се направи споредба со искачување на врв преку 8000м (ако е избрана планина од 6000 или 7000м). Треба само да погледнеме некој интернет сајт за пред и пост монсунските сезони и ќе наидете на толку многу информации за искачувањата на највискоте врвови. Но Боже мој – тоа се сé исти информации – подредени... Искачувањето на планините секогаш е исполнето со несигурност и тешка работа – но покрај физичкиот напор потребна е и имагинација, инвентивност и глад за непознатото и авантура.
Исто така не се работи за тоа дали некој има или нема сателитски телефон и дека тоа е во спротивност со погоре напишаното. Со употреба на инструментите за комуникација може да се напишат големи страни за вистинскиот алпинизам, но исто така и досадни и претерани приказни за влечкање нагоре по планина која претходно била искачена стотици пати во истиот стил и по истата патека. И неуспехот има поинаков вкус кога обидот за искачување е направен во еден иновативен стил – целосно различен од вообичаените клишеа.
Најчесто поставувани прашања во глобалното село на фановите на алпинизмот и планинарењето се: „Колку врва преку 8000м си качил?“, „Колку пати си се качил на Еверест?“... Овие работи изгледа се некоја мерка колку денес некој е заслужен... Ако работиш некој друг вид на алпинизам, ако се изразуваш на неколку различни јазици или напишеш книга (и не дозволиш некој друг да ги напише наместо тебе), ако се движиш добро на секаков терен (карпа, мраз, микс терен), ако можеш да опишеш на чист начин што работиш и чувствуваш, ако зборуваш за успех и неуспех со ист тон во гласот – луѓето тогаш те гледаат во лошо светло и не постои толеранција во очите и умовите од главните ликови на алпинистичката сцена. Реакција на горенапишаните квалитети се критика и недоверба....
Проектот
Се обидов во еден проект да ги материјализирам концептите на висина, изолираност, несигурност, авантура и непознато.
Факт е дека постојат стотици неузурпирани и неистражени планини на нашата планета и јас сакав да откријам која е највисоката. Батура 2 (7762м) е планина во Пакистан, во западниот дел од Каракорам - во групата Батура Музтаг. Батура 2 исто така е позната како Пик 31 и Хунза Кунџи. Беше многу тешко да се најдат информации за историјата на оваа планина. Многу сајтови и неколку публикации ја имаа ставено во списокот на искачени планини од страна на јапонската експедиција во 1978 година. Сепак добив многу добро испитани податоци од страна на Германецот Волфганг Хајшел. Според неговите истражувања оваа планина никогаш не била искачена и на нејзе биле направени 4 обиди. Првиот обид бил во 1959 година од страна на англиско – германска експедиција, а вториот во 1978 година од страна на јапонска експедиција (кои по несупешниот обид по јужната страна на Батура 2, ја искачиле Батура 4 – алпинистите Ишикава Ито и Макото Охкубо). Овие инормации биле добиени од Ито. Третиот обид бил од страна на полска експедиција во 1983 година, но тие по неуспешниот обид се искачиле на Батура 1. Четвртиот обид е направен во 2002 година од страна на германска експедиција. Алпинизмот е жив. Постојат алпинисти кои се обидуваат да избегаат од фосилизацијата и јас на мој мал начин се обидувам да помогнам во оваа промена.
Батура 2 е највисоката неискачена планина на планетава. Иако постојат други врвови-сателити со повисока височина кои исто така чекаат на нивно прво искачување – сепак тие се само сателити, а Батура 2 е независна и автономна планина дел од групата Батура Музтаг. Наша цел е јужната страна на оваа планина – потешка, но побезбедна од западната страна. Тоа е истата страна по која се одвивале и претходните обиди и ние ќе се обидеме по сосема нова насока од претходните. Мој партнер ќе биде италијанскиот алпинист Херве Бармас... |