Кратка посета на Белата Долина
- Игор Т., 2003г.
По долго патување од Македонија пристигнавме во Шамони каде што се сместивме во еден од камповите во овој прекрасен француски град каде се чувствувавме „како дома“. Сé во градот дише заедно со планините: качување (насекаде гледате луѓе како се движат натаму-наваму низ градот носејќи ранци на себе и појас за качување на кој сé уште виси опрема), планински велосипедизам (неколку пати имавме блсика средба (не знам од кој вид) со велосипедисти облечени како робокап кои минуваа по тесните патеки со брзина на светлината), пешачење, параглајдерство… На некои куќи имаше слики со мотиви од качување, во кината се прикажуваа филмови со планини… Беше неверојатно.
Сепак поради тоа што немавме многу време за задржување, се одлучивме веднаш, веќе наредниот ден, да одиме во планините. Утрото ја одбравме опремата што ни беше потребна во согласност со тоа што планиравме да го качуваме и се упативме кон жичарата на Ејги ду Миди(3842м).
По фасцинантното возење преку северната страна на оваа игла пристигнавме во нејзините тунели на врвот заедно со голема група туристи кои од платформите на надворешната страна сакаа да имаат поблизок поглед кон Монт Блан и околните планини.
Тука во тунелите, покрај излезите кон набљудувачките платформи кои се цел на туристите има еден излез означен со разни флуоресцентни знаци („Опасност!“) и огради кои ги предупредуваат „другите“ луѓе да не продолжуваат понатаму без соодветна опрема. Кога почнавме да ги ставаме дерезите и ги извадивме цепините под будно око на туристите во тие моменти се чувствував како сега да се подготвуваме да скокнеме од авион, а ранците како да се наши падобрани. Силна светлина влегува внатре во темните тунели од надвор – ги ставивме шлемовите, ги поднаместивме наочарите и полека зачекоривме „во непознатото“ – после неколку месеци (бидејќи сега беше месец Јули) прв пат го слушнав звукот на стапнување во снег и беше супер…
Надвор кон долината се познаваше добро истапкана патека, но сега на неа немаше многу луѓе. Си помислив дека тоа е можеби поради предупредувањето во Шамони да не се оди таму со почетници(клиенти) поради отворени големи пукнатини во мразот поради многу високите температури во тој период. Кога конечно дојдовме во долината, која е како бела рамнина опкружена со карпести врвови, таму имаше уште само десетина шатори. Имаше убав поглед – ду Миди, ду Такул, Жораз во далечината… Но сонцето навистина го затоплуваше теренот и одеднаш тишината беше прекината од силен звук создаден од одрон по Триаголникот на ду Такул. Веднаш ги свртевме погледите натаму и видовме големи блокови како паѓаат кон подножјето на страната следени од облак прашина. Сите други луѓе наоколу – од другите шатори, а и тие што качуваа по јужноисточниот столб на ду Миди гледаа кон одронот. По неколку секунди сите продолживме со тоа што го правевме. Но ова беше предупредување…
Гледавме кон јужно-јужнозападниот Космик гребен на Ејги ду Миди кој сакавме да го поминеме следниот ден, а исто така сакавме да се качиме на Монт Блан ду Такул(4248м) преку неговата нормална северозападна страна. Во далечината можев да приметам црни точки како се движат по Страната и можев да ја следам линијата…
Сепак ноќта одлучивме да одиме кон Монт Блан (4807м) преку ду Такул и Монт Маудит (4465м). Не бевме аклиматизирани, но и не почувствувавме никакви проблеми одејќи преку ду Такул и качувајќи се на Маудит. Сепак поради тоа што тргнавме релативно доцна веќе беше премногу топло… На Маудит стигнавме до точка кога пред нас се издигнуваше 70-тина метри вертикален дел преку кој требаше да качуваме од каде што потоа следуваа лесни 2-3 часа пешачење до врвот на Монт Блан. Кога стигнавме таму, неколку наврски (групи алпинисти), веќе се враќаа, а кога стигнавме до почетокот на вертикалата, требаше да почекаме уште две наврски да абзајлуваат надолу. Качувањето беше страшно. Под многу тенкиот слој мраз се слушаше како тече вода по карпата под мразот…Сé ова можеше во секој момент да падне врз нас и мојата интуиција (страв ако сакате) ми велеше да се вратам. Весна ме обезбедуваше да се вратам надолу и кога дојдовме до побезбедно место седнавме малку да поткаснеме и да пиеме течности. Беше доволно како за втор ден (воопшто) на Алпите…
Следниот ден решивме да одиме на Космик гребенот. Оваа насока прв пат била качена од Финч наврската на 29-ти Август 1911 година. Гребенот е долг околу 260метри и ни беа потребни околу 2 часа да го поминеме. Вкупната оцена е PD + со детал од IV во последните должини. Иако се препорачува како „вовед во микс качувањето во Алпите“ во текот на целата насока дали имаше едвај 15-тина метри снег – пред издигнувањето на последните должини кои носат до набљудувачките платформи.
