„Ти не си втор, ти си голем“ – биографија на Јежи Кукучка (автор: Петар Атанасов)


-12.11.2014, Игор Т.

Зошто токму оваа книга?

Во 2009-тата година, на тогашното издание на планинскиот филмски фестивал во Банско, веќе по неколку прочитани страни, веднаш почувствував потреба да ја преведам и да ја направам достапна за што поголем број на луѓе и кај нас во Македонија: за сите кои се веќе инволвирани во планинските спортови, но и за целата јавност – за едукација (промовирање на вистински алпинистички вредности) која и тоа колку ни е потребна!

Најмалку две работи ми оставија впечаток. Првата: од некои 160-тина страни, авторот многу умно, на самиот почеток, 20-тина страни посветува на претставување на развојот на планинскиот спорт во Полска – започнувајќи со планините во Полска, а потоа и преку споменувања на истражувања и искачувања во сите поголеми и помали планински масиви насекаде на планетава. И тоа конкретно: со имиња на истражувачи и алпинисти, со години – детално. Тоа ме радуваше. Многу ме исполни! Бев среќен за таа заедница, која се погрижила тие информации да бидат документирани и достапни секому и да бидат силна основа/темел за следните генерации: да ја следат/да се свесни за таа еволуција и соодветно да го трасираат патот на нивните искачувања/надминувања и соодветно да ги вреднуваат своите активности, без простор за субјективно вреднување на работите. Или барем се остава многу малку простор за тоа...

Втората работа која всушност се надоврзува на претходно напишаното е веќе започнувањето на описот на подготoвките/планирањата на хималајските експедиции од страна на полските алпинисти. Се надоврзува на претходното, бидејќи откако гледате што се’ како спортисти Полјаците го правеле во претходните децении, па и векови – изборот во највисоките планини да качуваат во зимски услови доаѓа многу „нормално“. Го одбиваат медиокритетот! И тоа е силна порака која потоа се претставува директно или индиректно во книгата преку описот на искачувањата на 14-те највисоки планини во светот, кои ги прави Кукучка.

Пораката за зачувување и свесност за својата (па и светска) спортска историја и избор на стил пред се’ - за идните акции! Тоа се двете работи кои основно ме инспирираа да ја преведам книгата...

Зборовите на таткото на зимскиот полски хималаизам искажани уште пред повеќе од 35 години силно ме инспирираа! Во момент кога ним како спортисти, им приоѓа државна институција која им нуди пари за национална експедиција на Еверест (го парафразирам ова), тој го одбива тоа „само по себе“ како идеја велејќи: “Се мислеше дека најпрво треба да биде организирано летна експедиција. Бев противник на таквото мислење, затоа што направените трошоци немаше да бидат пропорционални на спортското достигнување. По искачувањето на највисокиот врв од над 100 луѓе, неговото достигнување по класичната насока во текот на летото не би имало никакво значење за светскиот алпинизам и би послужило единствено за задоволување на нашите сопствени амбиции.“
И ќе повторам – ова се зборови од пред повеќе од 35 години!



Изборот на стил на качување во највисоките планини е водилка во оваа книга потоа преку делата на Кукучка: кои зборуваат за искачувања и во алпинистички стил (без користење на фиксни јажиња, без висински носачи, без користење на дополнителен кислород...), од 14 - 11 искачувања се направени по (тешки) нови насоки или во зимски услови, соло, ски спуштање... Сите 14 во 8 години... И за сето тоа – Меѓународниот Олимписки Комитет му доделува Сребрено одличие (во 1988-мата година)!!!

Уште само една забелешка. Книгата е напишана во крајот на 1980-тите години т.е. како што пишува самиот автор „оваа книга е напишана пред 20 години“. Но, тоа е од моментот на нејзино објавување - во 2009-тата година. Значи книгата е напишана во едно време кога некои политичко/економски ситуации во светот биле поинакви: се споменуваат имиња на држави кои денес веќе не постојат, се споменуваат податоци (како на пример „таксите за врвовите се поскапи ваму отколку таму“) кои исто така денес повеќе можеби не се исти... Ве молам да го имате тоа во предвид при читањето. Тоа што според мене е важно во книгата, таа многу важна порака - ќе ве обземе уште од самиот почеток како водилка и овие други работи ќе бидат скоро и неприметливи.

Изразувам голема благодарност до Амбасадата на Република Полска во Скопје за финансиската поддршка без која немаше да се случи оваа книга да излезе на македонски јазик (знам, бидејќи таа е преведена уште пред 4 години) и до целиот тим на нашиот Планински филмски фестивал ЕХО – за целата енергија!

Книгата во моментов може да се порача или преку ЕХО (ehofilmfest.mk) или да се купи од продавницата Outdoor.mk во Скопје. Цена: 250,- денари

Copyright © Alpinizam.org