Партнери:



- ГАЛЕРИЈА: фотки од ова искачување!!!

Share

Пиц Бадиле (3308м)

-20.08.2011г., Игор Т.

Уште една убава класика!
Следејќи ги Касин, Рати, Еспозито, Молтени и Валсеки - VI+, 800м

Нешто како вовед
Пред 10-тина година ја купив книгата на францускиот алпинист Гастон Ребуфа, „Сјај од ѕвездите и невреме“, во која тој ги опишува своите искуства на 6-те големи северни страни во Алпите, т.е. карпите на Големата Кула на Лаваредо, Пиц Бадиле, Дру, Ајгер, Матерхорн и Гранд Жораз. За Бадиле тој пишува:
„Пиц Бадиле се наоѓа во најволшебното планинско опкружување кое би можеле да си го замислите, во долината Бондаска, Тичино. Овде сé е прекрасно подредено, од длабочините на долината па сé до витките врвови од светол гранит... Патот кој води кон врвовите засекува длабоко низ густите и миризливи шуми. Кога ќе се поминат мовестите клисури се стигнува до планински амфитеатар. Овде царува мирот. Единствениот звук и единственото движење е тоа на брзаците и водопадите кои се раѓаат од матката на вечните глечери, кога тие бучно минуваат низ овој свет на тишина, чиј единствен живот е бавниот ритам на сезоните... Тоа е романтична сцена. Овде човек е во искушение само да седи, набљудува и впивува. Воздухот е исполнет со вкусен мирис на трева, смола и остро ветре. Овде човек заборава на сé, па дури и на тоа дека дошол да качува. Пиц Бадиле е со скромна височна од 3308м. Не е опкружен од огромни глечери, ниту пак соседните врвови посебно се истакнуваат. Но северо-источната страна претставува карпа од 1000 метри височина и е мазна, исправена и правилна до совршенство...“

Малку историја
Првото искачување на планината е направено на 27-ми јули 1867 година преку јужниот гребен (од италијанска страна). Северниот гребен (од швајцарска страна) на планината е искачен на 4-ти август 1923 година. Северо-источната страна е прв пат искачена од италијанските алпинисти Рикардо Касин, Виторио Рати, Џино Еспозито, Марио Молтени и Џузепе Валсеки во период од три дена (14-16 јули) во 1937 година. Групата била фатена во невреме (врнежи на дожд и снег) и поради истоштеност, Молтени и Валсеки при сиимнувањето починале. Второто искачување на оваа насока е направено од француските алпинисти Гастон Ребуфа и Бернард Пјер 12 години подоцна (исто во период од 3 дена поради невреме). Од тогаш се направени многу насоки и варијанти во оваа страна, при што можеби позначајни повторувања се: првото соло искачување од страна на Херман Бул во јули 1952 година; првото зимско искачување (од група на 6 алпинисти - тројца Италијанци: Паоло Арманди, Џани Калцањо и Алесандро Гоња и тројца Швајцарци: Камил Бурнисен, Мишел Дарбели и Даниел Троиле) во период од 12 дена (од 21-ви декември 1967 до 2-ри јануари 1968 година) и првото соло-зимско искачување од страна на Фабио Валсекини во периодот 26-31-ви декември 2006 година.

Нашето искуство
По околу еден месец исчекување (читај „нервирање“ :)) временските услови на оваа планина да се поправат, конечно со првите знаци дека ќе следува период од 3-4 „чисти“ дена, одлучивме веднаш да заминеме кон Швајцарија.

Последните два дена од врнежливото време решивме да ги искористиме за патување до Бондо, а потоа и до планинскиот дом Саск Фура (1900мнв), следниот ден да го провериме пристапот и да почекаме малку карпата да се исуши и веќе следниот ден да качуваме.

Имавме среќа точно така и да биде. Искрено бев малку скептичен околу точноста на прогнозата со оглед на тоа што дождот врнеше сé до приквечерието на вториот ден (нé наврна и во текот на нашиот пристап до домот), но следниот ден немаше ниту облаче – светло сино небо и моќна гранитна карпа! Денот го искористивме да ја изодиме патеката од домот до карпата за да се запознаеме со тој пристап со оглед на тоа што следниот ден требаше да станеме во 4 часот наутро и сакавме да се движиме по познат терен и сигурно и брзо да стигнеме до почетокот на насоката.

Дури кога излеговме од шумата над домот и кога веќе бевме на половина пат од пристапот, кој во тие моменти е преку крупен сипар и убави плочи, почнавме да се чувствуваме многу порелаксирани и сигурни дека следниот ден ќе качуваме. Па само една недела претходно преку е-маил домарката на Саск Фура нé извести дека времето постојано било лошо и дека до тој момент на насоката намало повторување во оваа сезона... Ние ја следевме прогнозата уште од почетокот на јули и тој е-маил на Хајди (домарката) дополнително нé растревожи.

Сепак сето тоа беше зад нас, карпата беше релативно сува, освен на некои места каде течеше вода од топењето на снегот високо во страната, но знаевме од сите информации кои ги имавме гледано за насоката, дека линијата која планиравме да ја повториме – „бега“ од влагата следејќи систем на жлебови движејќи се десно во дијагонално... Тоа и беше многу логично со оглед на тоа што првите качувачи биле зафатени од тешко невреме и биле принудени покрај тоа да бараат логичен пат во карпата, исто така и да ги избегнуваат тие места каде има повеќе влага.