Прекрасно си поминавме поради тоа што од насоката имавме поглед кон Шамони (2000метри подоле од нас) од едната страна и Белата Долина од другата. Пристигнувањето на платформите е преку скали кои ве носат токму во средината на најголемата гужва. Наврзани на јажето, со целата опрема која тропа и виси на нас, беше навистина тешко. Се чувствувавме како да сме паднале од друга планета. Можевме да слушнеме и видиме како стотина туристи ги вперуваат своите камери кон нас... Сакавме да се тргнеме од тука што поскоро и да се симнеме во долината. Токму кога стигнавме до излезот од тунелите мала група Јапонски туристи не опкружи со возбуда од можноста да се сликаат со нас. Беа толку среќни и цело време извикнуваа „...храбри луѓе...“ Кога бевме повторно на снегот далеку од сета таа гужва, повторно бевме среќни...
Кога се симнавме во долината слушнавме временска прогноза во блискиот планинарски дом дека временските услови ќе се влошат од наредниот ден. Решивме по пречењето утре, да се симнеме во Шамони – оваа посета сакавме да ја искористиме за аклиматизација за друг проект кој сакавме да го изведеме во Италија…
Во текот на ноќта неколку пати не будеа силни грмотевици – како планината да се распаѓаше. Во 2 часот сабајлето станавме и почнавме да се подготвуваме. Овој пат пред нас имаше десетина луѓе. Немаше „навалица“ поради тоа што небото беше темно некако. По некое време стигнавме и до границите со кревасите – големи пукнатини во снегот. Во тој момент до нас дојде еден осамен качувач и не запраша дали може да се приклучи на нашето јаже. Беше Шпанец и имал проблеми со будење на својот партнер толку рано и овде кај пукнатините се почувствувал небезбедно. Го прифативме и продолживме. Беше потполно различно од пред два дена. Кога дојдовме до највисоката точка на ду Такул тука како да се имаше спуштено сива завеса и не се гледаше ништо од тука понатаму. Сите правеа само кратко, 30-минутно пропешачување до врвот и се симнуваа. И ние така направивме и кога почнавме да се симнуваме почна силно да врне снег и тоа во облик на ситни топчиња кои беа како џамлии по патеката. Весна беше прва на јажето надолу, јас во средина, а Шпанецот (не сум добар во помнење имиња) беше последен. Во еден момент слушнав чуден извик од него и со крајот на очите видов како се лизнува надолу. Веднаш го забив цепинот во снегот и и викнав на Весна да го направи истото. Сé се случуваше многу брзо, но за среќа падината не беше многу стрмна, а новиот снег го успори неговиот пад. Почувствуав слабо потегнување на јажето, но не бев повлечен. После овој инцидент беше уште поблагодарен што го прифативме да се наврзе на нашето јаже. Времето стануваше сé полошо и полошо, а кога стигнавме на долината, ветерот скоро го откорна шаторот од површината, но сé внатре што беше оставено беше испревртено. Со големи маки се спакувавме и тргнавме кон жичарата – таму сега немаше туристи – само ние и некои други алпинисти.
Долу во Шамони, кога погледнав нагоре кон небото, тоа беше сиво и изгледаше како невреме да надоаѓа од околните планини. Одлучивме да останеме овде уште еден ден, а потоа заминавме за Италија… |