Партнери:

Share

Жијево 2011

-22.07.2011г., Игор Т.

Алпинистички камп - јули 2011г.

Конечно во Црна Гора. По покана на Мали Алпинистички Клуб од Подгорица, учествувавме во овогодинешниот летен алпинистички камп во масивот Жијево. Среќни сме што бевме дел од прекрасна манифестација која ни овозможи (по неколку години посакување и сонување) да се запознаеме со дел од планините во оваа земја, да се запознаеме и со нашите колеги, пред сé организаторите, црногорските алпинисти, но и со претставници и од Србија и од Словенија.

Невозможно е а да нема суперлативи. Па макар им пораснале и ушите на организаторите :) Прекрасни луѓе кои направија да се чувствуваме како дома и многу безбедно во планините, прекрасен планински амбиент, фантастична карпа... Сé беше нај! Но ајде од почеток:

Ова е втор по ред летен алпинистички камп во овој масив и овој пат се одржа во периодот 13-17 јули. Базата беше во близината на Букумирското езеро на надморска височина од околу 1400 метри. Многу убаво планинско опкружување – маркантниот Пасјак (2025м), потоа Вељи Врх (2020м), Торач (1900мнв), Штитан (2147м), Сурдуп (највисок со 2168мнв)... Бевме воодушевени од амбиентот. Варовничкиот карактер овде овозможил богатство од форми и тоа целиот регион го прави многу интересен за уживање во планинските спортови.

Како да се стигне:
Од Скопје кон Букумирско езеро патувавме преку следниве места: Приштина-Печ-Рожаје-Беране-Андријевица-Матешево-Веруша-Букумирско езеро и за тие 330 километри ни беа потребни околу седум и пол часа возење. Патот до Веруша е асфалт, а од ова место до езерото патот е сосема во ред микс асфалт/макадам во должина од некои 15-тина километри.

И така
Пристигнавме на 13-ти и по споменатото возење имавме сила само за поставување на шатор и запознавање со теренот – направивме една трекинг тура кон јужниот гребен на Пасјак за да го видиме теренот преку кој се прави симнувањето. Следниот ден планиравме да качуваме во северната страна на овој врв. Конечно се запознавме и со црногорските алпинисти со кои до тогаш во изминативе години имавме само комуникација преку електронска пошта...

14-ти јули: Пасјак е навистина маркантен врв и гледајќи го како доминира над кампот навистина повикува. Со оглед на тоа што нашата „главна“ акција оваа година ќе се одвива во почетокот на август (за околу две недели од одржувањето на овој камп), си рековме дека би сакале да имаме опуштено искуство и да качуваме не потешки насоки од V. Целта на патувањето пред сé беше запознавање со планините и луѓето. Така за оваа планина одбравме насока која беше именувана “Тамна страна мјесеца“.

Во описот за насоката кој ни беше даден кога пристигнавме во кампот стоеше:
Први качувачи: Милош Ивачковиќ и Иван Лаковиќ, оцена: V, висина на насоката: 200м, должина на насоката: 300м, време на качување: 4часа, без прво повторување... Претходниот ден ја видовме карпата и генерално теренот изгледаше во ред. Па дури и помисливме дека го видовме и „изразениот кулоар (камин)“ во почетокот на втората половина на насоката, споменат во описот.

Од кампот тргнавме околу 8 часот и по околу еден час пристигнавме под првата карпеста бариера. Иако приодот до под страната беше скоро во сенка, сепак карпата беше во сонце (долната половина од насоката) и сакајќи да го скратиме бидувањето во терен со треви на таа температура, влеговме во дел од страната која најбрзо ја поминува оваа прва бариера и се стигнува до средишните полици од каде се издигнува горната половина.

Овде во описот пишуваше дека се следи изразен камин и потоа систем на кулоари. Решивме да влеземе во тоа што најмногу ни личеше на кулоар/камин во теренот пред нас (по широчината). По 20-тина метри во него во најтесниот дел направив сидриште – на место каде имаше клин со стара гуртна која ја извадив, а поставив и уште еден чок. Теренот над мене одеше во десно и сакав да ја минимизирам можноста од создавање на триење на јажето погоре во насоката - бидејќи качувавме со едно јаже. Во следните неколку метри најдов место каде да ставам гуртна на нешто како заб и потоа дури горе во почетокот на пукнатината која одеше во десно. Качувањето не ми изгледаше на V-ка како што пишуваше во описот, но нагоре кога го поминав овој дел изгледаше како насоката да продолжува во кулоари/жлебови и мислев дека сепак можеби „лошо сум влегол“ во деталот. По неколку должини во таков терен не поминувајќи поголема тежина од IV/V и совршена последна должина и излезен жлеб од IV-, бевме на врвот.

Беше убаво – убав поглед кон Штитан, Сурдуп, Торач, езерото... Карпата ни остави многу добар впечаток. Веројатно варовникот и не може да биде покомпактен и поцврст. Гранитен варовник :) По внимателно симнување по јужниот гребен и по веќе познатата патека од претходниот ден по околу два часа стигнавме до кампот. Таму нé прашаа за насоката и Иван ни рече дека сме поминале нова варијанта во тој дел – каминот и жлебовите над него. Гуртната која ја извадив од клинот била негова во обид тој да го помине тоа, но едноставно не му било ден тогаш и абзелувал... Ја крстивме варијантата „Згрешени“ и ако се смета дека и во почетокот влеговме во поинаков терен од тој на описот, се добива должина од 350 метри до тежина од најмногу IV/V со детал во каминот и краткото пречење во десно од VI-. Освен тој клин ниту долу ниту горе немаше друго постоечко обезбедување, но карпата фанастично соработува со чокови, френдови и гуртни! Беше вистинско задоволство да се работи во таков стил во таков амбиент!