И така би – следниот ден (на 10-ти август) околу 4 часот наутро станавме, поткаснавме нешто и тргнавме кон Бадиле. Имаше и други светулки пред и по нас... За еден и пол час стигнавме до седлото од кое се одвојуваат северниот гребен и денешниот пристап за северо-источната страна. Од таа точка која се наоѓа на околу 2500 мнв, прво има терен по кој со внимателно симнување (има можност и за абзел) се стигнува до убава пречка (70-тина метри) од каде по околу една должина II/III се стигнува до најчестиот влез денеска во насоката – жлебот на Ребуфа. Пред нас имаше 2 наврски, а исто толку и зад нас, но распоредот беше скоро совршен, сите се движеа добро и скоро и да немаше застој во насоката. Освен во првата VI+ должина и над „Средната полица“ (повторно комбинација од VI+/VI должини). Како и да е генерално не беше проблем движењето, а од друга страна исто така, наврските пред нас и ни служеа како „ориентација“ во карпата (насоката). Сепак не се потпиравме целосно на нивните одлуки и си проверувавме според скиците кои ги имавме точно каде оди насоката. (Во еден момент една од тие наврски имаше погрешено во проценката и направи голем одрон кој падна на само 10-тина метри од нас)

После долго време исчекување (да - повторно читај „нервирање“) конечно мир. Го допираме гранитот, го следиме жлебот на Ребуфа, дијагоналната пукнатина во лево, првите тежини, првите леснини :) Беше супер. Уживавме. Карпата е совршено цврста освен на моменти кои генерално скоро и не се приметуваат и тоа овозможува вистинско уживање при поминување на сите тие детали во слободен стил. На „Средната полица“ имавме одмор. Овде нагоре почнуваа неколку потешки должини, но поради цврстината на карпата повторно – само уживање. Од овде по неколку должини се влегува во познатиот систем на жлебови и камини во насоката. Овде веќе неколку часа претходно бевме во сенка и имаше мраз во пукнатините кои ги следат овие форми, но сепак со внимателно движење ги поминавме добро и овие детали.

По околу 9 часа качување (за околу 20 должини) излеговме на северниот гребен. Прв пат сонце по неколку часа, но силен ветер. По гребенот продолживме да се движиме кон врвот и таму стигнавме по околу 4 должини и Велшаните кои беа пред нас ни рекоа дека има место за три наврски (6 луѓе) во бивак засолништето и дека точно тие, ние и Словенците кои беа во текот на насоката зад нас ќе можеме да преспиеме внатре.

Не планиравме да се симнуваме по северниот гребен – кој е долг и има многу абзели, но и многу луѓе беа на него тој ден кои во тие моменти се симнуваа по него, а со оглед на тоа што за некој час ќе се стемнеше, одлучивме да се симнеме преку јужниот гребен следното утро. Ми се допадна тој момент: релаксирано качувавме и без брзање и сега ќе имаме можност да преспиеме на врвот со неверојатен поглед насекаде околу нас...

Следниот ден (11-ти август) почнавме со симнувањето и по комбинација од 7 абзели и симнување за околу час и половина бевме во подножјето и од таму за околу еден час до планинскиот дом Џанети – во Италија. Таму се одморивме малку, убаво ја спакувавме опремата во ранците и почнавме со пешачењето по сипари од најразлични големини од овој дом, назад кон „нашиот“ (Саск Фура во Швацарија). Тешко е да се опише прошетката. Беше заморно со поминување на неколку долини и премини, но беше убаво! Многу убава сцена!

За ова враќање ни беа потребни околу 7 часа. Може секако и побрзо, но ние не се брзавме никаде. Бевме среќни за качувањето и решивме да се одмориме повторно во Саск Фура, а да не се симнуваме веднаш кон автомобилот така што си дадовме време да се насладуваме на погледот.

Тоа што го забележавме кога пристигнавме кај домот е тоа што ни беше потребно многу време да погледнеме повторно нагоре кон Бадиле. Кога пристигнавме првиот ден едвај чекавме да престане да врне и да се расчистат облаците и се радувавме на секој мал дел од карпата кој ќе се појавеше, а сега по три часа пристап и подготовки, 9 часа качување, спиење на врвот, 10 часа враќање и месеци и месеци (и години) сонување за овој проект, исполнети од целото искуство (или не знам од која друга причина) – едноставно како да не можевме да гледаме нагоре повеќе. Бевме презаситени – или каков и да беше тој момент... Следниот ден од домот за околу еден и пол час се симнавме кај паркингот и почнавме да се враќаме кон Скопје...

Пресреќни сме што имавме можност да следиме уште една убава класика. Убаво опкружување, убав врв, планина, карпа, насока, детали... Строго препорачливо за секој кој сака да доживее качување на убава карпа во убав алпски амбиент (или патагониски што би рекол Роландо Гариботи поради изгледот на сите тие гранитни врвови наоколу)!

Користена опрема
Единечно јаже од 60м со кое качувавме и едно тенко во ранец за подолги абзели, сет Rock Empire Axel френдови и плус големини 2 и 3 од сетот Flexor, сет Rock Empire Alu чокови, 7 комплети Rock Empire Wire, 4 Rock Empire dyneema гуртни од 10мм/60см и две од10мм/120см, 2 Rock Empire HMS 120 карабинери, 2 плочки, 2 Rock Empire SGN карабинери со матица. Сидриштата најчесто се опремени со по 2 експанзиони клина, на места има еден експанзионен и еден алпинистички клин, а на места треба да се направи сопствено сидриште со подолга гуртна околу карпа. Како точки за обезбедување во должините има алпинистички клинови (најчесто не доволно, а често и со сомнителен квалитет), но сепак карпата дава одлични можности за поставување на френдови и чокови...

Copyright © Alpinizam.org