Духот на авантурата – Вил Стегер
Во раните 60-ти со еден мој пријател од Минеаполис зедовме еден расклопувачки 8-метарски кајак во Јуно на Алјаска. Планиравме да го поминеме Внатрешниот Премин на Алјаска, што се покажа како многу диво и опасно патување. Се боревме со невремиња и бубачки, а во текот на целото веслање, постојано бевме во придружба на китови-убијци. Кога конечно стигнавме до Скегвеј, требаше да преминеме пат од 50-тина километри кој носеше до главното течение на реката Јукон. Од таму веславме до Арктичкиот Круг каде што го расклопивме кајакот и автостопиравме до Минеаполис токму на време за новата учебна година на факултетот.
Тоа беше добро време за аванутра, бидјќи многу од областите низ кои минувавме беа означени како „го нема на мапа“. Тоа беа само големи, бели делови на мапите. Токму овде ние ги сретнавме последните живи луѓе кои дошле овде да бараат злато во 1898 година. Тие сé уште живееја во своите кабини, длабоко во дивината и беа среќни што гледаат двајца млади момци кои бараа спас од невремето. Имам магливо сеќавање за тоа како седам со нив покрај печките на дрва, жалејќи се на комарците и слушајќи ги нивните приказни за „старите времиња“.
Овој тип на авантура беше нешто ново за мене. Имав 18 години и во поголемиот дел од патувањето се чувствував мизерно. За време на честите невремиња на отворено море, се плашев за својот живот. Ми недостасуваше домот и сувиот кревет.
Жалејќи им се на нашите домаќини, тие само промрмореа: „О, ќе се вратите назад момци. Запомнете ги нашите зборови – ќе се вратите.“ Во тоа време можев да се кладам со големи пари дека грешат.
Тоа патување го промени мојот живот. Неколку месеци по нашето враќање дома, се фатив себе си како нарачувам нови мапи и обележувам нова насока која ќе не одведе следното лето 5000 километри – од Жаспер, Алберта сé до Арктичкиот Океан. Потоа следуваа патувања до врвови на неискачени планини и спуштања по диви реки. Следуваа десетици илјади километри поминати со кану или санки со кучиња. Следуваа патувања на Северниот Пол и преку Антарктикот. Цели триесет години.
Зошто? Тоа е прашање кое најчесто ми го поставуваат. „Зошто вакви авантури?“
Никогаш не било лесно да се одговори. Исто како да се обидувате да го опишете мирисот на некое цвеќе. Треба да се доживее. Некогаш се обидувам да направам своја верзија на „Затоа што е таму“, а друг пат одговарам загадоночно.
Авантурата е очигледна и природна за децата и ретко добивам „Зошто“ прашање од помлади од 16 години (Децата обично сакаат одговор на големи прашања: „Како одите во ВеЦе кога е под –30 степени?“)
„Зошто авантура?“ е прашање на возрасните. Кога сме возрасни, нашите инстинкти се заменети со аналитика и расудување. Нема повеќе спонтаност. Уште како тинејџер ги сакав авантурите. Мои цели беа неискачени планини, далечни и диви реки – постојано имаше ризик и возбуда. Постоеше чувство на откривање: земја која ја гледав за прв пат – илјадници и илјадници километри непозната и нескротена дивина. Во тој период како и сите други имав нескротлив ум, но таа убавина ме успори и за прв пат можев да живеам во моментот. Сé што гледав беше убавина. Секаде. Ако ова се обидам да и го објаснам на некоја млада личност, тој или таа би рекле „Па секако.“
Денес постои мислење дека откако највисоките планини се искачени и Половите достигнати, нема повеќе можност за авантура. Авантурата е во индивидуата. Таа е толку близу до нас како облекувањето на чевлите секое утро и излегувањето низ вратата. И не се работи за награда, за пари, за целта, за златото. Роберт Сервис во својата поема „Магијата на Јукон“ совршено објаснува: „Не го барам златото / туку потрагата по златото.“ Тоа е авантурата – пронаоѓањето на нештото.
Тоа повторно е однос на младите – дете не би знаело што да прави со златото кога би му го дале. Кога отидов на Алјаска имав 18 години и таму сретнав старци кои многу одамна дошле таму во потрага по злато и се прашував зошто сé уште се таму. „Ќе се вратите момци,“ ни рекоа, веројатно чувствувајќи дека тоа што нив ги задржало таму – нивниот младешки и авантуристички дух – е присутен и во нивните гости.
После таа авантура во Јукон многу брзо заборавив на лошите искуства и ја поминав следната година сонувајќи за повторување на тоа искуство. Сакав да се вратам на тоа место – место во дивината – место кое е во мојот дух. |