15-ти јули: Локалитет: „Мала стијена“, насока „Опуштено“ (80м, VI-). Барем според името и на карпата и на насоката, искуството требаше да биде во согласност со за нас посакуваниот карактер на оваа акција – да биде опуштено. Со оглед на експонираноста на карпата, претпладнето го поминавме под церадата поставена над автомобилот и шаторот (немаше друг начин да се биде во сенка на местото на кампот) и некаде околу 1:30 часот попладнето тргнавме кон насоката. По околу 40-тина минути дојдовме до под карпата која веќе беше во сенка. Таму ни кажаа дека има шест постоечки насоки и бевме среќни по изгледот на почетокот на нашата избраничка.

Горниот дел беше малку налегнат, а првите 10-15 метри изгледаа многу добро: интересните „радијатори“ – плитки пукнатини кои се спуштаа вертикално доминираа во сцената. Иако на почетокот изгледаше како да нема можност за поставување на обезбедување, сепак формите и замислениот правец на движење и движења кои би ги правел ми даваа храброст. Исто така веќе добро знаевме дека карпата е фантасично цврста и дека нејзината структура овозможува одлично качување „на триење“ - во расчекор во радијаторите и при поминување на плочести делови. Беше уживање да се качуваат тие детали во чист стил! Потоа карпата се навалува и по полесен дел се продолжува до врвот. Сепак и овде многу убави форми преку кои навистина се прави фантастична комуникација со карпата.

16-ти јули: Сакавме да бидеме во сенка. Барем при качувањето. Од претходните денови увидовме дека пристапот наутро до Вељи Торач е во сенка, како и качувањето во него некаде веројатно до 11 часот пред пладне. Од кампот тргнавме нешто пред 7 часот и по околу еден час бевме под карпата.

Цел ни беше насоката „Мина“. Еве дел од описот:
Први качувачи: Милош Ивачковиќ и Иван Лаковиќ, датум: јули 2001г, оцена: VI+, висина на насоката 100м, должина на насоката: 150м, време на качување: 2часа, без континуирано прво повторување (П. Берижиќ во јули 2001г. ја повтори насоката така што го качи првиот дел, но поради дожд мораше да се врати. Следниот ден абзелуваше до сидриштето и од таму на топ роуп се качи до врвот.)

Претходниот ден го прашав Иван околу насоката и ми кажа за природата на насоката, каде се деталите и што да очекувам од аспект на обезбедување и квалитет на карпа.

Насоката ја поделивме на четири должини (може и во три, но јас таа средна должина ја поделив на две пократки за да ја минимизирам можноста од создавање на триење на јажето бидејќи качувавме со едно јаже, а линијата следи жлебови и лушпи кои одат лево-десно). Првата беше долга точно 60м – се искачив што повисоко во рампата за да стигнам до место каде би стоел или седел што подобро со оглед на тоа што веќе на таа висина таа има и нешто како жлеб, тераса... Во оваа должина иако најлесна некако најдолго качував. Техничката тежина не поминува повеќе од V, но карактерот на теренот (од време на време трева, нестабилни камчиња и сл.) ме тераше да качувам посебно внимателно.

Најтешкиот детал во насоката беше скоро веднаш над ова сидриште – една мевеста плоча која како да ве исфрла во половината кон надвор, а со рацете и нозете генерално се стои во ред на добра карпа. Многу добар момент – експониран над долините! Потоа нагоре се влегува во прекрасна (неопислива) лушпа која се движи во десно и која полека се шири во тесен камин (во кој не можевме целосно да влеземе бидејќи бевме со ранци).

Погоре споменав дека имало кршливи камчиња, но тие моменти целсоно завршуваат со првата должина. Нагоре карпата е фантастична! Совршено цврста, па дури и неверојатно цврста и стабилна и со одлична можност за поставување френдови и гуртни. Целата насока ја поминавме во чист стил. Па и не постои друг начин...
Последната должина е веќе сон! Ајде овие две кратки должини под нејзе можеби можам да ги опишам, но последната е неописливо искуство! Од долу нагоре се издигнуваат совршени плочи со веќе споменатите неколку пати во текстот – „радијатори“. Иако изгледа како да нема можност за обезбедување, сепак по неколку движења V/VI „на триење“, „дилфер“ во тие форми, одеднаш се појавува некое дупче кое одлично прима френд или гуртна. Не би трошел зборови за подетален опис – треба едноставно да се види тоа нешто!

Бевме среќни горе. Му кажав на Иван дека се туфкав малку во првата должина поради чудниот терен, но од моментот кога над првото сидриште се влегува во VI+ деталот, па потоа супер плочите V/VI, имавме насмевки на лицето сé до горе!

На врвот повторно многу убава можност да се ужива во погледот кон езерото, бачилата, планините... Со внимателно симнување стигнавме до патеката и од таму по едно кратка „јаготки-пауза“ бевме во кампот.

Сума сумарум
Си поминавме одлично! Нај! Дома неколку пати на пријателите пред тргнувањето им кажувавме дека одиме да си поминеме опуштено и дека би биле среќни и само една насока да качиме. Но кога бевме таму веќе беше тешко да се оддолее.

Дефинитивно посакувам што побрзо повторно таму. Качувањата можеби не се долги (100-300м), но тоа што многу исполнува е секако планинскиот амбиент, планинскиот карактер на качувањето, чистиот стил на качување за кој карпата е како создадена...

И повторно, ако некој од организаторите на кампот го чита овој текст, би сакал да изразам голема благодарност за нивната грижа за нас, за дружењето и тоа што навистина направија сé за да си поминеме најдобро. Кампот заслужува поголема посетеност, па се надевам дека следната година ќе заминеме во што поголем број!

Copyright © Alpinizam.org